Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
„Среде лето, ќе запеат [ќе дојде] Пасха“ – било речено некогаш во Саров. Поминаа 70 години после смртта на оној, кој ги кажал тие зборови, и на 19 јули, 1903 г, цела Русија се огласила со пофални песни, кои го прославиле Бога и Неговиот угодник. Навистина, цела Русија ликувала тогаш, како на Ден Велигден, па дури и повеќе.
Потоа настапиле страшни денови за Русија, но не умрел и не ослабнал споменот за преподобниот Серафим. Подеднакво кај него доаѓаат руските луѓе, го прославуваат и на растргнуваната Татковнина, и во сите краеви на светот, каде се расеани. Со животот на преподобниот Серафим почнуваат да се запознаваат и другите народи; неговото житие се преведува на разни јазици, предизвикувајќи не само восхит, но и стремеж кај многумина, да ги применат во својот живот советите, добиени од животот на преподобниот Серафим. Така, без оглед на сите промени, кои се случуваат во светот, споменот на преподобниот Серафим не само што не исчезнува, туку останува светилник, кој сè посилно му свети на човештвото.
Слично било и во деновите на неговиот живот. Се рушеле градови, се обновувале царства, со 12 народи влегол во Русија, а потоа срамно ја напуштил Наполеон, горела и повторно станала од пепелот Москва, се кревале востанија и биле судени декабристите, а преподобниот Серафим како да не го допирале тие настани.
Тој бил зафатен со здобивање со „единствено потребното“, работел на „својот духовен раст“. „Егоист, затворен во себе“, „незнајко, кој не се интересира за ништо, освен за она што се однесува лично за него“ – така би рекле за него многу мислители, кои не сакаат да видат и најмала полза во подвизите на самоусовршување. Но ете, умира монахот Серафим. Се очекувало, сега сосема да исчезне од човечките спомени ликот на тој старец, кој толку упорно бегал од светот. Но, започнува големо поклоништво на неговиот гроб, од сите краеви на Русија луѓето кои доаѓаат кај него добиваат помош, утеха и поука, а почитта кон него се шири и меѓу другите народи.
Во што е силата на преподобниот Серафим? Во што е неговиот подвиг? Тој се стремел кон остварување на заповедта Христова: Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец Небесен (Мт. 5, 48); тој се труди над тоа, да го обнови во себе првосоздадениот човечки образ, подоцна извалкан од човекот.
Преподобен Серафим ја достигнал својата цел: го победил гревот и станал преподобен, станал навистина подобие Божјо. Ние не можеме да го видиме невидливиот Бог. Но Господ ни дава да Го видиме во Неговите подобија, во Неговите угодници. И ете, еден од таквите подобни станал и преподобниот Серафим. Во него ја гледаме обновената човечка природа, ослободена од ропството на гревот. Тој е воплотено олицетворение на победата на вечното над минливото, на светоста над гревот, на доброто над злото.
Преподобен Серафим нè повикува со својот пример да го следиме патот, покажан од Христос. Тој нè повикува да се бориме со гревот и своите недостатоци, самиот јавувајќи се квасец и светилник за сите кои го бараат спасението. Преподобен Серафим повикува да го бараме повисокото добро, духовниот плод, за кој апостол Павле рече: Плод пак на духот е љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, благоста, милосрдието, верата, кротоста, воздржанието. Но, за ова е потребно да се распне плотта со страстите и похотите (Гал. 5, 22-24).
Тежок е патот кон Царството Небесно, зашто гревот завладеал со човечката природа и ја расипал. Секој од нас има лични гревови. Има и општествени гревови, во кои е грешен цел народ. Така, рускиот народ е грешен во тоа, што го остави благочестивиот живот и обичаите на своите предци, почна да го прима и бара она што му е туѓо, неправославно, што веруваше на клеветите, распространети против помазаникот Божји, и дозволи најпрвин да му го скине венецот, а потоа да го погуби со целото семејство благочестивиот свој цар, кој прв се поклонил пред прославените мошти на преподобниот Серафим. Преподобен Серафим нè повикува кон покајание и исправање на животот, и личен и општествен. Иако тој пат е тежок, но угодникот Божји ќе ни помогне да врвиме по него. Преподобен Серафим – е квас и светилник на тој пат; тој е и помошник. По молитвите на Преподобниот Твој, нашиот отец Серафим, Господи, подари ни покајание и победа над гревот нам грешните, и воведи нè во Твоето Небесно Царство. Амин.
Србија, 1928 г.
Извор: http://www.pravoslavie.ru/47848.html