Протоереј Александар Илјашенко – за болката и обезболувачките средства, и за тоа, дали болеста ни се дава како казна..
Некогаш се случува да слушнеме, дека некои луѓе страдаат и се мачат од болка, наводно на тој начин искупувајќи се од гревовите. Со таквото мислење не смееме да се согласиме, а уште почудно е тоа да го слушнеме од човек верник.
Апостол Павле рекол: „Носете ги бремињата еден на друг, и така исполнете го законот Христов“ (Гал. 6, 12). Господ, преку апостолот Павле нè повикува да си помагаме еден на друг. И Самиот Он ги исцелувал болните по нивната вера, ослободувајќи ги од страдањата. Зарем ние, кои се нарекуваме христијани, нема да обрнуваме внимание на тоа?
Од таа чудна мисла излегува една уште почудна последица, дека светителите чудотворци, кои ги исцелувале луѓето, залудно се труделе и речиси против Божјата волја. Подобро нека страдаат луѓето и нека умираат во своите страдања. Каква човекојадна логика. Познатиот хирург, свети Лука Воено-Јасенецки е еден од првите во светот, ако не и прв, кој ја разработувал регионалната анастезија, која сега насекаде се применува во медицината, вклучувајќи ја и стоматологијата. А ја разработувал, за да ги олесни страдањата на луѓето.
Пред неколку години ме правеа операција. Секако, како и секој човек, бев загрижен. Ме внесуваат во операционата сала, гледам, на ѕидовите има крстови – значи зградата е осветена, и веќе подобро ми беше. На ѕидот видов икона од свети Лука Воено-Јасенецки – и сосема се успокоив.
Секако, ние сме должни да ги вложиме сите напори, за да им ги олесниме страдањата на луѓето. Господ нè повикува да им правиме добро дури и на нашите непријатели! А уште повеќе, наша задача е да им помагаме на браќата кои страдаат.
Да гледаш на човек кој страда и да му речеш: „Тоа ти е за гревовите“ – мислам дека е врв на гордост, безумност, жестокост, бездарност и бесчувствителност. Некакво крајно извитоперување на суштината на христијанството.
Гледајќи на љубовта и добрината на оние кои го опкружуваат, и страдањето ќе го поднесува полесно, и самиот подлабоко ќе ја сфати неговата смисла. А ако гледа на нашата бесчувствителност, на неговите физички страдања ќе се додадат и душевни.
Пред седум години, ме викнаа во една болница да го крстам и причестам еден мој поранешен постар по опит и возраст, соборец. Тој, своевремено беше член на партијата, весел, забавен човек, кој не фаќаше сè здраво за готово, а сега го видов немоќен, на смртна постела.
Го крстивме, се причести, лежеше на страна, како отсутен. И наеднаш, ги отвори очите, погледна на ѕидот и рече: „Крст“. Погледнавме на таа страна, но немаше ништо, освен ѕидот од болницата. А човекот, кој штотуку се крсти и причести, виде крст.
А сега, замислете, свештеникот да би му рекол: „Ти брате, си живееше како сакаше, правеше тоа и тоа, по живот грешен човек, уште и физичката болка сакаш да ја заглушиш? Страдај си за спасение на душата, не идам кај тебе“. Дали на таквиот свештеник-псевдохристијанин местото му е во Црквата?
Да, знаеме дека преку страдањата душата се очистува. Но, тоа е таинствен процес. Едно е, ако човек тоа го прима со вера, дека Господ му испратил такво страдање – значи, така треба да биде, треба да се поднесе, Господ така те води кон спасение. Сето тоа човек може да го гледа така за себеси, само сам. И ако покрај него има добри луѓе, кои на тој најтежок, трнлив пат на спасението му помагаат на човекот со својата љубов, грижа, нежност, љубезност, сострадание, соодветна медицинска помош – ќе му го олеснат тој пат. За љубовта на оние кои го опкружуваат и неговата љубов ќе се умножи.
Така што, не треба многу да се мудрува. Сè е едноставно и јасно. Господ вели: „Болен бев и Ме посетивте“ (Мт. 25, 34). Што значи „посетивме“, себеси се покажавме таму? Го посетивме болниот, значи се потрудивме да ги олесниме неговите страдања на еден или друг начин. Зашто за тоа ни зборува Господ. А ако сме поминале рамнодушно покрај човек страдалник, нашата задгробна награда не е баш завидна.
Тоа што меѓу православните има такви, кои тврдат дека болеста се дава на грешните луѓе за казна, за тие духовно да се очистат, е наша, свештеничка недоработка. А таквите искривени претстави се оформиле уште и поради многуте години расхристијански живот.
Не залудно порано велеле: „Руските луѓе – се добри луѓе“. Така и е, такви и останаа нашите луѓе, но толку искушеније, неправди, толку бесчовечно однесување секојдневно се срушува над обичниот човек, што кај човекот се искривува сета претстава за духовниот живот и човекот воопшто. Тоа е многу тажен факт, сведоштво за тоа, дека и покрај надворешната култура, во многу работи ние сме подивеле. Сме ја изгубиле добрата, милостивата состојба на душата, која била карактерна за нашите луѓе.
Извор: http://www.pravmir.ru/muchitsya-ot-boli-chtobyi-iskupit-grehi-lyudoedskaya-logika/