Свети Серафим (1759-1833) бил син на деловен човек од Курск, станал искушеник во Саровскиот манастир кога имал 19 години. Во 27-та година примил монашки постриг, а во 34-тата бил ракоположен. Од 1794 до 1804 г., цели десет години живеел во шума сосема сам, исполнувајќи го до најмала дребност правилото на Св. Пахомиј Египетски, коешто го пронашол читајќи ги многуте светоотечки дела. Дивите животни во огромните руски шуми – мечки, волци, лисици – биле неговото главно друштво. Сведоците кажуваат дека ги хранел од своја рака. На 12-ти септември 1804 г., Серафим го претепале разбојници: пронајден е без свест во својата испосница. На напаѓачите не им се противставувал. Дури одбил и да сведочи на суд против нив. Неговото здравје било сериозно нарушено и биле потребни неколку месеци за да оздрави. Кога дозакрепнал некое време живеел со подвигот на некогашните столпници од 1804 до 1807: илјада денови бил деноноќно на молитва, коленичејќи на камен, напуштајќи го единствено за да земе храна и кратко да одмори. Повторно се вратил во манастирот од 1807 до 1825 г. И во манастирот тој никогаш не излегувал од својата незагреана ќелија без кревет. Едно кандило горело пред иконата на Богородица во умиление. Неговото правило подредено на Исусовата молитва, вклучувало неделно прочитување на Евангелието (во понеделник на Матеј, вторник на Марко, среда на Лука, четврток на Јован, во петок ја читал службата на Светиот Крст, во сабота на сите Светии). Во недела се причестувал со Светите Тајни, коишто во неговата ќелија ги носел свештеникот што служел.
На 25 ноември 1824 год., Серафим имал видение на Мајката Божја во придружба на Св. Петар Александриски и Св. Климент Римски. По тој настан ја прифатил должноста Старец и почнал во својата ќелија да прима поклоници. Ги поздравувал со радост моја. Ги поучувал дека целиот христијански живот се состои во стекнување на Светиот Дух. Во овој едноставен монах, теолошкото поимање било изострено преку личното доживување: Исус, Синот Божји, призиван во непрестајна молитва, се открива Себеси во присутноста на Духот и тие две Божествени Ипостаси заедно ја водат душата во блискост со Отецот.
Има безброј кажувања за Св. Серафим и за неговото учење, но овде ќе наведеме само еден дел од познатиот Разговор со Мотовилов, каде што повторно наидуваме на целата мистика за светлината што ја познавале и делотвореле Симеон Нов Богослов и исихастите од 14 век.
Мотовилов: Сепак, не разбирам како е можно да бидам сосема сигурен дека сум во Духот Божји. Како да ја распознаам вистинската пројава на Светиот Дух?
Отец Серафим одговори: „Веќе ти кажав, сине мој, дека тоа е многу просто… Ние заедно, чедо мое, сме во Духот Божји! Зошто не ме гледаш?”
Јас одговорив: „Не можам да ве гледам, оче, зашто вашето лице стана посветло од сонцето и очите ми се заслепени.”
Отец Серафим рече: „Не плаши се, чедо, и ти стана светол како и јас. И ти си сега исполнет од Светиот Дух. Инаку ти не би можел да видиш каков сум јас.”
Тогаш наведнувајќи ја главата кон мене, благо ми шепотеше на уво: „Благодари Му на Господ Бог за Неговата неискажлива милост. Ти забележа дека дури не се ни прекрстив, но само со умот се помолив во своето срце на Господ Бог и во себе говорев: ’Господи, удостој го милостиво, да го види јасно со телесни очи симнувањето на Твојот Дух со Којшто си ги удостоил Своите слуги кога си благоизволил да се појавиш во Светлината на Својата Божествена Слава.’ И погледни, чедо, Господ за миг ја услиша молитвата на бедниот Серафим. Сигурно треба да Му заблагодариме на неискажливиот дар што ни го даде на двајцата. Сине мој, не ја покажува Бог секогаш Својата милост дури ни на големите подвижници. Погледни! Божјата благодат дојде да го утеши целото твое срце како сакана мајка, по застапништвото на самата Мајка Божја. Дојди чедо, Господ е со нас!”
По овие зборови го погледнав неговото лице и ме опфати уште поголема стравопочит. Замислете во средина сонце, и при неговото најсјано блескање во пладневниот зенит го гледате лицето на човекот што разговарал со вас! Ги гледаш движењата на неговите усни и изразот на неговите очи кои се менуваат, го слушаш неговиот глас, чувствуваш дека некој ти ги допира рамената, а не гледаш ниту раце ниту лице, дури не се гледаш ниту самиот себеси или неговите контури – туку само заслепувачка Светлина што се распространува насекаде околу вас и ја осветлува со својот сјај снежната покривка на ридот и снегулките што го посипуваа великиот Старец и мене…
Отец Серафим продолжи:
„Нам ни се дадени само навестувања на оваа радост, па ако од ова имаме сладост, пријатно чувство и радост во нашите души, што да кажеме пак за вистинската радост што е подготвена на небото за оние што плачат тука на земјата? И ти, чедо мое, си пролеал доста солзи во овој живот. Погледни со каква радост те утеши Господ додека беше овде! Сега мораме да работиме и постојано да се трудиме за да добиеме многу повеќе сили за ’да ја достигнеме совршената мера во Христовиот раст’… Тогаш во целата своја полнота ќе биде откриена краткотрајната и делумна радост што сега ја чувствуваме, нашето битие ќе биде проникнато со неискажливо восхитување коешто никој нема да може да ни го одземе.“
(V.Lossky, La Théologie mystique de L’Eglise d’Orient, Auber, Paris, 1944, str. 225-227)
Превод: А. С.