Словото стана тело – Свети Јован Кронштадски

Поука на Благовештение на Пресвета Богородица

Тајната сокриена од вековите се открива денес,

и Синот Божји, Син човечки станува;

Бог станува човек, за Адам бог да го направи.

Стихира на хвалитните, глас 2

 

Прекрасно, недомисливо за смртните умови, таинтство спомнува и слави сега светата Црква: воплотување и вочовечување на Творецот на вековите и светот – Синот Божји. Несместливиот Бог се сместува во чистата утроба на Богоотроковицата, бесплотниот се воплотува, беспочетниот започнува, непристапниот станува пристапен, Словото прима плот, бескрајно големиот се смалува, и беспределниот се определува; Бог се сорастворува со луѓето и не се срами да ги нарече браќа (Евр. 2, 11). Така, од века, од почетокот сокриеното и за ангелите непознато таинство се открива денес и Синот Божји, Син човечки станува, за примајќи го пониското, т. е., нашата природа, да ни го даде неспоредливо повисокото – осветување, обновување и обожување. Дојде времето да воскликнеме во восхит: да се весели тварта, да празнува весело сета природа, т. е., како сиот човечки род, удостоен со таква чест од Бога, така и сета твар, небото и земјата, гледајќи Го Бога, Кој поради безмерното благоутробие слезе при тварта и ја прими врз Себе природата на тварите, заради нејзино спасение.

О, непостижна тајна, прерадосна тајна која ја восхитува секоја духовно разумна душа, но истовремено и ужасна тајна! Зашто причината на таквото снисходење, таквото истоштување – се нашите гревови. Само себлагиот, премудар и семоќен Бог можел да пронајде такво извонредно средство за спасение на загинатиот човек и толку да се понижи Себеси, за да нè исцели со Својот пример од гордоста и сите гревови, и да нè научи на смирение и послушание и секоја добродетел. Таинство, велам, прерадосно, кое ја восхитува душата!

Со колкава чест сме удостоени ние, браќа и сестри, со воплотувањето на Синот Божји од Пречистата Дева, возвеличени, возрадувани, утешени! Со нас е Бог: тој стана наш Застапник, Искупител, Спасител; Мајката Божја стана наша Мајка по благодат, Застапничка, Претстојателка, Покров. Замислете, што би било со луѓето, ако Синот Божји не слезеше толку чудесно, толку благо кон нас, грешните, помрачените, илјадапати достојни за зло, заради гревот и непријателството со Бога! Колку човештвото би било бедно, жалосно, безутешно, без никаква радост во безбројните свои маки!

Фреска во Благовештенскиот храм во Назарет
Фреска во Благовештенскиот храм во Назарет

А сега, каква постојана утеха за верните и покаените има во воплотениот, заради нас Син Божји! Тој е надеж, очистување, осветување и спасение за сите грешници кои се каат, заштита на понижените, утеха на страдалниците, ободрување на очајните, покој на изморените и обременетите, награда на подвижниците, светлина на помрачените, сила на немоќните, помошник во добрите дела, сопоборник во духовните борби, утеха на сите праведни, вечен живот на сите кои веруваат во Него. Кој верува во Мене, и да умре ќе живее, – вели Господ (Јн. 11, 25).

Но, воплотувањето на Синот Божји е истовремено и страшно и поучно таинство, ако помислиме што го натерало Синот Божји на такво самоистоштување и кон што сме повикани и обврзани ние, луѓето, со воплотувањето на Синот Божји. Од страна на Бога, причина за вочовечувањето била бесконечната љубов кон нас, Неговите созданија – љубовта на Првообразот кон живиот, словесен свој Образ, кој паднал, загинува, зашто ние сме Неговиот образ; а од наша страна – нашите гревови, нашиот страшен пад, нашата неизбежна вечна погибел.

И така, што се бара од нас со вочовечувањето на Синот Божји? Вистинско, искрено, нелицемерно и цврсто покајание за сите гревови, исправување на срцата и праведен, свет живот. Бидете свети, како што сум Јас свет, Господ вашиот Бог (Лев. 19, 2). Излезете од развратната средина и оддалечете се, и не допирајте се до нечистотија: и Јас ќе ве примам, и ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот (2 Кор. 6, 17-18). Дека имено тоа го бара од нас Господ Исус Христос, т. е., светост и правда, можете да се уверуват во тоа секој ден со самата Господова молитва „Оче наш“, во која Тој, Господ, нè учи пред сè, да се молиме за тоа, да живееме свето и праведно по волјата Божја, а не по својата: Да се свети името Твое, да дојде Царството Твое, да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. (Лк. 11, 2-4; Мт. 6, 9-10).

И така, ете каква неодложна обврска ни се налага нам, браќа и сестри, со воплотувањето на Синот Божји: да живееме праведно и свето, благоговејни и чесно и да се оддалечуваме од секој грев, од секоја неправда и нечистотија. Во спротивно, ќе бидеме недостојни за Синот Божи и Неговото Царство и ќе си приготвиме најтешка осуда и тука, и во вечноста.

Амин.

 

Свети Јован Кронштадски

 

Извор: http://www.pravoslavie.ru/1694.html