Сечесната уметност на иконописот на Источната православна црква е свештена и литургиска уметност, како и сите останатите црковни уметности кои имаат духовна цел и смисла. Целта на тие свештени уметности не е простото украсување на храмот со живопис, да би бил угоден и пријатен за неговите посетители или за тие, да би уживале во слушање на музика, туку да се издигнат во таинствениот свет на верата преку духовната лествица, која што за скалила ги има свештените уметности: химнословата, псалмопеењето, архитектурата, свештенописот и другите уметности, кои сите заедно помагаат во душата на верниците да се обликува таинствениот Рај, дишејќи го духовниот светоглед. Оттука, делата на црковната уметност во Источната Црква се најнапред толкувања и објаснувања за боженственото Откровение.
Уметноста на иконописот во православната црква се нарекува – хагиографија, како таа која ги живоопишува светите личности и светите настани. А самиот хагиограф т.е. иконописец не е само мајстор, кој изработува слика на некоја од религиозните теми, туку тој има духовно достоинство и духовно служење, кое го врши во храмот, како свештеник и проповедник.
Литургиската икона има теолошка смисла. Таа не е како што веќе рековме слика, која се прави за уживање на окото или за просто да нè потсетува на светите личности, како што е случај со сликите, кои ги држиме за да нè потсетуваат на саканите роднини и пријатели. Таа се слика на таков начин за да нè издигне од овој распадлив свет и за да ни помогне да го помирисаме новиот мироглед на Царството Божјо. Затоа таа нема никакви сличности со сликите, кои на телесен начин претставуваат некои лица, макар тоа биле и светителски, како што е случајот со религиозната уметност на Запад. Во литургиските икони светите лица се сликаат во нераспаѓање.
Од тие причини литургиската уметност не се менува така брзо како другите човечки работи, туку е постојана, како и Црквата, која ја манифестира. Свештеното предание е огнен столб кој ја води низ пустината на непостојаниот свет. Ова им изгледа чудно на луѓето од овој век, кои не се во состојба да навлезат во длабочината на духовното море, туку пливаат по површината на сензуалноста, фрлени од брановите и водените вртлоци.
Литургиската уметност ги храни духовните погледи и чувства на верните, приклучувајќи го тоа што влегува преку дверите на слушнатото, веселејќи ја неговата душа со небесното вино и дарувајќи му спокојство на умот.
Со оглед на тоа дека дејноста на литургиската уметност има своја техничка и практична страна може некој да помисли дека таа, како таква, нема никаква врска со теологијата. Меѓутоа, тој треба да знае дека во православната црква сè има духовна смисла. Така и во техниката на иконописот сè станува духовно, па дури и приборот за сликање, и боите и ѕидовите, и даските, и сите материјални работи се осветуваат со благодатта на Светиот Дух, станувајќи средства на едната свештена уметност.
Техничкото знаење не претставува некаква механичка работа, туку тоа учествува во духовноста и светоста на тие работи, кои сака да ги преобрзи. Затоа и во техничкиот речник на иконописот, називот орудие, и изразот кој го има секоја работа во него, има религиозен карактер. Дури и материјалот, кој го употребува иконописецот станува благословен, насочен, благоугоден, тих. Така, на пример, за да направи јаглен со кој ќе го изведе цртежот употребува лесково нераскапано или дрво мирсиново; за да направи даска на која ќе ја наслика иконата, употребува чемпресово, ореово, костеново, липово или некое друго миризливо дрво. Повеќето бои се од земјата, кои мирисаат кога ќе се натопат со вода, посебно оние за ѕиден живопис: мирисаат како ридовите за време на првите дождови или како нов брод со свежа вода. Облогите мирисаат како темјан, така што оној кој ја бакнува иконата чувствува мирис на духовен мир.
Материјалите за икони се бои од кои повеќето се земјени: јајца, вода, восок, сок од бор (катран), мед и др. Кратко кажано, оваа осветена уметност не употребува груби и густи материјали како што световното сликарство употребува ленено смрдливо масло и згуснати бои и груби четкички.
Што се однесува на речникот на иконописната уметност, таа е како некој да чита житие или некоја друга црковна книга; така се чувствува човек кога чита некоја техничка книга која се занимава со оваа уметност. Зборувајќи за техничките работи, иконописците често употребуваат религиозни и богословски изрази, како на пример, следното: насликај тенка линија на испакнатините, не само со бела боја, туку и со малку жолта, за да бидат смирени и мили, или: цртите така добиваат сладост и побожност, итн.
Убавината во литургискиот живопис е духовна убавина, а не телесна. Оваа уметност е испосничка и скромна, сиромаштвото изразува богатство; и како што Евангелието и Стариот завет се зумирани и краткореки, така и православниот иконопис е едноставен, без премногу украси и без залудна суетност.
Старите иконописци кога сликале и постеле, а кога ја започнувале иконата се пресоблекувале за да би биле чисти и надворешно и внатрешно; работејќи и сликајќи пееле за нивното дело да биде мило и за да не им се расејува умот по светот и световните работи.
Затоа, литургиските икони им се чинат грди на оние во кои господари духот на овој свет, лицата според нив немаат форма ниту убавина, бидејќи телесното мудрување е непријателство на Бог (Римјаните 8,7). Во свештените икони телото се распнува со страстите и желбите. Нивната духовна убавина е блага промена за која зборува свeти Симеон Нови Богослов дека ја видел на испостените лица на своите духовни деца за време на четириесетдневниот Велигденски пост.
Таинствената Врата (Двер), на Исток е затворена и ќе биде затворена за оние кои се занимаваат со телесно знаење, знаење кое се воздигнува, т.е., кое го прави човекот горд, според апостол Павле. Додека очите Господови се над смиреноумните, нив ги преработува. Колку што побожност, смирение и вера имале иконописците, кои ги сликале иконите, исто толку побожност, смирение и вера треба да има оној, кој ги почитува, за да би се удостоил со мистичната благодат, која што од нив се излева, по следниве зборови на светиот Григориј Богослов, кој вели: Иста сила му треба на пророкот и на оној кој го слуша пророкот, и нема да може да го слушне пророкот, сè додека Духот на пророштвото не му подари мудрост за разбирање на неговите зборови.
Предание за настанувањето на сликањето и почитувањето на свештенските икони
Сликањето на свештенските икони не сме го примиле само од Светите Отци, туку и од Светите Апостоли, и од самиот Господ, нашиот Исус Христос. Христос го сликаме како човек затоа што се јавил на земјата и со луѓето заедничарел, постанувајќи совршен човек, без грев (Варух 3). А Христос не е само Логос, туку и Икона на Отецот, Образ на невидливиот Бог (Колосјаните 1, 15), сјај на славата и образ на Божјото битие (Евреите 1, 3), според благоречивиот Павле. Го сликаме и Светиот Дух во вид на гулаб, како што се јавил на Крштението Христово, и во вид на огнени јазици, како што се јавил на Педесетница. Сликаме и икони на Богородица, на Ангелите, и на други Свети Отци. Ги почитуваме, но не богослужно (богопоклоно), т.е. честа која ја даваме на иконите се однесува на нивните оригинали (прототипови). При тоа не се поклонуваме на материјалните состојки на иконата, на дрвото и бојата, туку на ликот на Христос, Синот Божји и Логосот, како и на неговите Светии. Бидејќи честа на иконата преминува на прототипот (првообразот), по зборовите на светиот Василиј Велики.
Значи, сликаме свети икони и ги почитуваме, ги целиваме, согласно со Седмиот Вселенски Собор, кој го востановил нивното почитување и согласно со свештената и предревна традиција на Црквата, која има свој почеток во неракотворниот отпечаток на богочовечното Лице Христово на светиот Убрус, како и во иконите на Богородица и Светите апостоли Петар и Павле, насликани од раката на евангелистот ап. Лука, првиот меѓу иконописците.
Иконите, пак, ги сликаме на духовен, а не на телесен и вештествен начин и со нив ги украсуваме и со убавина ги облекуваме храмовите, за да бидат постојано сведоштво во очите на верниците за нашата свештена вера, и како некоја книга за прости и неписмени, поради подражавање на доблестите на Светиите и радосното сеќавање на нив и поради зајакнување на верата и напредување во љубовта, и поттикнување на верниците непрекинато да Го повикуваат Господа, како Владика и Отец, и Свет, како свој водич кон Бога.
Што пишувале Светите отци за иконите
Сите црковни Отци ги сакале и почитувале иконите. Свети Јован Златоуст ја имал во својата ќелија иконата на апостолот Павле, кој исклучително го почитувал и се инспирирал од него при пишувањето на своите многубројни дела.
Василиј Велики ги пофалува иконописците како и писателите на Црквата, од кои едни Вистината со зборови ја украсуваат, а други со слики ја изобразуваат. Какво почитување имал кон иконописците, јасно се гледа од пофалбите за оваа уметност содржани во неговата беседа посветена за маченикот Варлаам. Бидејќи му исплетил венец од пофалби, со кој го овенчал Маченикот, се обратил на сликарите со следните зборови: Дојдете, сега, сјајни живописци, вие кои ги сликате подвизите на Светите и ја величате уметноста, започнувајќи го ликот на Христовиот војник. Неговиот венец, кој невешто го насликав, обојте го со боите на вашата мудрост. Ќе отидам победен со вашата икона, која што ќе ги претставува подвизите на мачениците. Се радувам денес што ќе бидам победен со вашата сила. Ќе ја видам неговата борба против огнот, кој ќе го насликате многу подобро од мене. Ќе видам на вашата икона серадосен маченик ….
Неговиот брат Григориј, епископ Нисијски исто така зборува за иконите како изобразувањето на човечки ликови, кои нам преку боите јасно како најсликовита книга ни ги проповеда подвизите на мачениците и како прекрасна градина го украсуваат храмот. И додава: Бидејќи знае и најќутливата слика на ѕидот да зборува и да биде од голема корист, како што и сложувачот на мозаикот го прави подот по кој се гази достоинствен за историјата.
Свети Јован Дамаскин еден од најдаровитите теоретичари на иконописот, им дава на иконописците исто достоинство како и на евангелистите, благовесниците на Вистината. Еве тој што вели: Она што Евангелистите го објаснуваат со зборови, тоа живописецот го покажува со делото. Која е причината тогаш еден да почитуваме, а друг да презираме ? Па додава: иконата е триумф и откровение и споменопис, сеќавање на најголемите (луѓе) и најсјаното, како и на срамот на поразените и победените.
Свети Григориј Палама ја открива (во своето Исповедање на верата) внатрешната смисла и содржината на иконите со следните зборови: Насликај икона на оној кој поради нас се очовечил (Христос), од љубов кон Него. И сети се на Него преку неа, и поклони се преку неа Нему, правејќи преку неа ум на телото на Спасителот достојно за поклонување, кое седи од десната страна од Отецот на небото. Покрај тоа, сликај ги и ликовите на Светиите и почитувај ги, но не како богови (бидејќи тоа е забрането), туку поради односот со нив и од љубов и од преголемото почитување, вознесувајќи го умот преку иконата на нив, како што Мојсеј направил слики од Херувими, во Светињата. Меѓу другото и Светињата на Светиите била праслика на неднебесните нешта, и светото телесно носило е образ на целиот свет, а Мојсеј тоа го нарекол Светиња, и тоа не, за со тоа да го слави созданието, туку за преку него Го прослави Бога, Творецот на светот.
За време на иконоборството биле малтретирани, поради одбраната на иконите и маченички настрадале помеѓу останатите и следниве: Максим Исповедник, еден од најголемите умови на христијанската древност, Стефан Нови, Теодор и Теофан Наказени (Начертани), Теодор Студит, Григориј Декаполит, Симеон Лезвијски – Стилит и многу други маченици.
Еден од нив, кој настрадал поради иконите за време на иконоборецот, царот Теофил бил и Лазар Исповедник. Еве што пишува за него во една древна книга: Бидејќи бил исполнет со омраза против светите икони безбожниот цар, му предале еден свет зограф, по име Лазар. Него го ставил на големи маки само затоа што ги почитувал иконите. Бидејќи и тој сликал икони, царот наредил во оган да стават потковици, да ги држат во оганот до усвитување, па да ги стават на неговите дланки. Со нив толку многу го гореле неговото тело, така што веќе изгледало како од маки да умрел. Но го сочувала божествената благодет. Тогаш тиранинот, дознавајќи дека веќе е уморен, на молба на царицата и другите дворски луѓе, членови на советот, го извадиле од затвор и го ослободиле. А светиот зограф отишол тајно во храмот на Светиот Претеча, наречен Страшен. Тука, со уште незараснатите рани од огнот, насликал икона на Претечата, која направила многу чуда и исцелувања.
Превод: Петар М. Петковски
апсолвент на ПБФ, Скопје