Звук во уво наближува
Како шум од летен припек,
Дали е тоа прелага
Или претстојност е во тек ?
Зборови пливаат во оскудица
Срце јуначко се колеба,
Да ти пристапи не сака
Душа се најде недостојна
Послушност барем да ме закрепнеше,
Нешто кое ке ме оправда
Од калта ме извлечи
Рани недостојни да залечи
Смелост да ми долови
Дрскост од мисли да истера,
Не се сите реки чисти –
Море сепак ги прима
Ете ме мене,
Нема со што да се пофалам,
Мене и моето бреме
Покрај слава Твоја да поминам
Дозволи сенка барем да Ти допрам
Патека да погледнам
Заедно со Ангели испратени
Песна да ти нанижам
Дел да имам не во славата
Туку во шумот на лисјата
Кои како ѕвезди ке паѓаат
И Тебе слава ке Ти воздаваат
Ти Кој го прослави Творецот
Го понесе храбро венецот
Го прифати мачеништвото
Она кое е на Љубов заложништво
Во тело за сведоштво
Вон тело за учество
На трпеза Авраамова
Исакова и Јаковова заоставштина
Ајде, умот надари го
Со она кое на Бога му е угодно
Па потоа повторно остави ме –
Во прашина заборави ме
Само малку да послужам
Без гордост да разнежам
Рајска птица да испратам
Бога во Тебе да го прославам
Богољубива поезија од сестринството на Слепченскиот манастир, посветена на Светиот Кипријан Слепченски