Снегот прекри сè со својата белина. Се ближеше најголемиот христијански празник.
Сите деца се радуваа со пакетчињата што ги добија во сиропиталиштето од хуманите луѓе. Само Никола стоеше замислен покрај прозорецот и ги поставуваше истите прашања: ,,Кои се моите родители, каде се, зошто ме оставија, зарем јас не им значев ништо?“ И така годините брзо минуваа, а Никола заврши средно училиште и се ожени. Не помина долго време и се роди неговата ќерка Верче. Таа беше најубавиот подарок на Никола за Божик. Но неговата среќа не траеше долго. Сопругата Маја доби работа во странство, а Никола не можеше да се одвои од неговиот град и најстарата црква на Балканот во која одеше на Литургија секоја недела и се молеше да ги пронајде своите родители.
Маја замина во Америка и ја зеде нивната ќерка. Поминаа неколку години, а Никола беше скршен од болка. Го мачеа мислите, прашањата, беше изморен од животот. Се преколнуваше себе си и се прашуваше што му згрешил на Господа. Но, никако не се откажуваше од црквата, од молитвата и од Бог во ниту еден момент. Секоја недела одеше на Литургија и долго се молеше. Се молеше и се надеваше дека неговото семејство ќе биде повторно заедно.
Никола напорно работеше како археолог и во слободното време пишуваше книги, а надежта не ја губеше во ниту еден момент.
Беше Бадник. Сите се собираа и заедно вечераа со своите најблиски во топлите домови, а Никола по вечерната молитва се упати кон најстарата црква каде напорно работеше долго време. Претпазливо ги собираше артефактите кои ги наоѓаа кај темелите на црквата. Одеднаш градскиот часовник означи шест часот, а гласот на една стара бабичка го тргна од мислите: ,,Земи синко, ова е најстарата икона во градот, Св. Нектариј е, иконава ќе ти донесе среќа и радост!“ Беше изненаден, но ја зеде иконата и си замина дома.
,,Што ќе правам сега? Пак сум сам.“ Ја запали свеќата, јадеше малку од пченицата и заспа, но иконата не ја испушташе од рацете. Утредента кога стана, погледна кон прозорецот – Снегот прекрил сè со својата чистота. Никола побрза кон црквата , а ја зеде и иконата. Долго стоеше и се молеше. Последен си замина, а неговото срце трепереше од радост. Кога се врати дома беше изненаден. Во дворот имаше многу стапалки направени на снегот. ,,Сигурно ова не е сон“ – помисли. Маја и Верче седеа на масата со еден човек и една жена. Долго се гледаа и се разбираа само со погледите. Маја му објасни каде и како ги пронашла неговите родители. Сега Никола им поставуваше прашања на неговите најблиски, а не на Бога. Среќата и љубовта беа насекаде во воздухот.
Држејќи ја цврсто иконата, Никола извика: ,,Ти благодарам Господе, за овој момент живеев, верував, се надевав…“
Божиќ е, а јас сум со моите најблиски!
автор: Гордана Трифуновска