Сведоштво со живот – (на денот на пронаоѓањето на главата на Свети Јован Крстител)

Неочекувано, свети Јован Крстител се спомнува во акатистот на рамноапостолниот Николај Јапонски. А посебно е интересно, што сличноста која е подвлечена меѓу овие двајца светители, е навистина необична. „Иако не си правел чуда, како и Јован Крстител, – се вели за Просветителот на Јапонија – поголемо твое сведоштво се покажа, Црквата новосоздадена“.

Често не се замислуваме над тоа, но Претечата Господов, за кого Спасителот рекол дека „од родените од жена, нема поголем од Јована Крстител“ (Мт. 11, 11), всушност не правел чуда. Тој зборувал за приближувањето на Царството Небесно, за неопходноста од покајание (Мт. 3, 2), зборувал ревносно и директно. Тој бестрашно ги изобличувал религиозните и политичките лидери, го повикувал народот да ги остави своите заблуди. И притоа, неговата проповед останувала само „глас кој вика во пустината“, зборови без јавни чуда.

Треба да си спомене за уште едно новозаветно сведоштво за пророчкото служење на Претечата. Кога во еден од оние дни, кон Христос „пристапиле првосвештениците и книжниците со старешините“, за уште еднаш да се обидат да Го фатат во замка, како одговор на прашањето, со каква власт Господ проповеда, Спасителот се обратил на авторитетот на Јована Крстител: „ И јас ќе ве прашам нешто, одговорете Ми: крштението Јованово од небото беше, или од луѓето?“ (Лк. 20, 1-4). За чудење на сите, неочекуваното прашање на Спасителот навистина ги поставило оние кои се дрзнале да го искушуваат Бога во отежната положба, и ги натерало народните старешини да замолчат: „Ако кажеме: од небото, ќе рече: зошто не му поверувавте? А ако кажеме: од луѓето, сиот народ ќе нè избие со камења, зашто е уверен, дека Јован е пророк. И одговориле: не знаеме од каде е“. (Лк. 20, 5-7).

Овој настан заслужува внимание. Зашто оние, кои лукаво го гонеле Спасителот, ги замолкнал Праведник, кој не направил пред народот ниедно чудо.

Единствено оружје на светиот Јован Крстител против клеветниците и противниците на Евангелието била неговата верност кон Бога. Дури и Ирод, кој бил изобличуван од Претечата и многу претрпел од него, сепак не се решавал да го убие. Напротив, „се плашеше од Јован, знаејќи дека е маж праведен и свет, и го пазеше; многу работи вршеше од послушност кон него, и со пријатност го слушаше“ (Мк. 6, 20).

Пророкот Еремија вака вели за Новиот Завет на Бога со луѓето. „Еве го заветот кој ќе го склучам со домот Израилев после тие дни, вели Господ: ќе го вложам законот Мој во утробата нивна и на срцата нивни ќе го напишам, и ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И веќе нема да се учат еден со друг, брат со брат, и да велат: „познајте Го Господа“, зашто сите сами ќе Ме знаат, од мал до голем, вели Господ, затоа што Јас ќе им ги простам беззаконијата нивни и за гревовите нивни веќе нема да си спомнам“ (Ер. 31, 33-34). Животот на свети Јован Крстител и бил исполнување на тие зборови, затоа што толку јасно станал сведоштвото за близоста со Бога, што веќе немало потреба од чудеса за потврдување на тоа. Всушност, животот на Јован Крстител и бил тоа чудо, кое многумина го чекале од праведникот.

Во таа смисла, пред христијаните често се појавува проблем, како да ја докаже вистинитоста на неговите убедувања, да го насочи оној кој отпаднал, да му помогне на оној што се сомнева. Примерот на животот на свети Јован Крстител, јасно зборува за тоа, дека секој христијанин во своја власт го има чудото, од кое толкава потреба имаат оние кои го прашуваат. И тоа чудо – е сопствениот живот на верникот. Господ ни дал доволно за убедување. Тој ни ја дал можноста да станеме свети. Друго и не е потребно. Затоа и апостол Павле нè повикува да бидеме „Христови писма“ (2 Кор, 3, 2-3), во кои ќе биде напишано Евангелието „во духот и силата на Илија“. Слично и блажени Августин јасно зборува за мисионерскиот потенцијал во животот на секој христијанин: „Никогаш не зборувај за Христос, додека не те прашаат за Него, но живеј така, за да те прашаат“.

 

Роман Савчук

 

Извор: http://www.pravoslavie.ru/77761.html