Беседа во 13-та Недела по Педесетница

Во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

 

„Волот го познава Својот Господар и

магарето јаслите на Господарот Свој,

а Израил народот Мој, не знае за Мене“. (Ис.1,3)

 

Браќа и сестри, слушнавме од денешното свето Евангелие, дека Господ ја кажал параболата за Лозарите. Еден Господар имал свое лозје и лозјето го предал на чување и работење на лозари и отишол на далечен пат, а во меѓувреме, лозарите кои биле должни да се грижат за лозјето, да го чистат, да го обработуваат и да прават сè што е потребно за да даде добар плод, тоа не го правеле. Иако Господарот ги направил сите услови: го поставил на цврсти основи, ископал бунар, направил кула, сето тоа не помогнало, зашто лозарите биле небрежни луѓе и не се грижеле за лозјето. Тогаш Господарот испратил  свои слуги и кога дошле слугите кај лозарите за да го приберат лозјето, овие едниот го истепале, другиот го претепале до смрт, а третиот со камења го засипале. Па потоа, Тој испратил и други слуги, па и со нив исто постапиле. И најпосле го испратил и Својот Син, а кога Овој дошол да го прибере плодот, тогаш лозарите рекле: Овој е наследникот, ајде да го убиеме! – па го извеле надвор и таму го убиле Синот на Господарот.

Господ Исус Христос ги прашал присутните, старешини , книжници и фарисеи т.е. еврејските свештеници старешините кои всушност биле лозарите на Израелскиот народ. Што ќе им направи Господарот на лозарите кои биле небрежни – неодговорни за лозјето? А тие одговориле – ќе ги казни со голема казна, а лозјето ќе го предаде на други лозари кои ќе бидат способни да го обработуваат лозјето и ќе даваат добар плод.

Параболите или приказните кои Господ за време на својот земен живот ги кажувал имале една и единствена цел – да ги поучува луѓето и тие од тоа да извлечат поука – наравоучение и да не го прават она што го направиле грешните лозари во овој случај. Лозјето е Израелскиот народ кој Бог го избрал да биде чувар на верата, а дека е избран, гледаме и слушаме од Господа дека го нарекува Израилот „Свој Возљубен Син“, зашто го извел од египетското ропство како таткото синот на раменици што го носи, дека го хранел во пустината со Мана кој паѓала од небесата, дека го вовел во Ветената земја која раѓала мед и млеко, му дал пророци кои во параболава се Божјите слуги, а кои Израилците ги убиле наместо да ги послушаат. Како пророк Исаија, Еремија, Езекиил – едни со пила пресечени, други со камења отепувани и трети убивани на најразлични начини. Е ваков бил Еврејскиот народ, кој наместо да биде послушен народ, тој бил непослушен и не ги слушал пророците, судиите Израилеви и сите Божји луѓе. Затоа и пророкот Исаија вели: „Волот го познава Својот Господар и магарето јаслите на Господарот Свој, а Израил народот Мој, не знае за Мене.“ Па и кога Бог ги извел од Египет тие и тогаш биле непослушни, излеале теле и на него се поклонувале и затоа ги снашла Божјата казна.

Бог постојано избирал пророци, цареви и ги поучувал. Затоа и овдека во параболата Господ Исус Христос ги прашал присутните што ќе направи со свештениците, старешините, садукеите, фарисеите и тие одговориле дека Лозарите ќе ги убие, а лозјето ќе го предаде на чување на други добри лозари, кои ќе му дадат добар плод. И затоа од лозјето – Израилот се одзема благодатта Божја заради неверството, непочитувањето кон Бога, поради идолопоклонството што го правеле тие. А новиот Израил е незнабожечкиот народ, кого Господ го избрал, му се јавил и му објавил дека тој ќе биде вистинскиот народ што лозјето ќе го обработува, зашто ние  – Новиот Израил сме должни да ги поправиме грешките на Стариот Израил преку Светите Тајни: Покајание, Крштение, Маслосвет, Венчание, и преку тајната над Тајните Евхаристијата – Причесната, преку кои свети тајни се излева изобилно Благодатта Божја и така постануваме народ верен, народ послушен, народ избран – Нов Израил.

Должни сме да се поучиме, зашто ни ја дал Господ Црквата Божја и Светите тајни да живееме според нив – а ние тоа не го правиме и затоа ќе нè снајде поголема казна од Евреите, ако не останеме доследни на нашето ветување кога сме се крстиле дека „се одрекуваме од сатаната од сите негови дела, од сето негово служење и од сета гордост негова“ и дека го прифаќаме Христа нашиот Спасител, за вистински Бог, Цар и Спасител. Ако не го одржиме ова ветување, тогаш ќе нè снајде истата таа трагедија што го снашла Израилскиот народ. Затоа, наша должност е да бидеме послушни и да не ги повторуваме грешките на Старозаветниот Израил. Затоа и самиот Израил, неколку дена пред да биде распнат Господ Исус Христос, кога тој влегувал во Ерусалим тие викале: „Осана на Синот Давидов“ а само по неколку дена, на судењето пред Пилата велел: „Распни Го, Распни!“. Па зар ние не го правиме тоа кога велиме дека ќе бидеме вистински христијани, дека ќе живееме според Евангелието, според заповедите и Старозаветни и Новозаветни, особено по оние двете најголемите: „Возљуби го Господа својот Бог со сето свое срце, со сета своја душа, со сиот свој разум и ближниот свој како себе си!“ (Мт. 22, 37)

Денес зборуваме за кризи, што е тоа кризис браќа и сестри? Криза или крисис е грчки збор, а преведено на наше, значи суд, Божји суд за нашите недела, за нашите постапки. И никој не може да го одбегне Божјиот гнев, освен ние самите го одбегнеме со покајание, да побараме прошка за нашите гревови, како тоа што го направиле Ниневијаните, кога и тие и стоката нивна 40 дена постеле, за да ја одбегнат казната Божја. А ние не се каеме не препознаваме дека има Суд Божји и криза и какви се тие казни или судови што треба да нè стигнат. Ги слушаме телевизиите и медиумите: едните велат дека тоа е Вистината, другите го порекнуваат тоа и оние кои не можат да проценат и расудат која е и што е вистината, веруваат или на едните или на другите. А не може за една работа да има две вистини. А ако не знаеме да расудиме што е вистина, а што е лага, тогаш гревот е на нас. Како треба да расудиме? Затоа е Светото Писмо. Кога ќе ги поставиме сите работи и настани од Светото Писмо и кога ќе видиме кој ја исполнува Божјата волја, кој живее согласно со законите Божји – е тој е на правата Вистина, а оној што ќе нè лаже и ќе ни кажува разни прикази, а ништо не остварил, ништо не направил освен лага и лажење, тој не е на правиот пат. Тој можеби накратко ќе успее со лагите свои, но потоа таквите ќе бидат изведени на Судот Божји.

Затоа ние, да се помолиме да не бидеме како оние лозари за кои се говори во денешната парабола, небрежни, неодговорни, за нашето работење. Што значи да бидеме вистински лозари? Тоа значи народот наш да го поучуваме не со зборови, туку со животот и со делата наши.  Зашто е речено „Да светнат вашите добри дела и да го прослават Вашиот Отец кој е на Небесата“(Мт. 5, 16), а нам нема да ни биде судено според она што го говориме, туку според делата наши. Сите ние треба да се погрижиме за нашиот народ и ние владиците сме должни, не само да проповедаме како јас денес што ви проповедам,  туку  со своите постапки и дела тоа што го зборуваме да го потврдиме на дело. Како ангелот Божји што му вели на ангелот на една апокалиптична исчезната црква дека: Ги знам делата твои! Иако си жив, знам дека си мртов бидејќи ги знам твоите дела, (Откр. 3, 1) односно, владиката на таа Црква не живеел согласно со Божјите заповеди, затоа Господ Му вели иако си телесно жив, знам дека си мртов. Така и ние, иако сме телесно живи, ако не живееме според заповедите Божји, ние сме духовно мртви.

Да се помолиме на Господа, на Мајката Божја како наша застапница, на Светите Ангели, на Светите Апостоли на светиот Јован Претеча и Крстител и на сите свети, како вистински христијани, од нас да се отстрани секаква лоша намера, фантазија, грешни желби, секакви грешни похоти и страсти и да поработиме како добрите лозари, да се покаеме и да направиме добар плод и добри дела. Ако гладни нахраниме, неуки поучиме, неупатени упатиме, оние што се на грешниот пат, ги вратиме на правиот Христовиот пат, ако ожалостени утешиме, болни по домови и болници, по затвори посетиме, само така ќе го наследиме Царството Божјо. Амин!

03.09.2017 г.

(Митрополит Преспанско-пелагониски и Администратор Австралиско-Новозеландски г. Петар)