ЕДЕН ДЕНАР – Расказ

Сум се изменила. Поинаква бев како дете. Ги покривав мечињата да не настинат. Сега ни со луѓето не го правам тоа. Не ги покривав родителите кога пораснав. Не го забележував сопругот кој заспал во дневната чекајќи ме да завршам со документите од фирмата. Не сакаше да спие во спалната без мене, па десет години спиеше во дневната, чекајќи ме. Откако мојата фирма стана една од најуспешните во градот, бев уште позафатена. Немав времени за пријателите. Бев најбогатата жена во градот, но останав без родители, без сопруг, без пријатели, без душа. За нелуѓето станав човек, а за луѓето бев нечовек.

По десет години, за Божиќ решив да одам в црква. Беше преладно, си ја облеков скапата бунда, влегов во скапата кола и заминав. Кога стигнав, си ги извалкав чизмите со кал бидејќи врнело. Една стара жена ми пријде:

– Ќерко, ти падна еден денар.

– Е арно де, сега јас за еден денар не ќе се наведнувам да си ги валкам рацете со кал. Чудото големо, небаре вреди нешто.

Влегов в црква и се молев да станам уште побогата. Ме прекина старата која вревеше кај иконата и ставаше еден денар. „Доцни, па уште еден денар става. Подобро да не се срамеше“. Жената до мене ме слушна и со прекор во погледот ми рече:

– Го најде на земја. Болна е и едвај се наведнува. Половина час се обидуваше да го земе денарот од калта. Рече дека на некој му паднал па ќе го стави на икона и ќе се помоли за здравјето и душата на тој човек.

Замолчив. Сфатив дека старата згрешила. Не требало да каже “човек“. Ја осудив онаа која се извалка со кал за да се помоли за мене, за нечовек. Еден денар бил повреден од сѐ што заработив до сега. По десет години, заплакав, а старата ми се насмевна. Ми покажа дека е побогата од мене и тоа со мојот еден денар. Ми покажа дека денарите не го прават богатството на луѓето, туку она што луѓето го прават со тие денари ги збогатува или осиромашува.

Не железата што ни тропаат во џебот ами ние одлучуваме дали ќе сме богати или сиромашни. Јас не сум ни човек, ниту па богата.

Заминав веднаш кај мајка ми и татко ми. Спиеја. Ги покрив и ги бакнав. Бев со пријателите, ги слушав и надополнував заизгубените години. Дома стигнав доцна. Мажот ми легна во дневната, но му реков да одиме в спална. Ми се насмевна и ми рече верувал во мене и знаел дека некогаш ќе се вратам назад, дома. Заспав во неговата прегратка. Воопшто не помислив на фирмата и тоа беше најрадосниот ден откако пораснав.

Се изменив пак, станав дете. Следното утро, посакав да се збогатам, сфатив дека сум сиромашна, бедотија. Ја продадов фирмата и денарите ѝ ги дадов на старата. Таа знае најдобро како треба со денарите бидејќи е најбогатиот човек кој сум го запознала. Ме научи дека можам да живеам богат живот со само еден денар во мене. А тоа не се купува со денари.

 

автор: Марија Трифуновска Тасеска