Блажен е оној кој копнее за Рајот, бидејќи и Рајот копнее за него, со радост му ја отвора својата врата, го прима во својата прегратка, го радува со песни во своите раце, широко му ги отвара своите пазуви и го сместува во нив. Но, се отклонува и бега од оној кој и самиот се отклонува од Рајот, бидејќи рајската врата, е врата на искушение, иако ги љуби луѓето. Затоа овде обезбеди се со клучот од Рајот и понеси го со себе. Духовна е таа врата која што толку копнее по тебе, која толку ти се радува и весели, бидејќи се знае, таа премудро ги мери оние кои што влегуваат низ неа – дали е некој мал или голем, по сечиј раст и заслуги сама се отвара и со својата мера покажува кој е совршен, а кој има недостатоци. Луѓето гледаат дека се пропаднало, богатството исчезна, телесните задоволства повеќе ги нема, убавината и власта исчезнаа и поминаа, и таму тие се потсетуваат на тоа и тагуваат поради тоа што се мачат, свесни се дека тоа што го стекнале е само сон, а нивното богатство – сенка. Го изгубија она што го имаа, а го најдоа она што го немаа, а несреќата која што толку ја мразеа ги снајде.
Тоа во што се надеваа повеќе го нема, тоа од што се плашеа, тоа и го најдоа. И тагуваат бидејќи се понижени и покрадени, бидејќи нивното некогашно пребивалиште било лажно, а сегашното мачење вистинско, што нивниот спокој исчезна, а казната е бескрајна. Ги гледаат праведниците и гледаат дека нивните страдања поминаа, дека нивните маки биле привремени, бремето краткотрајно, како никогаш и да не чувствувале тага, како нивниот пост да бил еден сон после кој тие стануваат како од сон и го наоѓаат Рајот и за нив припремената трпеза во Царството. За туѓинците рајската вистина е недостапна, но самиот тој ја нуди својата прегратка на оние кои што влегуваат во него. Радосниот поглед ги упатува праведниците, во себе го сместува целиот свет, опфаќа големо море. За туѓинците рајската вистина е недостапна, но самиот тој им ги нуди своите прегратки на оние кои што влегуваат во него. Радосен поглед им упатува на праведниците, во себе го сместува целиот свет, опфаќа големо море, тој на горните им е близок, на своите – пријател, а на туѓинците – непријател. Во неговата градина видов плодоносни смокви. Осудените со радост би си исплетиле венец од нивните листови и голите би сакале да се покријат со нивните лисја, но таа го посрамува голиот, и иако му ја покрива неговата голотија, му предизвикува тага, бидејќи во земјата на славата самата облека за голиот е срам.
Кој е во состојба да ги изброи убавините на Рајот? Прекрасно е неговото устројство, блескав е секој негов дел, простран е рајот за оние кои обитаваат во него, светли се неговите одаи, неговите извори пружаат наслада со нивното благоухание, но кога тие се излеваат кон нас, го губат своето благоухание на нашата земја, бидејќи го добиваат вкусот на земјата и така стануваат питки за луѓето. Онаа волја, на Кого се се покорува, водите кои што го натопуваат Рајот ги собрала во вид на река, ги сместила на земјата и им заповедала да излегуваат на ист начин како што се создава и водата во внатрешноста на облакот, и оваа се разлева во воздухот, според заповедта на оваа волја.
Ги украсил и ги збогатил со разноликост убавините на Рајот Уметникот кој и ги исткајал. Секој степен во Рајот е поукрасен од претходниот и во иста онаа мера во која еден друг се надвисуваат, толку и со убавината еден со друг се надминуваат. За најниските Бог го одредил најнискиот дел на Рајот, за средните – средниот, а за највисоките – највисокиот дел.
Кога праведниците се качуваат на степените кои им се одредени во наследство, тогаш секој во склад со својот труд праведно ќе биде издигнат на оној степен кој што го заслужил и на кого мора да пребива.
Како што е голем и бројот и разликите во степените, така голем е и бројот и разликите во чинот на оние кои ги населуваат: првиот степен е одреден за покајниците, средината за праведниците, највисокиот – за победниците, а дворецот на Божеството е возвишен над се. И Ное на самото дно на ковчегот ги сместил животните, во средината птиците, а самиот, слично на Бога, обитавал во горниот дел на ковчегот. И на Синај јудејскиот народ стоел во подножјето на планината, свештениците на падините, Арон на средината, Мојсеј на висината, а славата Господова го покривала врвот на планината.Преку ковчегот и гората Синај ни е покажана тајната, каков е распоредот во градината на Животот. Во нив Творецот ни ја прикажал сликата на добро уреденото, во се прекрасното и во се посакуваниот Рај. И висината и убавината своја, благоуханијата и растенијата свои, Рајот е ризница на сите богатства, тој е слика на Црквата.
Превод: А.Т.
Преземено: svetarevnost.mk