За красноречивоста како дар Божји – Свети Игнатиј Брјанчанинов

Писмо до Антониј (Бочков), игумен на Кременскиот манастир ,,Св. Јован Богослов

Почитуван,

Високопреподобен отец Антониј!

Од сѐ срце Ви благодарам што ме посетивте мене грешниот. Посетата ми пружи вистинска утеха. Посебно Ви сум благодарен што посакавте да ми ја претставите Вашата поезија и Вашиот прекрасен талент, кој навистина вреди. Откако заминавте, игуменијата Марија ми прочита уште неколку Ваши творби. Сѐ што Бог му дарил на човекот е достојно за почит. А дарбата за красноречивост (зборови), несомнено е една од најголемите дарби. Поради таа дарба човекот е сличен на Бога, Кој го има Своето Слово. Човековото слово, исто како и Словото на Бога, секогаш живее со и во својот татко – умот – и е едно со него, а истовремено е неодделно одделено од него. Човековиот збор зависи од самиот ум, од кој постојано се раѓа и со него, умот го искажува своето постоење. Не можеме ни да си го замислиме постоењето на умот без зборот, ниту пак на зборот, без умот. Кога умот сака да комуницира со умовите околу него, тој го користи својот збор за тоа. За да стане средство за комуникација, зборот се облекува во звуци или во букви. Така, нематеријалниот збор се претвора во материјален, а притоа останува со непроменета суштина. Исто така и Словото Божјо се претвори во човек за да стапи во контакт со луѓето и да ги спаси. Со разумно разгледување на човековиот збор, ќе ја сфатиме причината за Божјaта строгa заповед со која се прогласува и заповеда, дека секој човек ќе одговара за секој свој празен збор.

Возвишената цел на зборовите на писателите, наставниците и пред сѐ, на свештениците е да се насочат и спасат луѓето. Колку само штета ќе нанесат оние, кои средствата за поучување  и спасение ќе ги претворат во средства за извитоперување и уништување. Свети Григориј Богослов пишуваше стихови со возвишена, строго благочестива цел: да обезбеди четива и слики во поезијата за младите христијани, и со тоа да ги оттргне од проучувањата на паганските поети, кои шират сладострастие и други страсти и сквернења.

Искрено Ви ја посакувам и Вам целта на Богословот, сметајќи Ве за достоен до одредено ниво да ѝ се покорите на оваа цел, па Вашата награда ќе биде голема, како на земјата така и на Небесата.

Земете го јаремот на оваа цел, како некој должен, некогаш да му возврати на Дарителот за талентот што ви го подарил. Вложете го сиот труд, за да ја постигнете оваа цел. Занемарете го целосно јадот, постојано бидете понизно посветени на покајната молитва со која сте сега окупирани и од таму црпете инспирација за Вашите творби. Потоа, Вашите творби нека бидат предмет на Вашата најстрога критика. Па просветлени од покајната молитва и со чиста совест, безмилосно отфрлете го од творбите сѐ она што му припаѓа на световното и му е непознато на духот Христов. ,,Тешко вам што се смеете сега (Лука 6,25), овие се Христовите зборови. Овие се заповедите Божји. Невозможно е да се занемарат со какви било изговори. Судејќи си и анализирајќи се себеси, ќе согледате дека секој збор напишан или изговорен во духот на световното, на Вашата душа само го става својот жиг со кој душите се запечатуваат за кнезот на овој свет. Неопходно е да се покаете за таквите зборови, кои настануваат поради ентузијазам и незнаење. Битно е во срцето да се има верност кон Христос и секое оддалечување на срцето од верноста, поради нашата немоќ веднаш, да се излечи преку покајание и оддалечување од делата што биле поттикнати од неверноста и направени под влијание на духовите кои ни ласкаат, а истовремено се жедни за нашиот пад.

Веќе замислувам книга со Ваши стихови, поезија што вреди да се нарече и света и достојна. Ах, камо моите очекувања да станат реалност, па да можам пак да се израдувам со духовна радост. Не можам да кажам ништо за себе, видовте повеќе од што можам да Ви кажам. Уште еднаш Ви благодарам што се измачивте и дојдовте да ме посетите, и од Бога просам благослов за Вас. Молете се за мене, и со чувство на најискрена посветеност и почит, чест ми е што сум Ваш покорен слуга.

Епископ Игнатиј

11.08.1864

Превод од англиски: Марија Трифуновска Тасеска