Во Валаамскиот манастир радушно ги пречекува гостите чудесно добар, светол и жизнерадосен човек – игуменот Методиј (Петров), помошник на игуменот на Валаамскиот манастир, епископот Троицкиј Панкратиј за прием на многубројни гости и меѓународни делегации.
Во неговиот телефонски именик има телефони, родендени и имендени на голем број луѓе: претседателот на Русија, Владимир Владимирович Путин и неколку претставници на европските држави, раководители на државни корпорации и крупни компании, министри, пратеници, а притоа и на директорите на Сортавалскиот дом за инвалиди и Приозерскиот детски дом-интернат, сите пензионери на островот Валаам…
На секого од нив, тој секогаш ќе укаже помош – кому душевен или духовен совет, за сите се моли, сите ги помага, како што може: „Човекот е многу среќен, ако може да исполни нечија прозба, – смета отец Методиј. – Уште поголема среќа доживува оној, од кого ништо не бараат, но гледа, дека ближниот има потреба, но сепак, поради својата скромност се срами да праша, и човек сам одлучува да помогне. Но најверојатно, најсреќен човек на земјата е оној, кој во себе гради таков добар, чесен, уреден карактер, што да прави добро, за него претставува живот, дишење“.
Најтопли зборови за да му честита именден, о. Методиј ќе испрати и на обичен свештеник од далечната Доминиканска Република, и со истата љубов ќе му напише и на познат архиереј во целата Руска Православна Црква. Со многумина на Валаам тој служел Божествена Литургија и се причестувал со нив со Светите Христови Тајни. И за секој гостин, почнувајќи од простиот свештеник од далечни парохии и завршувајќи со член на Светиот Синод на Руската Православна Црква, о. Методиј ќе најде добри зборови и молитвена утеха.
Во 1985 г., дипломирајќи на Универзитетот Свети Кирил и Методиј во Скопје (Република Македонија), по специјалност „градежен инжинер“, тогаш уште младиот Венко Петров планирал да создаде семејство и да се пресели во Италија. Меѓутоа, седум години подоцна, тој зачекорува на монашкиот пат.
– Драг отец Методиј, раскажете ни за улогата на семејството во Вашиот монашки пат.
– Мојот дедо Петар изградил две цркви во Македонија. Тој имал осум деца, јас бев неговиот најмлад внук од најстарата ќерка. Уште како дете дедо ми ме водеше на служби. Тој не беше свештеник, туку обичен чтец во селската црква, во која одработи 70 години. Така што јас, за да дојдам до неговото служење на Господа, треба уште многу да служам. Дедо ми беше старешина на храм, имаше огнена љубов кон Бога, многу се грижеше за црковното благолепие, и јас преку него ја примив православната вера. Уште како дете, ја носев свеќата пред свештеникот за време на Литургијата.
Дедо Петар многу сакаше мачки. Во нашиот двор можеше да се насоберат и до 40 истовремено. Баба ми пак не можеше да поднесе мачки. Таа беше многу педантна, чиста и не ги чуваше дома, туку ќе ги фатеше со шамивче и ги фрлаше низ прозорот. Мачките ќе паднеа во лозјето, кое беше повеќе од 200 метри широко, и повторно се враќаа дома.
Се сеќавам дека после служба дедо ми ќе доведеше со него 30-40 гости, и бараше сите да ги почестиме со чај и да ги нагостиме. Тој многу ги сакаше луѓето. Беше бескрајно комуникативен. Мислам дека по неговите молитви, и јас наследив дел од неговата љубов кон луѓето.
Дедо Петар беше човек со величенствен дух. Кога умира праведник, а таквиот човек мора да остане во родот, и ти сфаќаш дека оној што се молел за народот, повеќе го нема. И треба да се застане на неговото место. Жребката падна врз мене. Мојот дедо се удостои предвреме да дознае за својата смрт. Кога дојде времето, Господ му го откри и времето и околностите на неговата смрт. Знаејќи дека ќе умре изутрината во 9 часот, дедо ми го викна мојот постар брат и го праша: „Утре во 9 часот ќе бидеш дома?“
– „Ќе бидам дедо“, одговорил брат ми.
-„По втор пат те прашувам, утре во 9 часот ќе бидеш дома?“
– „Ќе бидам дедо“ – повторно одговорил братот.
– «Буду дедушка», ответил брат.
– „По трет пат те прашувам, сигурно ќе бидеш?“..
– „Ќе бидам“, одговорил брат ми.
А брат ми беше гитарист, цела ноќ со другарите замина на гости, и сепак не дојде дома. Дедо ми умирајќи праша: „Каде е поголемиот брат?“
– „Не е тука“…
– „Тогаш, викнете го помалиот“, то ест мене. Јас влегов, му бакнав рака, по негово барање го пострижав, избричив. Тоа е еден вид на пројавување љубов кон старите, и кај нас во Македонија тоа е обичај. До ден денес ги помнам неговите очи полни со љубов. Тој ми ја стави неговата рака на срцето, и почна да ме благословува, да пророкува што ќе се случи со мене, раскажувајќи за целата моја иднина… И тогаш сфатив, дека на мои раце умре вистински молитвеник, и дека некој треба да го продолжи неговиот пат. Целото село дојде да го испрати до гробиштата. Тој ми прорече такви работи, што не можам да не го послушам.
– Всушност, го усполнувате она, што тој Ви го кажал?
– Да. Точно по 40 дена, јас веќе бев во манастир. И тогаш, повторно сфатив што е тоа волја Божја, кога Господ повикува да Му се служи. Зашто не знаеш во кој манастир и во која земја ќе го исполуваш тоа служење. Помислив, најпрвин ќе пробам на Света Гора, зашто до Света Гора имаше само 200 километри. Ако не успеам – ќе заминам за Ерусалим. За Русија, а уште повеќе за Валаам, тогаш не ни размислував.
Така, најпрвин заминав на Света Гора. Таму имав другар, тој сега е митрополит Наум, а тогаш обичен монах во манастирот Григоријат. Тој зеде благослов од игуменот на манастирот за да отидам на Света Гора. Ме пречекаа многу добро, ме сместија во подворјето на манастирот во Солун каде што поживеав само 12 дена. Секој ден со проигуменот на манастирот, одевме во министерството на Северна Грција за да добијам диамонитирион (дозвола, виза за поклоници на Света Гора – заб. ред.), за да влезам на Света Гора. А таму, една не многу благообразна сестра ќе го земеше пасошот и ми го фрлаше назад со зборовите: „Ти не можеш да одиш на Света Гора“. Јеромонах П. Се побуни: „Што правите?! Архимандрит Георгиј му благослови“. А секој игумен на Света Гора има статус на министер на Грција, и претставува непореклив авторитет. А мене ми рече – ќе пробаме утре.
Следниот ден, отидовме повторно. Таа, повторно гледајќи го мојот пасош на словен од Македонија, повторно ми го фрли в лице. Мене срцето ми крвареше. Си помислив – со солзи се молам на Мајката Божја, зошто не ме пушта? Што сум сторил толку страшно? А потоа, јеромонах П. се распраша, која е таа сестра. И се дозна, дека нејзиниот сопруг бил пилот. И бидејќи Грција влегува во Нато, своевремено нејзиниот сопруг во Виетнам бил соборен од руски војници. И таа, поради тоа ги мрази сите словени. Кога по трет пат ме одби, архимандрит Георгиј ми рече: „Можеби може да се вратите во Македонија и да научите грчки јазик, додека политичката ситуација меѓу Грција и Македонија не се стиши, а потоа ќе Ве земема на Света Гора“. А јас на тоа му реков: „Со родителите веќе се збогував; благословете ме да заминам во Русија!“. Тој ми рече: „Познавате некого во Русија?“ „Познавам“, му реков. Ме праша, кој конкретно, на што јас му реков дека ги знам отец Јован Кронштадски и преподобниот Серафим Саровски. Тогаш тој со насмевка ми рече: „Тогаш сè ќе биде во ред, имате многу добри пријатели!“ И по неговиот благослов јас дојдов во Русија, во Троицко-Сергиевата Лавра. За Ерусалим не се ни сетив.
Ми се посреќи. Кога бев во Бугарија, барав можност да дојдам во Русија, прашував: „How to get to Russia?“, и дури потоа сфатив дека ниту еден збор не знам на руски. Во тоа време совршено знаев македонски, српско-хрватски. И слободно зборував на англиски, германски, француски и италијански. А руски тогаш – ни збор. Воопшто. Никогаш претходно не сум бил во Русија и не знаев која е процедурата. Почнав да барам и Господ ме донесе во храмот на Св. Никола, кој е во центарот на Софија. Тогаш ми рекоа дека за 20 минути заминува возот за Русија. Побрзав на железничка, и гледам – 50 луѓе испраќаат некој руски свештеник, кој излезе дека бил јеромонах Лонгин (сега тој е Митрополит Саратовски и Вољски Лонгин). Како што дознав подоцна, тој тогаш го завршил своето образование во Софиската Духовна Академија Св. Климент Охридски и богословскиот факултет на Софискиот Државен Универзитет. За време на неговото студирање во Бугарија тој служел како обичен свештеник, без парохија во рускиот храм Св. Никола во Софија. Го замолив отец Лонгин да ми помогне. Тој ме погледна внимателно, ми постави неколку прашања, зеде еден човек од оние кои го испраќаа и му рече: „Помогнете му“. Тој всушност ме довери на Рускиот амбасадор во Бугарија, кој ми направи виза и на 21 август јас стигнав во Москва.
Во Москва ме пречека јеромонах Лонгин, отидовме во Лаврата, преку Јарославската железничка. А кога влеговме во метрото, кон нас доаѓаше толпа, петстотини луѓе, кои викаа: „Руцкој за претседател“. Толку радосно викаа, што и јас по нив „Руцкој за претседател“. А отец Лонгинг ме поправи: „Не викај, тој не е наш претседател“. Многу ми се допаѓаше метрото. Тогаш во Русија ми се допаѓаа само две работи – метрото и храмовите. Јас по образование сум градежен инжинер, затоа толку трепетно гледам на архитектурата, како и владиката Панкратиј (Епископот Троицки Панкратиј, по своето претходно образование е архитект).
– Која е улогата на упокоениот архимандрит Кирил (Павлов) на Вашиот монашки пат?
– Кога дојдовме во Лаврата, јеромонах Лонгин ми рече: „Да појдеме кај старецот, ако ти благослови, ќе останеш во Лаврата. Ако не, не лути се, оди најди си некое друго место. Кај нас во Лаврата никој не постапува без благослов на отец Кирил“. Јас многу се загрижив ште ќе ми рече старецот. Уште не ни влегов во неговата келија, кога слушнавме од зад вратата: „Македонецот нека остане во Лаврата“ – таква прозорливост покажа. Така јас и останав во Троицко-Сергиевата лавра. Тогаш таму имаше „конкурс“ – на едно место беа потребни по 40 луѓе. И проживеав таму половина година.
Со Владиката Панкратиј веднаш се спријателивме. Тогаш тој беше економ на Лаврата, а и мене ми даваа послушанија во економската служба. Кога приснопочитуваниот Патријарх Алексиј II го постави архимандритот Панкратиј за намесник на Валаамскиот манастир, тој веднаш ми предложи да заминам со него на островот. А јас тогаш за Валаам не знаев ништо. Ние отидовме кај о. Кирил поблагослов, и тој пак рече: „Нека оди македонецот на Валаам“. Такви два судбоносни благослови добив од старецот. Слава Богу! Така, по Божјата милост и Негова волја јас дојдов во Русија, и Му благодарам на Господа за тоа.
На средбата, на 23 мај 2017 г., на Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија Кирил со Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов, Првосветителот рече дека многу луѓе дознаваат за Македонија, посетувајќи го Валаамскиот манастир. „Таму, полновремено се труди ваш „амбасадор“, игуменот Методиј (Петров) – легендарен човек, кого сите го сакаат. Тој сите ги прима со отворено срце“ – изјави Претстојателот на Руската Православна Црква.
„СИТЕ НАС НÈ ПОВРЗУВА САМО ЕДНО – ЉУБОВТА КОН ТАТКОВИНАТА, КОН РУСИЈА И КОН НАШИОТ ПРЕВОЗЉУБЕН ГОСПОД, КОН НАШАТА СВЕТА ЦРКВА“.
– Раскажете ни за Вашата реакција, кога за време на монашкиот постриг Владиката Панкратиј Ви го даде името на рамноапостолниот Методиј. Знаевте дека ќе го носите тоа име?
– Секако дека не, но во мојот род веќе има четворица Кирил и четворица Методиј. Тие се покровители на мојот род. Татко ми се викаше Кирил. По руски принцип, јас сум Методиј Кирилович. Сега, на брат ми му се роди внук, и тие го крстија Методиј. И тоа тој се роди на денот кога почина нашиот дедо Петар. Таков знак покажа Господ. Јас сум сигурен дека тој ќе се моли за нашиот народ. И Му благодарам на Бога, што во монаштвото се удостоив да го добијам името Методиј.
После монашкиот постриг, во 1994 г., на Валаам имав откровение од Господа, дека сето тоа не е случајно. Во Македонија, во близина на мојот дом има манастир, каде што во средината на XX век живееле околу 70 монаси од СТариот Валаам, и каде е зачуван гробот од еден старец-монах. И така, во 1997 г., кај мене на Валаам дојдоа моите родители и донесоа фотографија од гробот на тој старец. Дознавме, дека тој се викал схимонах Панкратиј, т. е., исто како и нашиот игумен. И тоа што уште повеќе ме порази беше, дека тој се упокоил на 6 февруари, 1949 г., а јас дојдов да живеам на Валаам на 6 февруари, 1993 г.
И во спомен на валаамските монаси, во мај 2016 г., во Македонија, во мојата родна земја во Лешочкиот манастир, подигнавме и осветивме Спомен Крст, ист таков, каков што гледате во близина на Николскиот скит, подигнат од игуменот Дамаскин во XIX век.
Раскажува епископот Троицки Панкратиј: „Кога ја посетив Македонија, се молев и отслужив панихида над гробовите на старците, кои заминувајќи од Стариот Валаам, во средината на минатиот век дошле и се подвизувале таму, оставајќи за себе добар спомен. Мене ми ги раскажаа тие преданија, кои се сочувале за нивниот висок живот, и делумно ми го раскажаа животот на схимонах Панкратиј. Тој Валаамец, во периодот на прогонството се подвизувал во подвиг на пустиножителство. Доаѓајќи во Србија, се оддалечил во осамеништво, на планината која се наоѓала веднаш до манастирот на Св. Великомаченик Никита, околу градот Скопје во Македонија.
Радост ни е да кажеме, дека во возродениот Валаамски манастир сега се подвизуваат двајца македонци (игумен Методиј и јеромонах Наум), по потекло имено од овие земји. Наоѓајќи се веќе на Валаам, кога дознале дека во нивната татковина се подвизувале Валаамски монаси, тогаш сфатиле како се нашле на толку далечниот остров од Македонија, Валаам. И не само тоа, на младиот Венко, идниот игумен Методиј, кога сè уште бил во Скопје и размислувал за животниот избор, една благочестива жена му рекла нешто многу таинствено: „Моли се на светиот Панкратиј, тој е покровител на младите монаси“. Секако, таа тогаш мислела на веќе прославениот свети Панкратиј, но не се исклучува и тоа, дека овој македонец станал монах на Валаам по молитвите на валаамскиот схимонах Панкратиј, кој се подвизувал во Македонија“.
– Знам дека во Македонија, во секое семејство има свој, фамилијарен светител. Кој светител е во Вашето семејство?
– Од дедо Петар ја наследивме славата на нашиот куќен светител – свети Атанасиј Велики, архиепископот Александриски. Нашиот покровител, повеќе од век ни помага и со него се поврзани многу чудеса. На денот на свети Атанасиј јас заминав во манастир, на деност на свети Атанасиј го добив мојот прв подрасник во Лаврата, на денот на свети Атанасиј се запишав во семинарија. Тој секогаш го потврдува своето присуство и покровителство. Има мноштво лични моменти, за кои не се зборува, но кои ја потврдуваат неговата помош во нашиот род.
На Валаам, во храмот на светите Кирил и Методиј има една голема икона и една фреска од свети Атанасиј. Во храмот, во чест на иконата на Мајката Божја „Животворен Извор“ во надворешниот дел исто така има фреска на св. Атанасиј Велики. Во храмот на преподобните Сергиј и Герман Валаамски, исто така има икона на св. Атанасиј. По неговите големи богословски трудови, за него е предвидено да биде во олтарот на главниот храм на манастирот. За нас тој е особено присутен во срцата во буквална смисла на зборот.
– На Валаам, неколку пати доаѓал на гости Претседателот на Русија. Што ги привлекува таквите луѓе во Валаамскиот манастир?
– Нашиот манастир има двајца големи пријатели: тоа се Светејшиот Патријарх Московски и на цела Русија, Кирил и Претседателот на Руската Федерација, Владимир Владимирович Путин. Кога тој, веќе како Претседател, во 2001 година за првпат дојде на Валаам и ја виде убавината на ова свето место, веднаш зеде најактивно учество во обновувањето на манастирот; ги донесе и своите пријатели, кои до ден-денес, директно или посредно, учествуваат во развојот на Валаам.
Јас знам колкава е неговата љубов кон Русија, кон целото човештво. Во него се открива печатот на руското благородие, руското величие, служењето на целото човештво. Во Русија има многу луѓе кои го почитуваат, кои сфаќаат колку голем крст носи тој. Но има и луѓе, кои ги знаат и неговите духовни подвизи. Јас се удостоив да бидам покрај него, да се молам со него, да зборувам со него. И мислам, дека тој човек – е огромен подарок од Господа за Русија, за целото човештво, особено за малечките народи кои имаат потреба од руското застапништво. Знаеме дека тој е единствен, кој го зеде знамето во борба против страшното зло, кое се случува во светот; се дрзна да отвори борба со страшните сили, кои работат на дехристијанизација на целото човештво.
Посетувајќи го Валаам, Рускиот Претседател ги спореди монашкиот остров и целата држава: „Сигурен сум, дека како што го возродуваме Валаам, така и ќе ги подигнуваме, зацврстуваме духовните основи и материјалниот успех на нашата земја. Не се успеваме да направиме, но залог на нашиот успех се нашиот труд и искрените стремежи за подобрување на животот во нашата Татковина“.
– Во 2005 година, на денот на светиот рамноапостолен Кирил, беше отворен Православниот Културно-просветен Центар „Свет Валаама“ („Светлината на Валаам“), чие раководство Ви беше доверено Вам. Какви задачи му претстојат на центарот во најскоро време?
– Порано ние работевме со месните жители на Валаам, кои беа повеќе од петстотини луѓе, затекнати од проблемите на пензионерите и децата. Денес, на островот околу педесетина луѓе, што е сосема друга ситуација. Сепак, Валаам пред сè е манастир, кој бил тука со векови. И за манастирот, молитвата, духовниот подвиг се на прво место. Денес на Валаам ги има сите услови, тој да стане ист, каков што бил од XIV-XX век. Русија се преродува, и Валаа – е директно откровение и сведоштво на таа голема преродба.
Сепак, ние имаме и широк спектар на социјално служење. Ги помагаме бедните парохии, сиромашните, затворениците. Дури и оние луѓе, кои си заминале од Валаам, деца и пензионери, сепак добиваат од нас помош, вклучувајќи материјална и морална. Своите во мака не ги оставаме.
ИГУМЕН МЕТОДИЈ (ПЕТРОВ): „ЧОВЕК Е МНОГУ СРЕЌЕН, АКО МОЖЕ ДА ИСПОЛНЕ НЕЧИЈА ПРОЗБА…“
Имаме огромни планови за изложби, за обединување на сите творечки сили на Русија. Огромно количество млади студенти и познати уметници доаѓаат кај нас да работат, се молат во нашата обител, духовно се поткрепуваат. Таа внатрешна преобразба која ја постигнуваат, се воплотува во прекрасни слики, се изразува во песни, и се предава на сите кои доаѓаат во допир со овие креативни луѓе. Имаме желба и можност Валаам да стане вистински духовен центар, Северна Света Гора на Русија, во која ќе може да доаѓаат сите строители, сите творечки и богољубиви луѓе, патриоти на нашата Татковина. Сакаме, манастирот да дојде до онаа состојба, во која што бил пред разрушувањето, пред тоа, кога Господ досудил таков крст и искушенија, кога на Валаам живееле многу духоносни отци, многу старци, кои го осветувале овој остров не само со своето физичко постоење, но пред сè, со големи духовни дарови, кои ги добивале од Бога, а потоа ги предавале на светот.
– Отец Методиј, денес многумина ја прекоруваат Црквата, дека вложува големи средства во градење на храмови и капели, во обновување на манастири, и многу скептици велат, подобро да ги раздадеме тие пари на сиромашните и да изградиме болници и детски домови.
– Знаете, во врска со тоа, често си спомнувам на зборовите на блаженоупокоениот Патријарх Алексиј II. Кога во тешките времиња за младата Русија тој почна да го обновува храмот на Христос Спасителот во Москва, рече дека колку повеќе ќе има храмови, толку повеќе луѓето ќе се молат, и толку помалку ќе ни требаат болници и детски домови. И исто така, кажа уште една мудра фраза: „Кажете ми, а кога Русија, или воопшто православните, имале лесни времиња?“
Денес во Црквата не треба да зборуваме за економијата, пазарот, туку треба да го подигнуваме духовниот живот на луѓето, за барем два-тројца да достигнат таква светост, во која би можеле со својата молитва да му помогнат на сиот свет, да му помогнат да се избави од несреќи. Валаамските монаси според своите сили, непрестајно се молат за спасението на целото човештво од маки.
– Што би сакале да им кажете на оние, кои сакаат својот живот да го поврзат со монаштвото?
– Што се однесува на заминувањето на човек во манастир – мислам, дека е многу важно, современиот човек да има во предвид дека монаштвото – е тајна Божја, која се дава од Бога и има свои сакраментални, таинствени аспекти. Човек треба да ги изучува Светите Отци, да го разбира историското и догматското значење на самата Црква, за да разбере што е тоа монаштвото.
Има едни зборови, стихови, кога се чита Благовештенскиот Акатист на Пресвета Богородица, писателот вели: „Идеже хочет Бог, побеждаетсја естества чин“. И ако Господ посака, Он секако, од сите Свои дарови, на Светиот Дух, дава такви дарови, кои на човекот му даваат сили да ја победи својата природа, да живее по тело ангелски, да го подражава Ангелскиот чин. И секако, тоа не е лесно, затоа што монаштвото пројавува огромна борба против гревот, против гревовната нечистотија на човечкото тело. Идниот монах, секако, ќе треба да вложи огромен труд, огромен подвиг, за да најде оговор на сите духовни прашања и да дојде до совршена Вера и познание на Бога.
Монашкиот пат – и е патот на совршенството. Тој не е лесен. Христијанскиот живот не е рамен, сладок, тој е многу сериозен и бара од човекот сериозен пристап. И дури ако човек смета дека со сопствени сили може нешто да постигне во животот, а уште повеќе во духовниот живот, тоа секако, веќе е пораз. Ние, со Божја помош, со помош на Божествената благодат, се трудиме да Го подражаваме Христа, Самиот Господ, да ја подражаваме Неговата благост, Неговиот образ и пример на служење на човештвото. Денес, мирските луѓе треба правилно да се однесуваат кон современите монаси и да бидат снисходливи кон нив, затоа што денешните монаси доаѓаат од светот.
Монаштвото – најпрвин е мачен пат, пат многу делателен, многу тежок, многу очистителен. А потоа, ако човек достигне таков степен на совршенство и вистинска благодатна духовна состојба, тој секако, жеднее тие свои знаења, тие духовни дарови да ги предаде, да ги врати на човештвото, за да послужат на благо на целото човештво. И таквото вистинско преобразување на монахот се случува, кога тој го подражава својот Творец, кога е благ во својот однос кон ближните, благ во однос на целата природа, благ во односот кон деликатниот сложен живот, кој сега се допушта на современиот Адам, ни се допушта сите нам, за на крај, откако ќе го најдеме тој извор на мудроста, да ја најдеме можноста уште на земјата, да станеме жители на рајот. Како што велат Светите Отци: „Пробај да се смириш и ќе станеш жител на Рајот“.
– Луѓето, кои доаѓаат на Валаам се преобразуваат, и секако, универзален рецепт нема…
Сите нас нè движи љубовта кон Бога, сите се стремиме кон Бога. Времињата, секако, се различни, но нашата љубов кон Бога е неизменлива. Таа се пројавува покрај сите наши неволји, покрај сите надворешни околности.
На современиот човек му е потребен балсам за душата. Човекот се наоѓа во центарот на суетниот живот, и нему, пред сè, му е потребна Љубовта. Му недостига Љубов. Денес во светот има огромен недостаток и дефицит на Љубов. Како што рекол Господ: „и заради умножувањето на безаконието, кај многумина ќе олади Љубовта“. Ние цело време се молиме, Господ да ни ја дарува. Како што напишал свети апостол Јаков: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека ја проси од Бога, кој дава на сите просто и без прекор – и ќе му се даде“. Затоа што Он е штедар, човекољубив, прекрасен, долготрпелив…
Разговарале, послушници на Валаамскиот манастир, Александар Веригин и Артемиј Самојлов.
Весник „Монастырский вестник“ број 06, 2017 год.
Извор: https://valaam.ru/publishing/35338/
Превод: З.Д.
Може да Ве интересира: Валаам и Македонија – Средби на патиштата Господови – Филм