Излезе уште една електронска книга, во издаваштво на Преспанско-пелагониската Епархија.
Книгата „Воин на Духот“, претставува зборник на Писма од блажениот еромонах Серафим Роуз, во кои се зборува за основите на христијанскиот, а со тоа и на монашкиот живот, за правилниот стремеж на човекот да Му угоди на Бога, за стекнувањето на Светиот Дух, Кој е критериум за сите наши дела.
Во приложение, следува предговорот на книгата од отец Герман Подмошенски, и линк каде што ќе можете истата да ја преземите бесплатно, во целост.
Голема благодарност до преведувачот.
Предговор
Отец Серафим можеби не беше секогаш во право, и некои работи ги научи на потешкиот начин, но тој не беше кукавица. Тој беше силен, мажествен „воин на духот” (како што го нарече еден од победниците на натпреварот за есеи), човек кој го проби својот пат преку неверието, нихилизмот, контракултурата, модерната академија и лажни и нецелосни духовни патишта, а потоа и низ световноста и лагите на неговата црква. Кога ќе видеше нешто погрешно во црквата, се бореше против тоа иако знаеше дека тоа може да го доведе во неволја. Тој не се бореше само против она што беше безбедно да се напаѓа, т.е. она што неговите ерарси или неговиот круг на јавни истомисленици му дозволија да го критикува. Тој напиша за еден од неговите ерарси, чии активности ги сметаше за негативни: „Ние го почитуваме неговиот висок чин, но сепак ја зборуваме вистината кога сме повикани.“ Секако, тој не дискутираше за сите црковни проблеми со сите негови пријатели, познаници и духовни чеда. Во збирот на неговите зачувани писма, овие коментари, главно, се упатени кон оние што се во можност да му помогнат на неговото братство со овие проблеми, или кон оние, кои и самите, исто така, се соочуваат со овие проблеми и на кои им е потребно да бидат предупредени и охрабрени. Пред сè, тој зборуваше за монашкиот труд, што тој и неговите браќа го вложија во дивината, да не биде проголтан од организацискиот менталитет кој ги парализира активностите, го гаси духот и го прави животот нетрпеливо досаден.
Некои луѓе сакаат да го претстават о. Серафим, како политички коректно лице на една Православна јурисдкиција. Тој не беше таков. Во прилог на неговите текстови цитирани во книгата „Не од Овој Свет“, сведоштвата во неговите писма, цитирани подолу, се доволен доказ да покажат дека тој не беше член на ниедна партија. Има уште многу такви писма кои се необјавени.
Писмата изложени овде, исто така, го прикажуваат о. Серафим како човек, кој поради љубовта кон браќата монаси oставени во негова грижа, не се плашеше да биде храбар и силен во нивното исправување. Кога ги прекоруваше, неговата цел беше да ги извади од слабоста и нивното самозадоволство, од разгаленото модерно американско воспитување, да ги разбуди од калкулирањето и фарисејството, познати како „синдром скржаво-срце“ и да им помогне да го сфатат и ценат „душевното единство“ и едноставната вера, која е основа на монашкиот живот.
Освен неколку кратки извадоци, писмата собрани овде, ги нема во книгата „Не од Овој Свет“, и во ова издание, за првпат се издаваат во печатена форма. Ние ги подредивме во хронолошки редослед и им дадовме наслови.
Копии од оригиналните писма и дневници на о. Серафим (вклучувајќи ги и тие цитирани во Не од Овој Свет, збирката прикажана подолу и други) се зачувани во архивата на Центарот за изучување на о. Серафим Роуз (1139 Janero Drive, Santa Rosa, California 95407) и ѝ се достапни на јавноста.
о. Герман