Свечена Академија за Свети Нектариј Битолски

На 17.12.2016 г., со почеток во 18.00 ч., во организација на Општината на градот Битола, во салата на Театарот се одржа Свечена Академија во чест на Свети Нектариј Битолски, заштитникот на градот. 

Академијата ја отвори настапот на хорот Свети Нектариј Битолски, пеејќи го тропарот на светителот, а потоа свое поздравно слово кажаа градоначалникот на Општина Битола, г-дин Владимир Талески и надлежниот Митрополит Преспанско-пелагониски г. Петар.

dscn6167

 

dscn6179

 

 

За овој настан, подготвени беа три кратки филмови посветени на животот на Св. Нектариј и одбележувањето на неговиот спомен во градот Битола, со наслови: Света Гора, Црквите во градот Битола, и Свети мошти. 

Гостуваа, исто така, три црковни хора: црковниот хор Свети Нектариј Битолски од Битола, градскиот црковен хор Света Петка од Прилеп, и црковниот хор Свети Ахил Преспански од Ресен.

dscn6153

dscn6210 dscn6215

p1360236

После овој свечен настан, пред Домот на културата беше поделена посна вечера во спомен на светителот.

Во прилог, ви предложуваме дел од програмата со која беше одбележан овој настан.

„Повторно си меѓу нас, Нектарие, денес, на твојот празник. Никогаш не оставај нè и не отстапувај од нас, туку секогаш биди тука меѓу нас; погледни на нашите усилби и постојано моли Го сесветлиот Христос, да не нè посрами во судниот ден“.

„… Поднесоа подигрување и бичување, па дури и окови и затвор; Со камења беа отепувани, со пила резани, на искушенија подложувани, умираа убивани со меч, скитаа во овчи и козји кожи, во сиромаштија, во срам – оние за кои светот беше недостоен – скитаа по пустини, по ридови, по пештери и земни бездни“ (Евр. 11, 37-38). Овие зборови на св. апостол Павле, можеби најдобро ја опишуваат состојбата во која се наоѓале родителите на свети Нектариј и нивните сограѓани, во овој период од наездата на Османлиите. Тажна и тешка била судбината на христијаните, но истовремено и неизмерно радосна. Изгубиле дом, задобиле Царство; изгубиле ракотворни храмови, самите станале храмови на Духот; нив ги ослепувале, а самите станувале светилници на нетварната светлина.

Откако замина од светот, го сретна блажениот старец Дионисиј Јагари, човек богомудар и добродетелен, кој го оставил своето благородничко потекло, и Константинополската престолнина ја заменил со Атонското небо и отишол да се подвизува кај богољубивиот старец Филотеј. Како што светлината не се крие во мракот, така и светиот Нектариј веднаш ја препознал огнената љубов и ангелскиот живот на овие луѓе, и се населил во нивната пустина. Напредувајќи во добродетелите, љубовта и послушанието, очистувајќи го срцето преку пост и долги молитвени бденија, свети Нектариј брзо растел во благодатта на Светиот Дух, и станал вистински духовен маж, еднаков на неговите учители. Но, поради завидливоста на ѓаволот, преку еден послаб брат, и за да му даде уште поголеми духовни дарови, Бог допушта светителот да биде одделен од неговите духовни отци, и преместен во друг манастир. Ова и уште многу други страдања и болести требало да претрпи свети Нектариј, за целосно да се уподоби на неговиот Христос, и да се нарече исцелител на болните, и брз утешител на немоќните. Од цела Света Гора се стекувале луѓе, монаси и мирјани, просејќи ги неговите молитви и застапништво.