Во евангелската приказна за милосрдниот самарјанин, претходи дијалог помеѓу Христос и некој законик. Тој прашува: Учителе добар, што да направам, за да наследам живот вечен? (Лука 18,18).
А Христос му рече: Што е напишано во Законот? Како читаш? (Лука 10,26). Тој одговори и рече: Возљуби го Господа, твојот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа, со својата сила и со сите свои помисли; и својот ближен како себеси (Лука 10,27).
Нам треба да ни е важно, Христовото двојно прашање. Не само „што е напишано во законот?“ туку уште и „како читаш?“ Бидејќи, законот е напишан комплицирано. Тој не е даден како законик, туку како ребус. И треба правилно да го читаш. Во спротивен случај, човекот може да изнесе од него што душа му сака и тоа да го поткрепи со цитат. Но, тоа нема да биде правилен начин на читање.
Двојната заповед за љубовта спрема Бога и спрема ближниот на која христијанското уво и око се навикнати, не е запишана во законот црно на бело. Треба да ја пронајдеш, да ја откриеш во процесот на долгогодишниот труд на целата заедница, целиот народ.
Еве ги зборовите за љубовта спрема Бога од Книгата Повторени закони: Почуј, Израиле: Господ, нашиот Бог, е единствен Господ. Затоа сакај го Господа, твојот Бог, од сѐ срце, со сета душа твоја и со сите сили твои (5. Мојс. 6,4-5). Но, никаде покрај нема зборови за љубовта спрема ближниот. Треба да ги пронајдеш.
Зборови за љубовта спрема ближниот наоѓаме во книгата Левит (исклучително сложена, преполна заповеди поврзани за обреди, кои денес не можат да бидат исполнети, заради тоа што нема Старозаветен храм). Да не се одмаздува раката твоја и не биди им непријател на синовите од народот твој; туку сакај го ближниот свој како самиот себе; Јас сум Господ (3. Мојс. 19,18).
Потполно различни исечоци во морето Писма. Никакви непосредни врски дадени од самиот почеток. Но ете, некој ги пронајде и ги спои. Потоа, она што е пронајдено, претворено е во учење и учењето нашироко се предава. Тоа е правилно. Очигледно, имало и други, неправилни работи кои биле пронајдени, и погрешни доктрини. Затоа настапило прашањето: како читаш?
Она што лесно и едноставно го спојуваме, го пронајдоа и споија луѓето пред нас. Нам ни е многу од тоа изџвакано и ставено во уста. За славословието на Едносушната и Неразделива Троица насекаде да се изговара лесно и по навика, за чистотата на умот кој се моли и славослови беше потребна повеќе вековна борба на гигантите како што се Василиј и Григориј. Исто така, старите ни подарија вообичаено сфаќање на заповедите. Нема потреба сѐ повторно да смислуваме, туку треба на должен начин да го почитуваме трудот на претходниците.
Христос ја фалеше верата на фарисејот, но заповеда да не се постапува по неговите дела. Во суштина, го прекоруваше поради лицемерие. Истовремено, садукеите воопшто не ги пофали. Тие имале крива вера и соодветен живот. Требало сериозно да се разјасни прашањето чија вера е добра и покрај недостатоците во животот, а кај кого и едното и другото се трули. Ако тоа не го разјасниме, ќе ја прекршиме заповедта за лажно сведочење.
Христос го прашал фарисејот: како читаш? Нас, денеска е умесно да не прашаат: што читаш? Или: дали воопшто читаш? Во случај на негативен (а тој ќе преовладува) одговор, умесно би било да прашаш: зошто не читаш?
Само не треба да ги користиш оние изговори, „немам време“, „па, знаете, некако…“ и останатите. Не читаме затоа што не го сакаме Бога. Живееме како свињи и затоа не пребиваме во словото, и не се трудиме да живееме во него. Одговорите се поедноставни и погруби, отколку, што е навикнато толерантното уво на граѓанинот рамнодушен кон Бога.
Човекот треба да почне да чита, дури и ако не сфаќа најдобро што чита. Така постапи евнухот на етиопската царица, кој во деновите на апостолите го посетил Ерусалим за празникот. Духот, пак, му рече на Филипа (апостолот): Приближи се и застани до колата! Филип побрза, и, откако чу дека тој го чита пророк Исаија, му рече: Го разбираш ли тоа, што го читаш? Овој одговори: Како ќе можам да го разберам, ако некој не ме упати? Па го замоли Филипа да се качи и да седне до него. А местото од Писмото, што го читаше, беше ова: Како овца на колење беше одведен, и како што јагнето стои безгласно пред својот стригач, така и Он уста Своја не отвори. Во Неговото понижување Он беше лишен од праведен суд. А родот Негов кој ќе го објасни? Оти животот Негов се одзема од земјата (Дела ап. 8, 29-33).
Тоа е, патем речено, месијанско место во пророштвата, исклучително силно по смисла. Секој свештеник го чита на проскомидијата, припремајќи го Агнецот од просфората.
Значи, евнухот читал, не сфаќал и не се срамел да праша. Не е срамота да не знаеш. Срамота е ако човек не сака да знае или ако се прави дека знае, скривајќи го позади надуениот образ на елементарното незнаење. Тогаш Етиопјанинот проговори и му рече на Филипа: Те молам, за кого ова зборува пророкот, за себе или за некој друг? А Филип, откако ја отвори устата своја, почна да му објаснува од Писмото и да му благовести за Исуса (Дела ап. 8, 34-35).
Во разговорот за Исуса, во делот за благовестието, неук човек треба да бара за што да се фати. Неволја е ако нема за што да се фати. Филип најде, но заслугата е на евнухот, затоа што тој читаше.
Наскоро е извршено и крштевање.
И одејќи така патем, тие стигнаа до една вода; и Етиопјанинот рече: Еве вода! Што ми пречи да се крстам? А Филип му рече: Ако веруваш од сѐ срце – можеш. Тој одговори и рече: Верувам дека Исус Христос е Син Божји. И заповеда колата да запре, па му слегнаа во водата обајцата, и Филип и Етиопјанинот, и го крсти. А кога излегоа од водата, Духот Свети слегна над Етииопјанинот, а Филипа го грабна ангел Господов. И Етиопјанинот не го виде веќе, па радосно го продолжи својот пат (Дела ап. 8, 36-39).
Како читаш?
Што читаш?
Разбираш што читаш?
Зачудувачки важни прашања, иако луѓето не ги сфаќаат или иако ги занемаруваат, тоа укажува на пагански, а не на христијански свет.
Дојде Велигден и почна читањето на Делата апостолски. Значи, треба да почне и проповедта на темата Дела Апостолски. Ако не почне, на денот на ненадејната посета не треба да се бараат виновници. Така во Багдад гласниците викаа: „Слушајте и немојте да речете дека не сте чуле.“
Од книгата „Бегалец од светот“
Протоереј Андреј Ткачов
21/04/17
Превод: Младен Јовчески, дипломиран теолог
Извор: http://www.pravoslavie.ru