Христос Воскресна!
„Воскресението Твое, Христе Спасителе, Ангелите го пеат на небесата, и нас на земјата удостој нè со чисто срце да Те славиме“.
Денес сè се исполни со светлина, небото, земјата и преисподната, сета твар се весели и се радува. Се радува земјата, ослободена од проклетството за Адамовиот грев. Ликува небесата, гледајќи го Оној, Кој слегол со нив на земјата, како се искачува сега од преисподната и ги изведува од таму измачуваните. Пеат ангелите, прославувајќи го Победителот на смртта, Својот Творец, Кој сега е видлив. Го фалат Господа сите твари, сите сили на природата. Секоја од нив, на свој начин Му пее и го превознесува Воскреснатиот. Нешто необично се случува во сиот свет. Свештената и спасителна ноќ се менува со светоносниот Велик Ден.
Игра со своите зраци сонцето во својот изгрев, како разиграниот Јован Претеча во утробата на својата мајка, поздравувајќи го од гробот изгреаното Сонце на Правдата. Сè се исполнува сега со благодатта Божја и го претчувствува обновувањето на вселената. Го чувствува ли тоа нашето срце? Да, кај оние, кои со вера и благоговение ја сретнуваат Свештената Пасха, нивните души се исполнети со неискажлива радост, благодатниот мир ги допира срцата нивни.
Далеку бегаат секоја тага и мака, светли стануваат дури страданијата и неволјите. Таинствено се претвкусува Божествената Трпеза во вечното славно Царство Божјо, кое доаѓа. Би сакале, никогаш да не се прекинат тие блажени часови, бесконечно да траат ноќта и денот на Светата Пасха. Како апостолите на Тавор, и ние сме спремни да воскликнеме: „Господи, добро… ни е да бидеме овде!“ (Мт. 17. 4)
Но, дали постојано и во целост го чувствуваме тоа? Нели се случува, кога сè ликува, нашето срце да е покриено со облак, а некогаш и да е исполнето со тага? Сеќавајќи се на изминатите години, тогаш жалиме за изгубената способност да ја почувствуваме пасхалната радост, а други пак не разбираат, зошто и како можат да се радуваат луѓето сега. Но, како и да го објаснуваме, какви и да наоѓаме причини, вистината е една: нашето срце е нечисто.
Ако сме се поколебале во верата, ако во душата наша влегол сомнеж, ако сме отпаднале или сме се оддалечиле од Црквата – слично на првосвештениците јудејски ја изгонуваме од себе мислата за Воскреснатиот Христос, зашто страшно ни е Воскресението Христово. Ако сме направиле тежок грев и нè изобличува нашата совест за неверноста кон Христос и Неговите заповеди, – на срцето ни лежи камен, кој го заградува во него влезот на светлината на Воскресението. Ако сме се задлабочиле во животните дела и сме им го предале ним своето срце – не чувствува тоа полна радост. Особено, ако чувствуваме непријателство, или уште полошо омраза кон ближните, ако ги осудуваме и се превознесуваме над нив – не можеме да се радуваме на средбата со Воскреснатиот Господ. Тогаш, во Денот на Воскресението или се сомневаме, како расколебаните ученици, или не веруваме, како Неговите непријатели, или потсвесно не ја посакуваме средбата со Него.
Но, да го отфрлиме од себе секој сомнеж, да принесеме покајание! Еден со друг да се прегрнеме, на оние што не мразат да им простиме и радосно да запееме: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари!“
Христос Воскресе!
Велигден, 1962 г. Париз-Брисел
Извор: http://cliuchinskaya.blogspot.mk