Јас се молам Божјата љубов да ја ороси твојата жедна душа и твоето срце да ја задоволи жедта на изворот на водата. Така и душата моја, Боже, копнее по Тебе!… кога ќе дојдам и ќе се јавам пред лицето Божјо?“ (Псалм 41, 1-2)
Слава Ти, Боже, за Твојата голема милост кон мене! Иако не направив никакво добро на земјата, Бог ми дава утеха и ја смирува мојата душа. Одвреме навреме, благословената роса на Божјата љубов делува врз мојата скаменета душа. Ах, колку ја омекнува мојата бедна душа. Колку ја освежува и истовремено ја просветлува, од товарот на искушенијата во животот! Кога Бог би ме удостоил, по твоите молитви, вечно да отпочинам во росата на Божјата љубов, за која што толку многу копнеам!
Спасението на човекот бара многу напор. Искушувачот, односно ѓаволот, дејствува со сите негови вештини и знаења со цел да го уништи човекот. Не оставај нè нас, Боже, Боже мој и биди ни нас она што, бакарната змија беше за Мојсеја (4.Мој. 21, 6-9), па погледнувајќи кон Тебе, да се исцелиме со каснувањето oд духовните змии.
„Кога ќе го издигнете Синот Човечки, тогаш ќе узнаете дека сум Јас“ (Јов. 8, 28). Христе мој, моја светлино, љубов моја распната, Кој поради нашите гревови на Крстот беше подигнат, Бакарна Змијо, кој ги спасуваш душите на тие кои беа каснати од зли змии, излекувај нè и нас, кои сме ранети од осилото на гревот.
Бог да нè благослови и нека во Неговата добросрдечност ни го отвори морето на Своето милосрдие, за да можеме сите да бидеме соединети во вечниот и блажен живот, каде што не постои ниту болка, ниту тага, ниту воздишки, туку само бесконечен живот – „Бог ќе им ја избрише секоја солза од очите нивни“ (Откр. 7, 17).
О, каква радост, која веќе не може да ни се одземе! О, какво убедување на совеста дека веќе се завршени страдањата на овој тегобен живот! „Кој Бог е толку голем, како нашиот Бог!“ (Псал.76, 13)? Он е Отец преплавен со милосрдие, Кој не обрнува внимание на гревовите сè додека покајаниот син вели: „Татко, згрешив против небото и пред тебе“ ( Лука 15, 21). Таткото потоа без двоумење го прегрнува и бакнува, и од Неговото срце исчезнува секоја трага на незадоволство, која што можел да ја предизвика развратот на Неговите чеда.
Останувам без зборови, замолчувам кога размислувам за милоста и љубовта со која ќе се хранат благословените души во Царството Небесно!