Духовден во Битола

На 04.06.2017 г., празнувајќи ја Светата Педесетница – слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар отслужи Божествена Литургија во храмот Света Недела во Битола.

Пред Литургијата, Владиката го ракопроизведе во чин чтец Михаил Поп Атанасов, студент на Православниот богословски факултет во Скопје. 

Веднаш после Литургијата, Владиката ја отслужи вечерната Богослужба со читање на молитвите за призив на Светиот Дух:

Прва молитва

Пречист, неосквернет, беспочетен, невидлив, недостижен, неистражлив, неизменлив, непобедлив, неизмерлив, незлоблив Господи, Кој си единствениот бесмртен и живееш во непристапна светлина, Кој си ги создал небото и земјата и морето, и се што е создадено во нив, Кој им ги исполнуваш желбите на сите уште пред да побараат. Тебе Ти се молиме и од Тебе просиме, Владико Човекољупче, Отче на нашиот Господ Исус Христос Кој, заради нас луѓето и заради нашето спасение, слезе од небото и се воплоти од Светиот Дух и Марија Приснодева, преславната Богородица; Кој прво не учеше со зборови, а потоа ни покажуваше и дела, а кога претрпе спасителни страдања, нам грешните, смирени и недостојни Твои слуги ни даде пример како да Ти принесуваме молитви со клечење и со наведнати глави, за своите гревови и за човечките незнаења. Самиот Ти, многумилостив Човекољупче, услиши не во кој ден и да Те повикуваме, особено во овој ден на Педесетницата, во кој што, по вознесението на Господ наш Исус Христос на небесата и Неговото седнување оддесно на Тебе Бога и Отецот, Го испрати Твојот Свет Дух на Своите свети ученици и апостоли, Кој застана врз секого од нив, и сите се исполнија со Неговата неисцрпна благодат и говореа на разни јазици за Твоите големи дела, и пророкуваа. Затоа, услиши не и нас кои сега Ти се молиме, и спомни си за нас смирените и осудени, и врати ги од ропство нашите души, имајќи ја секогаш Твојата милост која се моли за нас. Прими не нас кои паѓаме пред Тебе и кои викаме: Згрешивме! Кон Тебе сме приврзани уште од мајчината утроба! Ти си нашиот Бог! Но, бидејќи нашите денови поминаа во суета, останавме без Твојата помош, и се лишивме од секаков одговор. Сепак, охрабрени од Твоите добрини, ние викаме: Не спомнувај си за гревовите од нашата младост и незнаење, и од тајните наши (гревови) очисти не, и за време староста наша, кога нашата сила ќе ослабне, не отфрлај не. Удостој не да се вратиме при Тебе, пред да се вратиме во земјата. Биди благонаклонет кон нас и дај ни ја Твојата благодат. Беззаконијата наши измери ги со мерката на Твоите штедрости. Неизмерните Твои добрини спротивстави ги на мноштвото наши гревови. Погледни, Господи, од Твојата света височина кон Твоите луѓе што стојат пред Тебе и чекаат богати милости од Тебе. Посети не со благоста Твоја, избави не од ѓаволското насилство. Утврди го нашиот живот со Твоите свети и свештени закони. На Твоите луѓе дај им го верниот ангел пазител. Сите нас прими не во Твоето царство. Дај им прошка на оние што се надеваат на Тебе. Прости им ги нивните и нашите гревови. Очисти не со дејството на Твојот Свет Дух. Уништи ги подмолните напади на непријателот против нас.

P1430074 P1430083 P1430091 P1430180

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА