ЗА КРИЗАТА – Валериј Гафенку

Валериј, што е суштината на денешната криза?

– Атеизам.

Што гледаш во денешниот свет?

– Гледам внатрешно безредие, распаѓање што води кон нихилизам, бидејќи луѓето се обземени со ништожноста на нештата, со привидноста на формата, со сладострасно истоштување, со историзам без возвишеност, со церемонијализам без Бог, со конзумеризам без духовност, со лагата што се сокрива во себеобожувањето на човекот. 

На сите духовни полиња на човековиот живот се распростира катастрофа. Многу страдање ќе биде неопходно за духовно да се пренасочи светот и да се смени начинот на живот.

– Зошто Бог дозволил светот да падне во сегашнава криза, после 2000 години христијанство?

– Оваа криза не е од Бог, ниту пак, е од верата, туку, поточно речено, е од слободата на човековата совест. Во минатите неколку векови човекот го обезбожи светот, ги опустоши душите, го поттикнуваше сладострастието и падна на гордоста на материјализмот и атеизмот. Истовремено, демонските сили се поусовршени и подобро организирани во 20 век, отколку во првата христијанска доба. Начинот на кој ѕверот ги убива светителите и начинот на кој тие гинат во 20 век е подемонски, поизопачен, посеопфатен, посистематски, посвиреп од начинот на кој мачениците биле убивани во добата на катакомбите. Милиони христијани денес не се на духовното ниво на катакомбите, но во овој век, светителството и мачеништвото се поголеми од кога и да ,е во интензитет и пројавување. Непријателите на христијанството, оние што го започнаа ова мачеништво, сакаат да се скријат и да направат светот да Го заборави Христос, но се лажат самите себе и докажуваат дека се немоќни. Успеаја да владеат со светот, но правејќи го тоа, направија светители и маченици. Успеаја да им ги затворат устите на луѓето, но не беа способни да ја прикријат светлината на светителите. Бог дејствува во светот дури и преку тие што не веруваат. Ова се чини како причина за кризата, што 20 век ја искусува: очистувањето, кое е неопходно за повисоко ниво на духовност и постоење.

valerios
Светиот маченик Валериј Гафенку, нов Исповедник.

– Зошто верата е неопходна во светот?

– Поради мудроста со која Бог го создал светот. Светот е несовршен; всушност, не постои ништо совршено во него. Ниту неговиот политичко-социјален и економски поредок, ниту културата, уметностите, науките, философиите, ниту вероисповедите. Луѓето, создадени слободни и свесни, без разлика колку надмоќни може да бидат во светот, не можат да достигнат совршенство освен преку заедница со Бог. Ако му се одземе овој однос со Божественото, човекот станува ѕвероподобен и небитие. Затоа, верувањето е неопходно. Христијанството често е омаловажувано од материјалистите како назадно, мрачно, средновековно, инквизиторско, језуитско, измамничко. Како може да одговориме?

Материјализмот што го оцрнува христијанството денес ја има науката како своја теоретска основа. Но, токму науката е антиматеријална и го открива материјализмот како беспоштеден, ограничен, механистички, нихилистички и катастрофален. Светлината на материјализмот е темнина; насоченоста кон прогресивизмот е спротивна на природата; сладострасноста на материјализмот ја поништува природата; хуманизмот на материјализмот го направи светот животински. Законите на материјализмот се измислица, и затоа на одредено време ја заробуваат човековата мисла. Науката ги достигна границите на материјалното знаење и самото го вкотвува светот во одандестраното.

– Како е можно да се избегне кризата на материјализмот?

– Преку Христос, но светот денес не Го прифаќа. Денес никој не е расположен да го промени своето гледиште и начин на живот, иако го води кон несреќа. Настаните веќе си имаат свој тек и повеќе ниту христијаните не можат да ги запрат. Сепак, имаме обврска да повикуваме кон човештвото: „Ставете крај на распуштеноста, одречете се од самоволието, средете ги своите животи, ограничете ја својата алчност, вратете ѝ се на природата, отфрлете ја гордоста, уништете ги атомските оружја. Ако сте реални, видете ја духовната реалност. Ако поседувате знаење, вкответе се во одандестраното! Дајте ѝ на својата душа светост од висините, бидејќи само на тој начин ќе бидете спасени. Покајте се! Повикувајте кон Бог да стави ред во вас и во вашиот свет, на вашата земја и на вашето небо!“ Но сето ова да не остане само апстрактен, моралистички совет. Христијаните се повикани да бидат будни. На светот Му треба Христос, вера и вистинско христијанство.

 

Подготви: А. С.