Eднaш старецот ми кажа: „Христијанинот треба да ја избегнува нездравата религиозност: како чувството на превосходство пред другите заради своите добродетели, така и чувството за својата лошотија заради своите гревови. Едно нешто е искомплексираноста, а друго – смирението; едно е унинието, друго е покајанието. Еднаш, кај мене дојде еден светски лекар-психијатар и започна да го осудува христијанството, затоа што, како што тој ми кажа, предизвикува во луѓето комплекс за вина и униние. Јас му одговорив, дека се согласувам со тоа, дека некои христијани, како по своја сопствена вина, така и по вина на други, заболуваат од комплекс на виновност. Но и ти од своја страна, му реков, си должен да се согласиш со тоа, дека неверниците се подложени на значително по-големо и страшно заболување – гордоста. И во тоа време, кога комплексот за вина на религиозна почва близу до Христос се совладува преку покајание и исповед, тогаш гордоста на луѓето, кои живееат далеку од Христос со ништо не се лекува.”
Тие мисли на старецот осветлија некои мои недоумици околу психолошкиот аспект на христијанскиот живот. Јас разбрав, дека отец Порфириј посакува ние да ја избегнуваме, како гордоста, облечена во логичната самоправедност на „христијанското” фарисејство, така и самопонижувањето на „христијанската”, совест која трепери од страв. Јас видов, дека дрскоста на оние, кои што се сметаат себе си за „чисти”, и стравот на оние кои се чувствуваат себе си за „виновни”, истовремено не се разликуваат меѓу себе, но претставуваат само различни страни на една иста монета – гордоста. Затоа, вистинскиот верник христијанин се ослободува од комплексот за вина преку исповед и простување на гревовите и се радува на слободата, која му е дадена од Христос. Но знаејќи, дека тоа е дар Божји, тој ја изразува само својата благодарност кон Бога и не се превознесува. Тој е чист преку крвта Христова, а не заради своите подвизи. На таков начин тој се радува, благодари и не се превознесува. Човекот сега веќе гледа, дека сите луѓе можат да бидат добри преку крвта Христова.
Старецот ни покажуваше пат, по кој што може да се избегнува како злото (гревот), така и најлошото од неговото пројавување – гордоста поради своите добродетели, и така, да се достигне најдоброто – смирението. Затоа тој се стремеше да го запази вистинското смирение од опасноста на неправилното. Тој ми кажуваше: „Ние треба да бидеме смирени, но не треба да смиренословиме. Смиренословието претставува ѓаволска стапица, која што носи со себе очај и бездејствие, додека вистинското смирение дава надеж и води кон исполнување на Христовите заповеди.”
Старецот, со своите поучување, но уште повеќе со примерот на својот живот, го учеше своето словесно стадо, водејќи го по пасиштата на љубовта и смирението. Тој сам го живееше смирението, верувајќи, дека самиот тој е ништо, затоа што Бог, како што кажуваше, е сè и сè, што ние гледаме во старецот, не беше негово, но дар Божји.
Од “Цветослов советов”
Извор: http://pravoslaven-sviat.org
Превод: Божидар Маслинко