За отец Василиј, Оптина станала лулка, во која растел и се зацврстувал неговиот монашки дух. Тој често ги посетувал почивалиштата на тогаш, сеуште непрославените Оптински старци, и долго се молел таму, барајќи ја нивната помош и застапништвото на Царицата Небесна, која го раширила својот омофор над манастирот. Отец Василиј составил неколку прекрасни стихири за Оптинската пустина, многу и плодотворно работел на составувањето на службата на преподобните Старци, која за жал не успеал да ја заврши.
Во февруари, 1993 г., за последен пат ја посетил Троицко-Сергиевата Лавра, на редовната сесија во духовната семинарија. На враќање, ја посетил и неговата мајка во Москва, отслужил панихида на гробот на својот татко. Потоа, ги извадил од штедната книшка малкуте пари, кои за него ги собирала од својата пензија Ана Михајловна, и предавајќи ѝ ги, ѝ рекол: „Те молам, повеќе не ставај пари. Мене не ми се потребни. А и како ќе застанам со нив пред Бога!“
Последниот, во својот живот, Велигденски пост, отец Василиј го поминал построго од обично. Освен задолжителните долги манастирски служби, тој уште долго се молел по ноќите во својата келија. На Велики Петок, за време на богослужбата, требало да биде канонарх. Отецот излегол на солејата, но наеднаш замрел со книгата во рацете и долго молчел. „Се ужасна од ова земјата, и сонцето зраците свои ги сокри“ – прочитале од певницата, и хорот запеал.
– Што се случи? – го прашале потоа – што ти беше?
Но, отец Василиј не одговорил. Дури подоцна, тајно му раскажал на еден брат, дека во тој момент, кога требало да чита, го видел старец Амвросиј, но за што зборувал со него Преподобниот – не му кажал.
На Велика Сабота, цел ден отец Василиј исповедал, а кога веќе се стемнило и се осветувале куличите[1], му станало доста лошо: се собрале големата премора, службите, послушанијата, неспаните ноќи и строгиот пост. На Страсната Седмица тој воопшто не јадел. А истовремено, сметал, дека е подобро да умре на послушание, отколку да се откаже од него. Отец Василиј стоел блед, држејќи се за аналојот. Изгледал така, како секој миг може да падне. Во тоа време, некој од јеромонасите ги осветувал куличите. Тој го поросил отец Василиј со света вода, но отецот го замолил: „Пороси ме посилно…“ Тогаш јеромонахот штедро му прснал во лицето и на главата света вода. Отец Василиј се насмевнал, со олеснување воздивнал, и велејќи: „Сега веќе е во ред“, повторно се вратил да ги исповеда парохијаните.
Пред Пасхалната литургија, отец Василиј го назначиле да прави Проскомидија, и затоа тој порано се облекол во црвен фелон. Проскомидијата секогаш ја правел брзо и јасно, а тогаш некако забавил.
– Што си толку бавен? Треба побрзо! – го забрзал настојателот.
– Не можам, простете. Толку ми е тешко, како сам да се колам – одговорил отец Василиј. А кога завршил, рекол: „Никогаш толку не сум се изморил“.
На крајот на Пасхалната литургија отец Василиј излегол да канонарши. Гледајќи го изморен и блед, браќата од певницата рекле:
– Одморете отец, ќе се снајдеме сами.
– Тоа ми е послушание – решително одговорил отец Василиј и започнал: „Да воскресне Бог, и да се разбегаат Неговите непријатели!“ – Непоколебливата вера во тоа, дека Господ сè ќе среди, му давала сили и го закрепнувала.
… Сонцето во Оптина излегува од страната на Скитот, криејќи се зад густите гранки на старите борови, посадени уште од преподобните старци. Од тоа, изгрејсонцета како да се појавува со огнени јазици. Врвовите на боровите сè посилно и позаслепувачки се издигаат пред небесната розова шир, како светли ореоли на тие моќни дрвја. Брзо, првиот сончев зрак, внимателно ја фрла својата топла пролетна светлина на белиот манастирски ѕид. Златните куполи на Воведенскиот храм почнуваат торжествено да блескаат, како древните јунаци од времето на вјатичите. Сè наоколу се исполнило со тивко благодатно спокојство, како да не сакало да ги тревожи монасите, изморени после ноќната богослужба.
Тоа Пасхално утро, браќата, поткрепувајќи се, се разотишле по келиите. Отец Василиј требало да оди на послушание во Скитот – требало да ги исповеда оние кои ќе се причестувале на средната скитска Литургија. Тивко, пеејќи ги Пасхалните часови пред иконите во својата келија, тој се упатил кон скитската кула, преку вратите, низ кои може да се излезе на патичката, која води во скитот. Ненадејно, тишината ја нарушило ѕвонењето на камбаните. Монасите Терапонт и Трофим, пронижувајќи ја утринската тишина, му ја возвестувале на светот Пасхалната радост. Во Оптина, има добра традиција: да се бијат на Велигден сите камбани, во било кое време, за време на целата Светла Седмица. Но, овојпат, ѕвонењето неочекувано се прекинало. Големата камбана удрила уште неколку пати и замолкнала.
Отец Василиј застанал: нешто се случило. Не предавајќи се на мислите, брзо се упатил кон камбанаријата. Кон него трчал човек во војнички шинел.
– Брате, што се случи? – го прашал отец Василиј човекот. Тој промрморил нешто нејасно, правејќи се дека трча кон вратите на кулата на скитот. Но, правејќи неколку чекори кон таа насока, извадил од под шинелот остар меч од 60 сантиметри, и со силен удар во грбот го прободел отец Василиј.
Отецот паднал на земјата. Изгледало, како темнината за миг да победила, како сонцето да се помрачило и Ангелите ги сокриле лицата во таа страшна минута.
Убиецот ладнокрвно го фрлил крајот од мантијата на главата на отец Василиј и го поставил клобукот [2]на неговото лице. Веројатно, тоа дејство било едно од правилата на ритуалот, зашто и убиените пред него, на камбанаријата, отец Терапонт и Трофим ги нашле со клобуците поставени на лицето.
Фрлајќи го шинелот, служителот на сатаната скокнал преку манастирските ѕидини и се сокрил во густата шума. Во близина на ѕидот, го пронашле окрвавениот меч, на кого имало изгравиран натпис: „Сатана. 666“. Тој натпис сведочел, дека убиството било ритуално.
Отец Василиј, лежејќи на земјата и тешко дишејќи, едвај чујно ги шепотел зборовите од молитвата. Монасите што дотрчале се обидувале да му помогнат, но големата загуба на крв и тешките рани не давале надеж: ударот бил во грбот, одоздола нагоре, така што ги расекол бубрегот, дробовите и ја повредил срцевата артерија.
Еден од тие што прибегнале, извадил од неговиот џеб мал, чудотворен, по неговите зборови, крст, и трипати го осенил со него Маченикот кој лежел на земјата. Отец Василиј ги отворил очите. Неговиот поглед бил упатен кон крстот.
– Душата го бара крстот – рекол некој, а очите на отецот веќе гледале на огромното небо, кое некогаш му ја возвестувало славата Божја.
Отците што служеле на Скитот, се зачудиле, зошто не доаѓа, секогаш одговорниот отец Василиј. „Спомнете го тешко болниот јеромонах Василиј и убиените браќа Терапонт и Трофим“ – се слушнале во олтарот зборовите на дојдениот брат од манастирот.
– Од кој манастир? – прашал јеромонахот, кој стоел пред жртвеникот.
– Нашиот.
– Како нашиот?
– Да, нашите браќа штотуку беа убиени од станисти!
Некој од отците што служеле, со солзи на очите рекол: „Слава Ти Господи, што ја посети Оптина со Својата милост“.
Кога Литургијата дошла кон крајот, соопштиле дека се претставил пред Господа и јеромонахот Васили. Во храмот сите плачеле. „Требаше да викнам „Христос Воскресе!“ – се сеќава еден јеромонах, – а јас не можев гласно да проговорам, и кажав само еднаш“.
Наскоро, на име на Намесникот пристигна телеграма:
Христос Воскресна! Ја разделувам со Вас и браќата на вашата обител Пасхалната радост! Истовремено, ја делам со вас и болката од трагичната гибел на тројцата жители на Оптинската пустина. Се молам за покој на нивните души. Верувам, дека Господ, Кој ги повикал на првиот ден од Светото Христово Воскресение преку маченичка смрт, ќе ги направи учесници во вечната Пасха, во невечерниот ден на Неговото Царство.
Со душа, со Вас и со браќата,
Патријарх Алексиј II
18 април, 1993 година
Извор: http://www.optina-pustin.ru/4222-pasha-bez-konca.html
[1] Еден вид погачи, кои се подготвуваат специјално за Велигден (слично на козињак).
[2] Клобук – монашка капа