Постете колку што можете; правете метании колку што можете, уживајте во сеноќните бденија колку што сакате, но во сè, бидете радосни. Имајте ја во себе радоста Христова. Таа е радост која трае вечно, која во себе ја содржи вечната радост. Тоа е радоста на нашиот Господ. Таа дава сигурно спокојство, спокојно задоволство и сеслатко блаженство. Тоа е серадосна радост која ја надминува секоја радост. Христос сака луѓето да се радуваат. Дури ужива во тоа да шири радост, верните да ги збогатува со радост; Тој сака „радоста наша да биде полна“ (1 Јов. 1, 4).
Тоа е нашата религија, по тој пат треба да одиме. Христос е рај, деца мои. Што е тоа рај? Тоа е Христос. Овде почнува рајот. Тоа е потполно иста работа: оние, кои овде на земјата живеат со Христос, го доживуваат рајот. Вистина е тоа. Тоа е точно, вистинито, верувајте ми! Наша задача е да се потрудиме, да најдеме начин да влеземе во светлината Христова. Не е важно да се извршуваат формалните должности. Суштината е во тоа да бидеме со Христос, нашата душа да се пробуди и да Го засака Христос, да стане света. Да се препушти на божествената љубов. Така ќе имаме во себе радост, која никој и ништо нема да може да ни ја одземе. Повеќе од сè, Христос сака да нè исполнува со радост, зашто Он е извор на радоста. Таа радост е дар Христов. Во неа ќе Го познаеме Христа. Не можеме да Го познаеме, ако Он не нè познае нас. Еве што вели за тоа, светиот цар Давид: „Ако господ не го изѕида домот, залудно се трудат ѕидарите; Ако Господ не го сочува градот, залудно не спие чуварот“ (Пс. 126, 1).
Сето тоа, нашата душа сака да го стекне. Ако се подготвиме на соодветен начин, благодатта Божја ќе ни го даде тоа. Не е тешко. Ако ја стекнеме благодатта, сè станува лесно, радосно; сè станува благослов Божји. Божјата благодат постојано чука на вратата на нашата душа и чека да отвориме, да влезе во нашето жедно срце и целосно да го исполни. Полнотата е Христос, а со Него Пресвета Богородица. Полнотата е Света Троица. Колку е сето тоа убаво!
Кога љубиш, можеш да живееш во бучниот централен пазар во Атина, на пазарот Омонија, а и самиот да не знаеш дека се наоѓаш таму: ниту ги забележуваш автомобилите, ниту патниците, ниту ништо друго. Сам си, со личноста која ја сакаш. Живееш со неа, ѝ се радуваш, таа те вдахновува. Зар сето ова што ви го велам, не одговара на вистината? Замислете, меѓутоа, таа личност која ја сакате да биде Христос. Христос во твојот ум, во твоето срце, во целото твое битие, насекаде Христос.
Христос е живот, Извор на животот, Извор на радост, Извор на вистинска светлост, на сè и секого. Кој го љуби Христа и ближниот, тој има живот, тој живее полн со живот. Животот без Христа е смрт, пекол, а не е живот. Животот е Христос. Љубовта е Животот Христов. Или ќе бидеш во живот или во смрт. Трето нема. Изборот зависи од тебе. Една треба да биде нашата цел – љубовта спрема Христа, спрема Црквата, спрема ближниот. Љубовта, служењето на Бога, желбаа да се соединиме со Христос е рај на земјата. Љубовта кон Христа и љубовта кон ближниот, кон сите, кон непријателите. Христијанинот ги сака и жали сите и секого, и сака да се спасат сите и да го вкусат Божјото Царство. Тоа е христијанството. Преку љубовта кон нашиот брат, ќе успееме да го засакаме Бога. Ако го сакаме и се стремиме кон тоа, ако сме достојни, Божјата благодат доаѓа преку нашиот брат. Кога го љубиме братот наш, ја љубиме Црквата, па преку тоа Го љубиме Христа. Во Црквата се наоѓаме и ние. Значи, кога ја љубиме Црквата, се љубиме и самите себе.
Старец Порфириј Кавсокаливит
Превод: Дамјан Божиновски