Чекајќи те Тебе, Господи

Чекам, чекам, чекам.. крвта ме заболе од чекање. Еее, тоа – да те заболи крвта од чекање, мора да е нешто за што вреди да седиш и чекаш. Вреди, знам дека вреди.

Еднаш на еден човек му понудиле две големи работи, две зла. Седел, мислем, мислел и добил откровение. Добил откровение кое зло да го избери. Избрал да чека и да ја трпи болката на чекањето. Тоа, чекањето, е карцином на крвта, карцином на душата, карцином на трпението. Болест, за која нема секуларен лек. Таа болест прави парампарче во крвта, во душата. Но сето тоа тој човек го прифатил со една цел, и тоа цел преку која тој ќе постане навистина човек. Смирен по дух и смирен по срце, срце полно со љубов. Тој треба да постане доајен. Кој претрпел болка, вели еден светител, тој знае за љубов. Љубов, онаа исконска љубов за која ни проповедаше нашиот Спасител. Најдобро тоа го изразил светиот Апостолот Павле во своите посланија. Тој, каде што зборува за љубовта го употребува зборот АГАПИ (Αγαπη). Тоа означува духовна, нестрасна љубов. Љубов која не познава пол, која се раѓа во срцето на секого, во она место каде што се сместува и престојува нашиот Бог. И таа голема болка која што ја предизвикува карциномот на чекањето, може да се излекува со љубов. Бидејќи преку тоа ќе не познае дека сме Негови Чеда, ако се љубиме, тоа е новата заповед која ни ја даде нашиот Господ Исус Христос.

И после сè, после сите настани, тргнав да најдам трошка светлост, трошка љубов, трошка мир, а мирот и љубовта што ми се даде не може да се опише. Свесен сум дека сум создаден да добивам и да давам љубов, но оваа љубов на која наидов е над моите очекувања. Се борев, трудев, подвизував да фатам бар малку парче надеж, но она што го најдов тука е вистинско тихување и среќа – среќа, срешта, средба со Бога, лице в лице. Не сакам да очекувам ништо повеќе, не сакам ништо повозвишено. Јас сум изгубен во сето ова. Но, ние православните христијани, ја живееме тајната на Божјата љубов во нашите празни животи, во нашето смртно тело. Љубовта на нашиот Бог нè прави достојни да учествуваме во неговата света Евхаристија, како членови на Неговото Тело, односно како достојни членови на неговата црква.

Евангелистот Јован вели: „Бог е љубов“. Навистина, ова е најдобрата одлика на Бога, та преку неа ние да сфатиме што е Бог. Дека Он не е ниту дух, ниту логос, ниту моќ, ниту светлина, ниту материја, ниту време, ниту праведен полицаец, ниту чесен судија, ниту накука, ниту царство… (види, спореди: За мистичната теологија, гл. 5 – Св. Дионисиј Ареопагит). Горенаведеното потврдува дека Бог е над секоја човечка замисла. Но, дозволете ми да кажам оти исклучоци се прават за зборот „љубов“. Бог не е ништо друго, освен љубов.

Философите, особено Аристотел, кога зборувал за љубовта го користел терминот ЕРОС (Ερως). Тоа го користел за онаа страсна љубов, љубов која се раѓа од телесните похоти и страсти. Но, гледате ли колку вешто и мудро, за да се избегне секаква забуна, Апостолот Павле го дава зборот АГАПИ. Апостолот е предвесник на една нова ера во која многу зборови ќе бидат прочистени од филтерот на црквата и ќе најдат своја примена во црковниот јазичен мозаик.

Сакај го секој човек, без да гледаш на неговите падови. Гревовите се гревови, а основата на човекот е една – образот Божји – свети Јован Кронштатски.

Голема мисла, голема вистина која е соодветен лек за карциномот.

 

Подготвил: чтец  Дамјан Трпкоски