БЛЕСКАВАТА ЅВЕЗДА НА МИЛОСРДИЕТО – Расказ

Ана и Дамјан беа најверни другарчиња. Заедно одеа на училиште, а и живееја во истата улица. Секој ден го поминуваа заедно. После училиште, заедно дома решаваа задачи, или, пак, се играа на игралиштето. Оваа зима, со нетрпение го очекуваа зимскиот распуст за да се играат преку целиот ден во снегот, да се тркаат по зимската патека, а нивната безгрижна насмевка не исчезнуваше од лицата. Но, нивните родители беа сиромашни, и многу тешко заработуваа за да се прехранат и да обезбедат за школување за децата. А неодамна, пак, се затвори фабриката во која работеа, така што останаа и без работа.

Се приближуваше празникот на Рождеството Христово, а загрижените лица на родителите ја отсликуваа немоќта што не можат на своите деца да им приготват барем скромна трпеза и да ги израдуваат со подароци. Децата ја насетија болката и загриженоста на родителите, и смислуваа планови како да им олеснат, барем малку да ги успокојат. Пари немаа, освен добрата волја и желба да помогнат. Така, се договорија да појдат до блиската селска црква. Влегоа во храмот, се прекрстија, се поклонија пред иконите на Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица, на светиот маченик Димитриј, кому црквата беше посветена. Ги прошепотија своите детски молитви од малечките срца, барајќи утеха за своите родители.

– Богородице, Мајко, прости ни што Ти досадуваме со нашите барања, но нашите родители се многу загрижени. Фабриката се затвори и тие се сега без работа. Премногу се исплашени дека нема да имаат пари да нѐ прехранат. Те молиме, помогни ни, заштити нѐ.

Тогаш свештеникот од црквата ги забележа, им се приближи и ги праша дали сакаат да му помогнат, бидејќи тој беше стар, а вечерта се служеше Божикната богослужба и тој не можеше да стигне да ги подготви сите потребни работи. Тие веднаш се согласија дека ќе работат сѐ што ќе им каже. Дамјан зеде да го исчисти снегот по патеките околу црквата. Ана, пак, ги украсуваше иконите со зимзелени венци, и потпевнуваше: Христос на земјата, воспејте Го! Ја гледаше иконата на Раѓањето Христово и си мислеше: Ете, и Тој беше како нас – сиромашен, се роди во студена пештера, осамен, и само со љубовта на Својата Мајка. Тие ја разбираат нашата немаштија и немоќ, и верувам дека нема да нѐ остават, нема да ја пренебрегнат нашата болка во деновите на славата на Неговото Раѓање. Капка бисерна солза се слизна од нејзините очи врз иконата, токму на местото од ѕвездата над пештерата, па таа блесна силно над Богомладенецот во јаслите.

Во тој миг пред црквата се паркираше еден автомобил. Излегоа маж и жена, во отмени облеки, кои беа слушнале дека фабриката е затворена и дека повеќето семејства се останати без плата и основните работи за живот, особено во овие празнични денови. Тие изнесоа од автомобилот полни пакети со храна и облека, за свештеникот да им подели на сите што ќе дојдат вечерта на бдението. Свештеникот срдечно им се заблагодари и ги благослови за великото дело на милосрдие. Дамјан веднаш се зафати да помогне околу растоварањето, а Ана се сокри и тивко пророни солза, но овојпат на благодарност, зашто Богомладенецот со Неговата Мајка ја услишаа нивната молба. Милостивите луѓе, како мудреците, ја следеа блескавата ѕвезда од солзата на Ана, и притекнаа да Му принесат скапоцени подароци на Богомладенецот, и на оние слични на Него, посебно зарадувајќи ги детските души.

Во тивката ноќ на Раѓањето Христово, на ноќната богослужба, Ана и Дамјан заедно со другите дечиња од детскиот хор им пееја со радосен глас пофални песни на Пресвета Богородица и Богомладенецот. На Божествената Литургија се причестија со Светите Христови Тајни, а на крајот од Литургијата, откако свештеникот возгласи: Христос се роди!, тие со радосни срца одговорија: Навистина се роди!

По богослужбата, свештеникот ги подели пакетите на присутните, а имаше и една кутија полна со играчки, за сите деца. Срцата на Ана и Дамјан трепереа и од радост  блескаа со ѕвездите во таа прекрасна Божикна ноќ.

А. С.