Бог е светлост. Он живее во непристапна светлина. Христос е „Сонце на правдата“. Он е и „тивка светлина„ и „светлина незаодна“.
Во Црквата и во домовите пред молитвата се пали кандило или свеќа што гори и за време на литургијата и молитвата. Многу од верниците се прашуваат зошто се пали кандилото или свеќата пред иконата? Која е целта на тоа? И какво значење има запаленото кандило или свеќа пред иконата на Господ Исус Христос, Богородица или на светителот кому се молиме?
Прво: бидејќи нашата вера е светлина. Христос рекол: „Јас сум светлина на светот“ (Јован 8, 12.). Светлината на кандилото или свеќата нè потсетува на Христовата светлина која ни ги просветлува душите.
Второ: да нè потсети на светиот живот на светителот пред кого го палиме кандилото или свеќата, бидејќи светителите се наречени „синови на светлината“.
Трето: да ни служи како прекор за нашите мрачни дела, лоши помисли и желби, и да нè повика кон патот на евангелската светлина. Па така, да се потрудиме да бидеме ревносни по заповедта дадена од Христос Спасителот: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела (Мат. 5, 16).
Четврто: тоа да биде мала жртва од нас за Бога, Кој се жртвуваше за нас. Еден мал знак на голема благодарност и светла љубов спрема Оној, од Кого во нашата молитва бараме здравје, спасение, помош и сè она што само безграничната Божја љубов може да ни даде.
Петто: тоа да биде плашило за злите сили, кои понекогаш нè напаѓаат за време на молитвата и кои нашите мисли ни ги насочуваат на друга страна, наместо на Бога. Затоа што злите сили ја сакаат темнината и се држат понастрана од секаква светлина, особено од онаа која е наменета за Бога и Неговите угодници.
По наведените симболики, светлината која ја даваат свеќата или кандилото, ја означуваат светлината на новозаветното Евангелско учење, која нас ни го осветлува патот во овој живот. Покрај светлината, запалената свеќа дава и топлина, а тоа ја означува топлината на молитвата и љубовта за тој што ја палиме свеќата.
Шестто: да нè поттикне на самопрекорување. Како што маслото и фитилот горат во кандилото, покорни на нашата волја, така да горат и нашите души со огнена љубов во сите наши страдања, секогаш покорни на волјата Божја.
Седмо: Да нè научи, дека како што кандилото не може да се запали без нашите раце, така ни нашето срце, тоа наше внатрешно кандило, не може да се запали без светиот оган на Божјата благодат, па макар и да е исполнето со сите добродетели. Затоа што сите наши добродетели се како гориво, а од Бога е огнот кој запалува.
Осмо: да нè опомени, дека Творецот на светот најпрво ја створи светлината, па потоа сè по ред. И рече Бог: нека биде светлина и би светлина. Така треба и на почетокот на нашиот духовен живот, прво да засвети во нас светлината на Христовата вистина. Од таа Христова светлина, подоцна во нас се создава, никнува и расте секое добро. Светлината Христова и вас да ве осветли.
Исто така, палењето на свеќа и кандило е и материјална жртва, која придружена со искрена и топла молитва има големо значење пред Бога.
На кого и кога треба да се палат свеќи и кандила? Не може да се набројат сите случаи кога православниот христијанин го прави тоа, како што е и со правењето на крсниот знак т.е. прекрстувањето. Сепак, свеќите најчесто се палат во храмовите, кога лично ќе присуствуваме на црковните богослужби, особено за време на Светата Литургија.
Палењето на свеќи и кандила обично се пропратени со молитва кон Бога за здравје, спасение и напредување во духовниот живот за нас самите или за нашите роднини и пријатели, или пак е молитва за успокојување на душата на некој наш драг покојник. Ако се има можност и средства, тогаш за секоја личност се пали по една свеќа, ако не, тогаш со една свеќа можат да се спомнат многу имиња и на живите и на мртвите.
Свеќите и кандилата се палат во спомен на поедини светители и Божји угодници, на кои ние со свеќата ги упатуваме нашите молитви, барајќи нивно молитвено застапништво пред Бога, или пак нивна помош и заштита во искушенијата и неволјите на кои сме изложени.
Палењето на свеќи во храмовите не треба да се извршува нападно и за време на извршување на најсветите случувања како: за време на читењето на Евангелието, Големиот вход, Канонот на Евхаристија и Причетувањето. Нашата ревност да нè натера да бидеме во храмот пред почетокот на богослужбата, па мирно и спокојно да ги извршиме духовните потреби како палење на свеќи и лични молитви, а за време на богослужбата да внимаваме и да не им сметатме на другите во молитвата со нашето шетање во храмот и палење на свеќи.
Никој да не мисли дека палењето свеќи (во големи количини) е некаква обврска или принуда, па ако не сме во можност да купиме свеќи, тогаш можеме да избегнуваме да одиме во црква. Тоа веќе е замка на нечестивиот, за преку нашето сиромаштво да нè оддалечи од богослужбата. Ако немаме пари за свеќа, да му принесеме на Бога чисто срце, како најсветла свеќа, и нашите топли молитви, кои на Бога ќе му бидат угодни и без свеќа. Свеќите не се суштина, тие се само симбол на она што се случува во нас. Но дури и да не ја искажеме нашата внатрешна состојба преку симбол, таа нема да се намали.
Извор: http://oslobodjenje.rs
Превод: ѓакон Крсте Тасески