Крик

Мака ми го фати грлото
Болка ми ги стега градите
И стравот бега од мене
Јас полека се спуштам кон врелото.

Ќе најдам ли таму ладовина
Или ќе ме опфати силна врелина
Затоа што не успеав
Да ти ја донесем Љубовта што ја налеав.

Прости ми за судовите
Кои ги земав во свои раце,
Извини за навредите
Кои ги научив од демоните.

Се прашував дали има гола ледина
Каде ќе се склонам од омарнина
Возмутен од тежината
Која умот ми го замагли
Да не разликувам сенка од припека
Да не се сетам на Твоите молитви.

Испружи рака Владичице
Подај ми крило Гулабице,
На земјава пуста и безводна
Да не останам без утеха.

Да не се фали душманот
Дека ми дојде до акот,
Дека ми го наполни срцето
Без мерка со неверие
Туку да остане паметење
На крајот кој го краси делото.

Песна си пеам безгласно
Зборови редам занемено
Ништо не мислам, ни зборувам –
Само на Тебе се надевам.

0-02-05-ce667cd3a13b65f3c226243f5d30c8c84122785c715490b209d351de5b0b7a4d_full

(Од збирката богољубива поезија „Манастирски води“, на сестринството
при Слепченскиот Претеченски манастир)