Отец Василиј имал обичај внимателно да ги запишува во дневникот цитатите, земени од други автори. Но еден запис, за кој не е наведен авторот, може да се разбере и како личен текст:
„Ве молам да не ме задржувате со безвремената љубов, туку да ме оставите да бидам изеден од ѕверовите, со што ќе можам да го достигнам Бога. Зашто јас сум пченица Божја, која треба да биде сомелена од забите на ѕверовите, за да станам чист леб Христов“.
Во тој извадок од писмото на свештеномаченикот Игнатиј Богоносец, потоа била скриена посебна посмртна историја, која ја открива смислата на настаните на Велигден, 1993 г. Но, за да ја раскажеме таа историја, треба повторно да се вратиме во оние времиња, кога о. Василиј бил само монах и ревносно го исполнувал послушанието како ноќен стражар на портирницата. Со други зборови, тој по цели ноќи седел во стражарската колиба и читал, а бил ненаситен читател. Покрај него, во истата стражарска колиба, седел и друг ненаситен читател – петербуржецот Евгениј С. Чудесни се тајните на Божјиот Домострој, и како сведоштво за тоа, ќе ја раскажеме историјата на појавувањето на Жења (Евгениј) во Оптинската Пустина.
Младите луѓе „хипици“, кои во тој период се прилепиле кон Оптина, му доделиле на Жења два прекари – „Ленин“ и „обвинител“. „Ленин“, затоа што, за чудо, тој го прочитал цел Ленин. Вистината, сметал тој тогаш, е сокриена во некој вистински, неизвитоперен марксизам-ленинизам, и треба да се бара. А тој бил многу детален трагач по вистината, и ако за тоа трагање тој требало да научи грчки јазик, нему не му било тешко: тој претпочитал да чита оригинали.
Но, кога веќе го изучил Ленин, станал „обвинител“, што од гадење кон марксизмот-ленинизмот го напуштил факултетот и решил да бега за Америка. Тој повеќе не можел да живее во земјата, каде на сите ѕидови и огради, љубезно му се насмевнувал Илич (Ленин). Поканата од Америка доцнела. И еден пријател го посоветувал да поседи во Оптина, до добивањето на визата: ќе те хранат, појат – што ти треба повеќе? Но, во Оптина имало библиотека, и трагателот по вистината останал во неа.
Жења тогаш не верувал во Бога, но со отец Василиј имале чудесна комуникација. Тие седеле рамо до рамо во стражарската колиба, секој читајќи го своето. „Не е можно, види што пишува!“ – воскликнувал некогаш о. Василиј, и одделувајќи се од книгата му прераскажувал мисли од Светите Отци. Православието тогаш му било туѓо на Жења, но слушал со интерес, восхитувајќи се по свое на слушнатите мисли.
Со други зборови, двајца ненаситни читатели живееле братски, и никакви обиди Жења да биде обратен во Православието, отец Василиј не преземал. Ние се обидувавме, но залудно, зашто Жења само се оградуваше? „Што, мислите ја откривте Америка?“
Позицијата на о. Василиј ни изгледаше нејасна. А неговата позиција, беше ваква: „Кој ја бара вистината, ќе го најде Бога“. Жења ја бараше вистината, но на свој начин. Познанството со Илич вроди во него таква одбивност кон се руско, што тој читал само западно. Го изучил католицизмот, протестантизмот, а потоа преминал кон ересите, осудени од Седумте Вселенски Собори. Со неговата уникатна меморија и навика да чита со денови и ноќи, тој многу брзо меѓу оптинците станал признат специјалист по ересите. И кога во Оптина доаѓал некој премногу „паметен“, замислен, му велеле: „Оди кај „обвинителот“, тој сè ќе ти каже за твоето „филиокве“ – од Ное, па до нашите дни“.
Каде и кога, душата на Жења потресно викнала: „Господ мој и Бог мој!“ – тоа е негова тајна. Но, обраќањето на Жења било толку пламено, што отпрвин имало карактер на стихијна катастрофа – тој бил спремен да умре за православието и со таква ревност ги „спалувал“ ересите, што дури изобличувал и за неправилна употреба на зборовите. „Слушај, – му рекле еднаш искрено“ – тебе само о. Василиј може да те истрпи!“ И навистина. Православието на о. Василиј било толку природно, што од ереси измачената душа на Жења, благодарно одмарала покрај него.
Се сеќаваат, дека о. Василиј земал од библиотеката огромен куп книги, а потоа, воздивнувајќи, го тргал на страна, тоа што не било важно. „Отец Василиј имаше една особина, слична на економичност – раскажувал еден иконописец – тој отсекуваше сè, што го забавуваше движењето кон целта. И сепак, во стражарската колиба, тој носел тежок куп книги, повторно тргајќи нешто настрана, или прашувајќи го Жења: Ќе го видиш ова? Нешто многу паметно. Ќе ми раскажеш потоа“. И Жења, откако ќе прочитал, ќе му раскажел.
Животни разговори меѓу нив немало. Отец Василиј го почитувал братството, но го отфрлал душегрижништвото, забележувајќи, дека душегрижништвото ја уништува љубовта кон ближниот. Ние некогаш толку тоневме во душегрижништво, и „спасувајќи го“ нашиот другар Жења, се пожаливме за него на старецот: „Отец, Жења три години живее во Оптина, а не се причестува“. „Ништо, – одговори старецот, – ќе се запише во семинарија, таму често ќе се причестува“. Кога му го пренесоа тој разговор на Жења, се зачудил: тој – во семинарија? Тоа било смешно.
Жења се причестил само во денот кога дошол во Оптина. Гледајќи во храмот, како сите одат кон Чашата, и тој, по детски, без да се исповеда, пристапил. А потоа, три години се подготвувал за причест, се исповедал и не смеел да пристапи кон чашата, не разбирајќи нешто важно, што толку чезнеел да разбере. „Жења, тебе гордоста ти смета“. Го изобличувавме ние. А о. Василиј никого не го изобличуваше.
Јероѓакон Рафаил се сеќава: „Отец Василиј едно време водеше екскурзии низ Оптина. И кога една моја роднина, тогаш атеист, дојде да ме посети, јас отрчав кај него: „Отец, помагај. Такви неверни луѓе дојдоа! Можеби, со своето слово ќе ги обратиш“. Но, о. Василиј одби било кого да обраќа, кажувајќи со смирение, што може човекот со свои сили? Господ сè може, а ние засега не знаеме, како и преку кого Тој ќе го направи обраќањето“.
Со други зборови, ние обраќавме, а о. Василиј запишуваше во тие дни во дневникот: „Бог управува со судбината на светот и судбината на секој човек. Искуството на животот само ќе го потврди тоа учење на Евангелието. Неопходно е да благоговееме пред недостижните за нас, Божји патишта во секое допуштање, како лично, така и општествено, како граѓанско, така и морално и духовно. Зошто нашите души се побунуваат против патиштата и допуштањата Божји? Затоа што не го почитуваме Бог, како Бог“.
И после многу години, станаа очигледни тајните на Божјиот Домострој, за човек, кој тргнал за Америка, стигнал во Оптина, и веќе како студент во трета година од Санкт-Петербургската семинарија, за своја прва проповед во храмот избрал тема за Оптниските новомаченици, посветувајќи ја пред сè на о. Василиј.
Својата проповед, семинаристот Евгениј ја пишувал мачно и долго, но проповедта не се составувала. Тој ги набројувал квалитетите на о. Василиј – образован, трудољубив, смирен, но тоа било портрет на добар човек, во кого отсуствувало најважното – духот на о. Василиј. Тогаш тој дошол за распустот во Оптина и секој ден се молел на гробот на о. Василиј, барајќи помош. И некако, се сетил на гробот на новомаченикот, како тој три години се подготвувал да се причести и не смеел да пристапи до Чашата, додека еднаш не прснал во солзи на колена, потресен од Жртвената Љубов Божја.
Жења долго стоел пред надгробниот крст на о. Василиј, молејќи го како жив, да му каже за најважното во неговиот живот. И наеднаш, му светнале зборовите: „Јас сум пченица Божја, која треба да биде сомелена од рацете на ѕверовите, за да станам чист леб Христов“. Жења никогаш не го имал прочитано дневникот на о. Василиј, но враќајќи се од гробот, рекол: „Јас сум пченица Божја“ – тоа е о. Василиј. Така живееше, така и умре“.
А потоа, тој ја кажал својата прва проповед во тивкиот храм, раскажувајќи за последната пасхална Евхаристија, кога о. Василиј, мачејќи се, стоел пред жртвеникот, пред просфората на Агнецот, и цело време ја забавувал проскомидијата, велејќи: „Толку ми е тешко, како самиот да се колам“. Тој раскажувал за светлиот и исполнет живот на јеромонахот Василиј, каде се соединиле двете: „чистиот леб“, просфората на Агнецот на Пасха, смртта за Христа и самата основа на монашкиот живот, преисполнет со жртвена љубов кон Бога: „Јас сум пченица Божја…“
Тој уште долго живеел со таа проповед, собирајќи материјали за новомачениците и раскажувајќи потоа во Оптина: „Мачеништвото – е Евхаристија. Гледате, преподобната маченичка Елисавета Фјодоровна ја фрлија во шахта, ѝги скршеа коските. Каква маченичка смрт! И одненадеж, од јамата се слушнало пеење: „Иже Херувими тајно образујуште…“ А би можела да испее: „Богородице Дево, радувај се“. Многу прекрасни работи можела да испее. Но, Елисавета Фјодоровна ја знаела напамет службата и пеела, умирајќи: „Иже Херувими…“, затоа што тогаш се изнесуваат Светите Дарови. Во Царството Божјо, нема ни машки пол, ни женски, и мачениците како и свештениците, носат крст во раката. Умирајќи, Елисавета Фјодоровна веќе била надвор од телото, и како свештеникот, учествувала во Евхаристијата, принесувајќи се како жртва, веќе себеси“.
* * *
Евхаристија, во превод од грчки значи – благодарење. „Милоста Божја се дава како дар, но ние треба да Му принесеме на Господа сè што имаме“, – напишал о. Василиј во првата година од монашкиот живот. Но, колку подолго бил монах, толку повеќе осознавал, дека нема што да се принесе и дека скудна е земната љубов пред љубовта на распнатиот за нас Христос. Подоцна, тој напишал во дневникот: „Кому од земните му кажуваш Господи, дека нажалена е душата Твоја до смрт? Кој од поднебесните ќе го сфати тоа? Која човечка природа ќе го прими тоа? Но рашири ги срцата наши Господи, зашто доаѓаме после тагата Твоја, кон Крстот Твој и Воскресението“. Нема што човекот да Му даде на Господа за сите Негови благодејанија, зашто сè ни е дадено од Него. И сепак, има една виша форма на благодарење – маченичката жртвена љубов“.
На Велигден, 1993 г., во благодарствена жртва на Господа се принесоа тројца оптински новомаченици. Сите тројца се помазале на Велики Четврток, се причестиле пред самиот крај и примиле смрт за Христа, служејќи му на Господа на послушание. И Господ дал знак, дека ја примил жртвата на своите послушници, јавувајќи во часот на нивната смрт, знак на небото.
Сведоци на тој знак беа тројца – една девојка од Москва, Евгенија Протокина, еден поклоник од Казањ, Јуриј, и москвичанецот Јулиј, сега послушник во Владимирската епархија. Тие ништо не знаеле за убиството, заминувајќи си од Оптина веднаш после ноќната пасхална служба и стоеле на постојката во Козељск, чекајќи го утринскиот автобус за Москва. Автобусот, како што подоцна дознале, го откажале. И тие ги слушале пасхалните камбани, гледајќи кон манастирот. Наеднаш, биењето се прекинало, а на небото над Оптина како да прснала крв. На крв никој од нив не помислувал, гледајќи зачудено на крваво-црвената светлина на небото. Погледнале на часовниците – тоа било времето на убиството. На земјата се пролеала крвта на новомачениците и истекувајќи, стигнала до Небото.
Чудно, но за тој знак во Оптина дознале дури по три години, зашто спомените на очевидците ги помрачил друг потрес. Додека чекајќи го следниот автобус, тие оделе да ручаат во селото, ги кренала на нозе тревогата на полицијата и војската. Немајќи претстава за тоа што се случува, поклониците стоеле на постојка, кога кај нив дошла „враната“, и двајца полицајци со автомати, професионално-грубо му ја свиткале раката на Јуриј и го пикнале во колата. „Зошто? Што се случило?“ – во солзи викала Евгенија.
Но, мрачните луѓе со автомати и самите не знаеле што се случило, добивајќи наредба по радио да го ловат убиецот со опис: раст таков и таков, брада. А најважниот опис – православен поклоник од Оптина.
Нина Павлова