Старец Клеопа (Илие, 1912-1998) е познат како голем духовник на романското монаштво и наставник на многу мирјани, кои во голем број доаѓале кај него за духовна помош. Ви принесуваме фрагмент од неговата книга „Вредноста на душата“.
- Кога благодатта Божја пребива во нас? – го запрашал еден верник отец Клеопа.
А тој одговорил:
- Додека сме живи. Но, само ако ја бараме нејзе. Ако не ја бараме, доколку сме умреле духовно, тогаш таа повеќе не е со нас.
- Како можеме да ја здобиеме Божјата благодат?
- Благодатта Божја ја добиваме со крштението и ја зачувуваме во себеси благодарение на Светите Тајни и сите добри дела. Односно со постот, молитвата, исповедта, причестувањето, читањето на светите книги, бденијата, милостината, смирението, раѓањето и воспитувањето на децата во страв Божји итн.
Благодатта доаѓа при нас, но таа не продира во затворени врати. Бог не ги разбива вратите на ничие срце, за да влези. Ти си слушнал, што говори Он во Откровението? „Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата“, Јас и Отецот Мој „ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (Откр. 3, 20; Јован 14, 23)…
Благодатта доаѓа само тогаш, кога ние и ги отвораме вратите од своето срце. Таа чука на вратата, но ако ние сме се скамениле и не настојуваме да ја извршуваме волјата Божја, благодатта не доаѓа насилно. Бог му дал на човекот слободна волја – дали сака да ја прими благодатта или не. Благодатта не доаѓа насилно при нас. Не! Еве што говори Светиот Дух: „Ако Го барате и послушате, ќе ги јадете добрата земни; ако, пак, не сакате и се спротивставувате, меч ќе ве истреби, тоа го рече устата Господова“ (Иса. 1, 19-20).
Послушајте што уште вели Писмото: „Он (Бог) во почетокот го создаде човекот и го препушти на неговата слободна волја“ (Сир. 15, 14). И повторно, тоа говори во Псалтирот: „Господи, Ти, го благословуваш праведникот и со оружјето на милоста Своја го закрилуваш“ (Псал. 5, 12). Благодатта те наведува да мислиш: „Пости, човеку, моли се, пази го твојот ум, прави милостина, оди во храмот, отфрли го и мрази го гревот, исповедај се почесто!“ Ето што ти е потребно да правиш.
Благодатта ти дава мисла. И ако сакаш – ќе ја слушаш, а ако не – Бог насилно никого не спасува. Бидејќи тогаш повеќе не би постоел ни адот, ни рајот, ако ние би ги правеле добродетелите, принудени од силата Божја. Но ,човекот сè прави доброволно. Светиот Дух уште и говори: „Бог го љуби оној што од срце дава“ (2. Кор. 9. 7).
Така, настојувајте со љубов кон Бога да правите добро. Бидејќи после смртта нема да има покајание за никого. Со смртта се затвораат вратите. Сè, што можеме да го направиме, е додека во нас обитава искрата на животот, бидејќи после смртта ќе ја немаме можноста за правење добри дела. Во каква состојба ќе те затекне смртта, во таква и ќе те земе.
Кажано е во книгата Еклизијаст: „ако едно дрво падне кој југ или кон север, тоа си останува таму, каде што и паднало“ (Проп. 11, 3). А свети Јован Златоуст така го толкува тоа место: „Кога пророкот говори: „ако едно дрво падне на север…“ – зарем за дрвата се грижи Бог? Тука за душата се говори“. Потоа он говори: „Север – тоа е непокајаноста, во која смртта го нашла човекот, а југ – тоа е милостината и покајанието. Бидејќи таму каде што ќе падне душата после смртта, таму и останува“.
Во состојбата во која те најде смртта. Бидејќи до последната минута од твојот живот Спасителот, Кој се распна за нас посакува заедно со своите небесни Ангели и сите светии, спасение за твојата душа. Да се помолиме на Добриот Бог, Он да ни даде добар крај, за да не нè најде смртта неисповедани. Бидејќи ако смртта најде било кого неисповедан, тогаш исто е, како тој да умрел некрстен – ако имал смртни гревови. Нему повеќе ништо не може да му помогне. Дури и Црквата не може да измоли милост за него со своите молитви. Бидејќи тој не се погрижил навремено да ја очисти својата душа со вистинското покајание, искрената молитва и другите добродетели.
- Дали совршенството се продолжува после смртта?
- За совршените продолжува. Ти си слушнал што говори Светиот Дух: „минуваат од сила во сила, се јавуваат пред Бога, на Сион“ (Псал. 83, 7). И душите на праведниците, и Ангелите се искачуваат од век во век од едно скалило на духовното блаженство на друго, многу повисоко, сè повисоко, со повисоки духовни виденија.
Ако Бог нема граници во височината, во текот на вековите се искачуваат и праведниците, и Ангелите се сè повисоко, од степен за степен, ако душата се преселила во вечноста, во место светло. А ако човекот умира неисповедан и во тешки гревови, тогаш тој стрмно паѓа удолу, додека не стигне до дното на адот, од кој да нè избави Бог сите. Амин.
Архимандрит Клеопа (Илие)
Извор: http://www.pravoslavie.ru/99978.html
Превод: Игор Ризановски