Тропар гл. 1
Чедо на Британија, На Ирска пофалба, На Единосушната Троица Громогласниот проповедник Патрик да го прославиме, верни, Великиот јерарх Христов. Зашто тој се моли за простување на гревовите, На оние кои благоговејно повикуваат: Слава на Оној кој ти даде сила, Слава на Оној кој те овенчал, Слава на Оној кој преку тебе им дава На сите исцеленија.
Тропар гл. 3
Со учењето на Божествената вера, Си ја просветил Ирска и прелеста на идолите си ја разрушил, Подражајќи ù на ревноста на апостолите, Чудотворче Свештеноначалниче Патриче. Отче Преподобне, Христа Бога моли Го, Да им подари на душите наши голема милост.
Кондак гл. 8 (подобен Возбраној)
Пресветлиот просветител на Ирска и рамносилниот подражател на Апостолите, Ние кои се собравме радосно, да го воспееме: Ти, кој си добил смелост пред Господа, Моли се, да се ослободат од секакви маки Оние, кои ти повикуваат: Радувај се, отче Патриче.
Житие на светиот Патрик Ирски, рамноапостолен, просветител на Ирска
Светиот Патрик е роден во Ирска околу 385 година, син на Калпурниус, Римски даночник. Тој живел во селото Банавем Таверние, место кое се лоцира во устата на Северната река во Велс . Ова место е опустошено од пирати кога Патрик имал 16 години, и тој бил еден од грабнатите. Тој бил донесен во Ирска и продаден како роб, каде работел како одгледувач на свињи. За време на оваа негова работа, тој убаво го научил ирскиот јазик, нешто кое подоцна ќе му помогне во неговата просветителска мисија. Постојано се молел на планината и живеел таму шест години. За тоа време имал две визии. Едната му велела да се врати дома, а втората, дека неговиот брод го очекува. Патрик решава и пеш поминува две илјади милји до брегот каде се враќа во родната Британија, кај неговите родители. По некое време тој заминал во Галија, каде учел теологија од свети Герман. Гледајќи ја неговата вера, црквата го назначува за епископ и го праќа на мисија во Ирска, како наследник на светиот Паладиј. Светиот Паладиј немал многу успех како проповедник во Ирска. По една година заминал за Шкотска, каде сонувал сон, како ангел доаѓа при него, носејќи му многу писма. Бирајќи едно, тој слушнал глас на ирски како му вели: „дојди и помогни ни“. Сличноста на овој повик нас многу ни е блиска (доаѓањето на св. ап. Павле во Македонија, видението во Троада) .
Иако Светиот Патрик имал извонредни резултати во ширењето на Евангелието, тој не е првиот мисионер во Ирска. Тој дошол негде околу 432 година , кога починал светиот Паладиј. Имало и други мисионери кои биле активни на јужниот брег, но светиот Патрик имал најголемо влијание и успех во проповедањето на Евангелието на Христа. Затоа е познат како „Просветител на Ирска“.
Неговата автобиографска „ Исповед“ , кажува за сите судови и разочарувања што тој ги поминал. Светиот Патрик еднаш му кажал на близок пријател за еден грев што постојано го мачел, кој го направил кога имал петтнаесет години. Пријателот му спомнал за Божјата милост и дури го поддржал за епископ. Подоцна, тој се свртел против него и го открил тоа што светиот Патрик му го доверил. Многу години подоцна, светиот Патрик плачел за својот драг пријател, кој јавно го посрамотил.
Светиот Патрик основал многу цркви и манастири низ цела Ирска, но покрстувањето на ирците не била лесна задача. Имало многу непријателство, и самиот тој бил нападнат неколку пати. Се соочил со опасност, навреди и го гледале како бегалец и поранешен роб. Имало голема веројатност и дека паганите би го убиле. И покрај ова останал верен на Христа, покрстувајќи многу ирци.
Во неговиот „Оклоп“(Лорика), ја гледаме свесноста на светиот Патрик за неговиот повик од Бога и неговата скромност во прифаќањето на овој повик. Самиот се нарекува „грешник“ и некој, кој е „угнетен од мнозина“. Својот успех го препишува на Бога, повеќе отколку на своите таленти „ова го должам на Божјата благодат, та преку мене мнозина други да се родат во Него“. Во времето кога го основал епископатот во Армаг , во 444 година, светиот Патрик имал и други епископи што му помагале, домородно свештенство и ѓаконство, потпомагајќи го растот на монаштвото.
На фреските светиот Патрик се слика со детелинка, или како змиите бегаат од него. Тој ја користел детелината за сликовито да им ја прикаже на ирците, тајната за Света Троица. Од едно стебленце растат три ливчиња, една суштина во три лица .
Светиот Патрик починал на 17 Март, 461 (некои велат 492). Никој не знае каде светиот Патрик е погребан .
ПРОБЛЕМОТ НА СВЕТОСТА?
Интересно е што Патрик не е канонизиран за светител, ниту од Западната црква, ниту од Источната црква. Проблемот не можеме да го препишеме на никого, можеби дека неговите мошти останале непронајдени. Писателот Кен Конканон вели: „ Порано немало формална канонизација, посебно во првите векови. Во раната црква, титулата светител припаѓала на мачениците, а потоа на индивидуи препознати од традицијата и од народот како свети“.
Ретко кој Ирски светител, вклучувајќи го и Патрик, да биде формално канонизиран, освен еден. Исклучокот е Фергал, познат како свети Виргилиј од Салзбург, во 8 век, кој е канонизиран за светител во 1233 година од папата Грегориј IX. Свети Виргил е еден од четирите ирски светители кој е канонизиран во Рим.
Немало формален процес на канонизација во времето кога умрел светиот Патрик. Тој е прогласен за светител од населението, секако со согласност на епископ. Официјалниот процес на канонизација нам ни е познат дури во 12 век. Да не заборавиме дека канонизацијата е само на хартија. Народот е тој кој го препознава светителот и Црквата е таа која го прифаќа. Мерка за светост нема! Онаа мисија која ја завршил светиот Патрик, во времето кога светата Црква е неподелена, го прави рамноапостолен.
Светиот Патрик е оној кој се борел и против робовладетелството уште во тоа време.
Светителот најмногу се слави во Ирска и Соединетите Американски Држави. Датумот на неговото прославување е 17 Март.
Кратка видео-презентација на житието на свети Патрик:
Во приложение, дел од Вечерната служба кон свети Патрик
(Стихири на Господи возвах)
Глас 1. Небесных Воинств
Од верни предци, Патрик,
ти си се родил,
И иако си живеел рамнодушно,
Во небрежност пребивајќи,
Сецело си Го познал Спасителот и
Него, Отче, си Го возљубил,
И преку живот богомудар и
добродетелен, си Му угодил Нему.
Како што древната змија
Си ја победил, Преподобне,
Така од змии и островот Ирска си го ослободил,
и на него Евангелието на Христа,
О Богоносен Патриче, си го проповедал,
Претрпувајќи многу опасности.
Затоа со љубов те почитуваме.
На ревноста на апостолите, Отче подражувајќи ѝ,
Си ги разрушил светилиштата на идолите,
И храмови Му воздвигна на Творецот на сè и Господ.
Него моли го сега, да ја разруши гордоста на ересите,
О, Себлажене Патриче.
Со песни го празнува
Божествениот твој спомен,
островот Ирска,
како велик застапник, Патрик,
те воспева и повикува:
не престанувај да просиш пред Бога
мир и отпуштање на гревовите
на оние кои те почитуваат.
Слава, глас 2
Блескајќи со Апостолски дарови,
Ти си го извлекол народот на Ирска,
Од пештерата на заблудата,
Со јадицата на твоите зборови,
Отче Свештеноначалниче Патриче.
И поставувајќи по земјата пресвитери,
Глаголејќи зборови на здраво учење,
Си ги посрамил оние што противречеа.
И сега, со неовенлив венец,
Од Праведниот Судија си се овенчал,
Се молиме, Него моли Го Отче, да ги помилува душите наши.
И ныне, Богородичен.
Сета моја надеж,
На Тебе ја полагам,
Мајко Божја,
Сочувај ме под покровот Твој.
Светлино тивка…
Подготвил: теолог Стефан Цветановски
СЛУЖБАТА НА СВЕТИ ПАТРИК ИРСКИ
НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК