Вечерна Богослужба со петтолебие, во спомен на Свети Јован Шангајски

На 01.07.2016 г., во предвечерието на празникот, 50 години од упокојувањето на светиот Јован Шангајски Битолски, во храмот Света Троица, Битола, се отслужи Вечерна Богослужба на која чиноначалствуваше Архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор Никола Грамбозов.

На Вечерната, на празнувањето на светителот молитвено се приклучи мноштво свештеници и народ од Епархијата. 

Веднаш после Вечерната, во храмот беа прочитани кратки статии за животот и делото на свети Јован Шангајски, а во дворот на црквата беше поставена малечка изложба на фотографии од неговиот живот.

Светителу отче Јоване, заштитнику на бедните и верен помошнику во неволјите, моли Го Бога за нас+

„Архипастирот е одговорен не само за овците од своето стадо доверено од Бога, туку и за нивните пастири. Тој ќе одговара за секој грешник кого навреме не го вразумил, за секој кој одел по патот на правдата, но застранил. Тој треба да боледува со болестите на своите овци и на тој начин да ги лекува, слично на Врховниот Пастир Христос: „А преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Иса 53, 5). Тој нема свој личен живот – целиот треба да биде предаден на спасението на човечките души и нивното водење во Небесното Царство. Треба да биде подготвен да ги поднесе сите навреди, гонења, дури и самата смрт заради вистината – да пие од чашата Христова и да се крсти со Неговото крштение (види: Матеј 20, 33). Да се грижи не само за оние што доаѓаат при него, туку и самиот да ги бара и да ги приведува заблудените овци кон своето стадо, носејќи ги на рамениците; да го проповеда Христовото учење на оние што не знаат – сеќавајќи се на Господовите зборови: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16, 15). А бидејќи проземен со сознание за вселенската Црква, треба да се грижи не само за оние што му се непосредно предадени, туку мора да внимава со духовното око и над целата вселенска Христова Црква, да сака просветување на сите народи и успех во вистинската вера, бидејќи во Црквата нема „ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен“, туку сите се подеднакво возљубени деца на Небесниот Отец“

Извадок од Беседата на устоличувањето

 

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА