Зошто Сретение, а не Средба? – свештенoмаченик Венјамин Федченков

Средба… Тој збор – добар е; но за нас, грешните, тоа е малку преслободно: затоа што се сретнуваат еднаквите. А тука – посоодветен е словенскиот збор „сретение“; зашто тој зборува за излегување на помалите за средба кон поголемиот – луѓето, кои го чекаат Бога.

За тој збор би сакал да зборуваме.

Нели сме забележале, дека при секоја средба – особено, ако блиски луѓе долго не се виделе – дека се чувствува некоја возвишена радост? Луѓето речиси секогаш се смеат, како да нашле некое изгубено богатство. Восклици… Поздрави, бакнежи, прегратки.

А ако се сретнале дома, започнуваат грижливи збрки: со што да се угости драгиот гостин?.. И сето тоа со голема желба, со радост. Потоа разговори, внимателни… Но, ете, ќе помине првиот порив на средбата, и чувствата почнуваат да се враќаат во спокојните текови… Насмевката се заменува со сериозност; восхитот со службени односи; радоста – со секојдневни дела. „Празникот“ од средбата си заминал. И животниот тек влегува во коритото на подвигот.

Многупати сум го набљудувал тоа; и секогаш ме интересираше прашањето: зошто луѓето се радуваат при средбата? И следствено, нема ли да најдам материјал и за „Сретение“?

VE_081
Митрополит Венјамин Федченков

Кога човек постојано живее во блиско општење, не забележува: колку му е драг, па дури и колку е добар другиот човек, со кого што живее. А доволно е да се разделат, макар на одредено време – и сивата секојдневна маска ќе се заборави, и почнуваме да ја гледаме другата, добрата страна во нашиот сопатник: тогаш се покажува идеалниот човек, во неговата најдобра состојба, и дури – во вистинскииот, богоподобен, во неговиот добар вид. Но, потоа, благодарение на нашата слабост, не издржуваме во идеалното; повторно се спуштаме во нашиот низок, немоќен живот – и волшепството поминува.

Првото објаснување е: се сретнуваат идеални души, и доброто на добро се радува.

Некогаш луѓето, заради својата жестокост, ладност, дури и неискрено се радуваат на средбата; но сепак, прават „добро лице“: како да им е мило. То ест, се прилагодуваат како за вистинска средба; следствено, радоста од впечатоците ја сметаат за задолжителна, или идеална состојба.

Постои и друго објаснување: првата средба е прво општење на душите. Значи, општењето дава радост. За што ни зборува сето тоа? Човекот е создаден за радосно општење, а не за осамен живот. Тоа – е радост од љубов кон другите. Но, бидејќи немаме долго сили за толку силна радост, таа брзо слабее и речиси гасне…

Се сеќавам на следниот случај. Беше болен еден јероѓакон… Дојдоа да го посетат познаници, кои притоа имаа високо место во општеството… Цело семејство. „Јас, – ми раскажуваше тој потоа, отпрвин многу им се израдував. Почнавме да разговараме: сè беше многу пријатно. Но, помина половина час; и јас почнав да чувствувам, дека веќе немам душевни сили, не само да се радувам – но, дури и љубезно да се насмевнувам. Стана тешко да го одржуваме разговорот, и почнав да мислам: кога веќе ќе си заминат?“

Тој случај ја покажува и радоста на општењето, и оскудноста на нашите сили за продолжителна радост. Но сепак, идеалот – е радоста од општењето. А ладноста – е наш пад.

За крај, уште едно објаснување. Живееме со човек, некогаш и многу близок и добар, но не го цениме доволно. А ако го „изгубиме“ или се разделиме на некое време, веќе ја чувствуваме празнината од него, како лишување, како одделување од драгоценото, како загуба, како одземање на дел од нашето „јас“. Но, кога ќе го сретнеме, изненадно изгубеното „го најдеме“ – тогаш се пополнува тој недостаток.

Ете такви чувства се случуваат при средбата. Ако се замислиме над словенскиот збор „сретение“ тогаш се присоединува и уште еден нов впечаток, и радоста соодветно се зголемува; и во неа се додаваат нови елементи: почит, благоговејност, восхит.

А над сето тоа, и чувството на благодарноста за милоста од средбата: „се удостоив“, „слава Богу!“

Секако, ако ги сретнуваме нашите спасители, ослободители, ќе имаме и други  чувства; но за тоа ќе зборуваме посебно. Сега, да ги пренесеме сите тие размислувања на празникот на Сретението Господово: има ли тука нешто заедничко?

Да, и сега се чувствува радоста на Симеон и Ана: „Конечно дочекавме…“ „Се удостоивме“. Се радува Старецот. Го зема на раце… Го прегрнува Младенецот… А Ана, како поревносна жена, и покрај нејзините 84 години, не може да се воздржи и почнува на сите страни, на сите „кои Го чекале“ доаѓањето на Месијата-Утешителот да им проповеда за Него: веројатно, возбудено, восхитено, да им зборува, да ги убедува; не можејќи да ја воздржи радоста во себе.

Ете како може да се искажат првите чувства на оние кои пречекуваат. И следствено, и ние треба да имаме слично расположение на празникот.

Човештвото, оддалечено од Бога поради непослушанието, сега повторно се гледа со Него; и се радува! Посебно – затоа што тоа е примено толку ласкаво, милостиво: тоа се претставува со примањето на Богомладенецот во рацете на Симеон, во неговите прегратки. За таквите случаи има и посебен збор: „се предаде“ то ест „отишол“ кон рацете што го канеле, викале, „Се предал“ на Старецот. Најдобрите луѓе тагувале по Бога, сакајќи повторно да бидат во општење со Него. И се удостоиле! Како да не се радуваме?!

Митрополит Вениамин (Федченков) „Мисли за дванаесетте празници”. М., 2008

 

Извор: http://www.pravmir.ru/pochemu-sretenie-a-ne-vstrecha/