ПОДВИГ СО РАМНОАПОСТОЛСКО ЗНАЧЕЊЕ[1]
Нема поубав крај за една година, од тоа таа да заврши со настан како денешниов! Ете, по промислата Божја, како род и генерација се удостоивме да одбележиме таков јубилеј каков што беше годинашниот – 1100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски. Во низата настани кои како Црква и народ ги организиравме по тој повод, го додаваме и денешниов – промоцијата на преводот, на современ македонски јазик од црковнословенски, на Месечните богослужбени минеи.
Ретко кој народ, ќе се осудам да кажам – особено никој од словенските народи, ги има преведено на својот современ јазик Минеите, но и другите богослужбени книги, како Цветниот и Посниот триод, Октоихот, Ирмологиј онот, па дури не постои ни книга-избор на богослужби на современ јазик за светителите кои имаат најголем култ, како што, еве, имаме ние – македонскиот народ и Македонската православна црква. Овој факт укажува на нашата предаденост на активното проповедање на словото Божјо и во унапредувањето на мисијата на нашата света Црква. Делово што е пред нас, е уште еден доказ дека МПЦ е жива Црква, која вложува многу во живото сведоштво на христијанското предание.
А за да биде нашето сведоштво живо, тоа мора да биде блиску до народот, да биде разбирливо за народот. Таков аманет имаме уште од свети Климент, кој неуморно се вложи во продолжувањето на делото на своите учители – светите браќа од Солун, во чија мисија, основно им беше тоа – да се проповеда на разбирлив јазик! Уште тогаш тие ја почувствуваа потребата на времето, а еве и ние денес го продолжуваме нивното дело.
Преводот на овие богослужбени книги на современ македонски јазик има многустрана вредност:
Прво, ова значи исполнување на заповедта што нашиот Спасител Господ Исус Христос им ја предаде на Своите ученици – апостолите, а со тоа и на сиот црковен клир до денес, при Своето преславно вознесение: Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух, учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал.[2] Тоа научете ги и учејќи ги, означува дека предавањето на спасоносната наука треба да се врши на достапен начин, со средствата што ќе бидат блиски за слушателите, со зборот што ќе е разбирлив.
Впрочем, за да ја исполнат оваа Христова заповед, односно за да можат да го проповедаат спасителното евангелско слово по сите краишта на земјата и кај сите народи, на денот на Педесетницата, апостолите, примајќи Го Светиот Дух, го добија дарот на јазиците. Значи првото дејство на Светиот Дух било токму во тоа – апостолите да можат да зборуваат на други јазици, од што јасно произлегува фактот дека Евангелието е наменето за сите народи. И апостолот Лука, веднаш по описот на примањето на дарот на јзиците, нè воведува и во неговото конкретно остварување: И сите се исполнија со Дух Свети и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат… Кога се чу тој шум, се собра многу народ и сè се збрка, бидејќи секој ги слушаше како зборуваат на неговиот јазик.[3]
Моментот на Педесетницата и слегувањето на Светиот Дух во вид на огнени јазици, во прв ред, укажува на истоветноста, т.е. на непостоењето на разлика меѓу Христовото и делото на Светиот Дух, и обратно. Во таа насока, големиот отец на Православието, свети Григориј Палама, ќе забележи дека настанот на Педесетница ги покажува единочесноста и единославноста на Светиот Дух со Христа. Зошто? Објавувањето на Светиот Дух во вид на јазици ја покажува соприродноста на Духот и Логосот Божји, а нема ништо посродно со словото од јазикот. Од друга страна, пак, Светиот Дух им се дава на апостолите во вид на јазик, за да се покаже дека учителот на вистината има потреба од облагодатен јазик. А дека јазикот, односно словото, проповедта на апостолите беше благодатна, потврдува и фактот што овој дар беше предаден во вид, односно како огнен јазик, што укажува на двојното дејство на апостолската проповед – дека таа ќе ги осветлува оние што ќе ја примат, а ќе ги гори тие што нема да поверуваат. Токму затоа горната одаја на Педесетница е спротивност на Вавилонската кула.[4] Таму јазикот разделуваше, овде јазикот соединува!
Втората вредност на делото што е пред нас, несомнено, за нас, македонскиот народ, значи продолжување на делото на светите Кирил и Методиј и на нивните ученици, во прв ред на свети Климент и свети Наум. Со овој превод, ние како да се вклучуваме во нивното дело, како да се удостоивме со дарот да го продолжиме истото, со истите средства и на истиот начин. Преводот на Минеите и другите богослужбени книги се јавува во особен период со специфични околности, подобно како тогаш, пред повеќе од еден милениум во Моравија. И тогаш жедта кај народот за спасоносното слово Божјо беше голема, и денес е така. И тогаш народот сакаше да слуша, да се моли, да богослужи на разбирлив јазик, и денес е така! Затоа светите браќа создадоа писменост и преведуваа, чувствувајќи ја таа потреба, но и пророчки гледајќи во иднината што ќе значи ако на разбирлив јазик се пренесе Евангелието, а какви последици ќе има доколку се остане заробен во суетноста и надменоста, во желбата за присвојување и освојување, во намерата за асимилирање?! Несомнено, свежи се сеќавањата на Македонецот од пред два века, кога во црквите и училиштата не му се даваше право да се моли и да учи на сопствениот јазик, туку преку другото, му се наметнуваше и јазично и културно ропство. И што донесе таквиот пристап? – Отпор, омраза и непријателство меѓу народите! Како да не сакаа асимилаторите и пропагандистите од тоа време да се присетат дека сите сме накалемени на космополитското дело на светите браќа од Солун, кои колку се нечии, толку се и сечии. Не сакаа да се сетат на прекрасниот и познат диспут на свети Кирил со тријазичничките еретици во Венеција, на неговите зборови кои означуваат и рамноправност, но и ја доловуваат љубовта Божја кон секого и сѐ: Не врне ли дожд од Бога еднакво за сите? Зар не дишеме воздух сите еднакво? Тогаш, како не се срамите да признаете само три јазика, а сакате сите други народи да бидат слепи и глуви?[5]
За жал, и денес има луѓе што живеат според овој погубен дух – не само од политички причини, туку и од лажна ревност. Во таквите конзервативни кругови се зборува дека не треба да се преведуваат богослужбените книги, туку тие треба да останат во својот оригинал, во нашиот случај на црковнословенски јазик, односно – старомакедонскиот, затоа што тоа е јазик создаден само заради богослужението и како таков е чист од разни вулгарни и срамни зборови, а современите јазици не се такви. Овој став се карактеризира со недоволна логика, зашто тоа што до нас се дојдени само дела на црковнословенски, а чија содржина е исклучиво библиска, црковна и теолошка, не значи дека јазикот не се употребувал во говорена, па и во пишана форма, во сите области на живеењето. Едноставно, во тоа време, најмногу се запишувал зборот Божји, зашто сметале нашите предци дека тоа е вистинското наследство што треба да се остави и од кое ќе имаат полза и сегашноста нивна и иднината нивна. Но овој неотријазичнички пристап значи и нешто друго – отуѓување од преданиската смисла на проповедта, која ни ја предочи и сејачот на евангелското семе на овие простори, светиот апостол Павле, кој вели: В црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, отколку илјадници зборови на непознат јазик.[6] И да не заборавиме – преку разбирливиот јазик во проповедта, верата постанува и светиња и светлост за разумот. Верата објаснета на сопствениот јазик, раѓала желба за познавање на вистината и траен копнеж по вечноста со Бога. Токму таква е и потребата за превод на богослужбените книги на современ јазик, и народот, како и дел од свештенството, едноставно не го разбираат во целост, па дури и многу малку, ако не и воопшто, црковнословенскиот јазик. Но ова не значи дека црковнословенскиот јазик – јазикот на нашите предци, треба и ќе замине во историјата – тој и понатаму ќе продолжи и да се применува и да се изучува во нашата помесна Црква. Впрочем, и во Уставот на МПЦ стои дека црковнословенскиот, покрај македонскиот, е службен јазик на Црквата.
И третата вредност, секако не и последна, на делото што имаме чест да го промовираме, е тоа што оставаме наследство, но и вложуваме во идните генерации, го унапредуваме богослужението и мисијата на Црквата, предавајќи ја на разбирлив јазик спасоносната Христова наука. И колку воодушевува овој факт: подобно на апостолите, примајќи го од нив дарот што тие од Светиот Дух го добија – пренесуваме зборови, мисли, реченици, текстови кои се древни, стари илјадници и илјадници години, пренесуваме нешто што Господ со својата уста го изрекол или преку Своите избраници ни го кажал нам, на народите.
Овој момент е прекрасна прилика, како претстојател на нашата света Црква, а со тоа од името на сите нас – Синодот, свештенството и верниот народ Божји, да се заблагодарам на човекот без кого овој дар од небото за македонскиот православен народ и Македонската православна црква немаше да се оствари – да му искажам заслужена пофалба на преведувачот на богослужбените книги од црковнословенски, во некои прилики и од старогрчки јазик, на современ македонски јазик, да му оддадам признание на сечесниот ставрофорен протопрезвитер и долгогодишен професор, најпрво во Богословијата, а потоа и на Богословскиот факултет – отецот Јован Таковски. – Професоре, Ви благодарам за неуморната и предана работа, за часовите, деновите, неделите и годините поминати во неуморна работа – за ова дело да ја види светлината на денот! Вашиот труд е пред сѐ духовен, зашто оставате голем дар и аманет на нашата Црква, зашто ги направивте достапни и разбирливи длабоката богословска мисла и смисла, кои се особено присутни во богослужбените текстови, во овие непроценливи сокровишта на преданието на Црквата. Вашиот подвиг е и рамноапостолен – зашто го продолживте делото на светите браќа и на свети Климент. Вашето дело е и патриотско – зашто со овој чин го унапредувате и промовирате и нашиот јазик македонски, но и го обезбедувате и заслуженото место на нашиот народ меѓу православните народи. – Па, јазикот е дел од народниот идентитет! Јазикот е тајна Божја дарувана на човекот од Бога Словото, од Оној Кој во почетокот беше Слово и како Слово беше во Бога и Тој – Словото беше Бог.[7] Грижата за богослужбените текстови, и денес и во иднина, треба да биде одговорна и точна, зашто во прашање е јазикот на молитвата. Од Вас, преку ова дело, нашата света Црква и нашиот верен народ, како што некогаш му напишал византискиот император Михаил на моравскиот кнез Ростислав, добија поголем и подостоен дар од сето злато и сребро, и од скапоцените камења.[8]
Исто така, му благодариме и на верниот народ од Австралиско-новозеландската епархија, по чија заложба се започна и заврши овој проект, кој немаше да се оствари без благословот на надлежниот архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиско-новозеландски г. Петар, кој, еве, како и Нивните Високипреосвештенства, Митрополитите Тимотеј и Иларион, годинава одбележува годишнина од епископската хиротонија.
Секако, им честитаме и на сите оние кои со своето стручно и практично знаење се вградија во реализирањето на овој проект.
На крајот, Му благодариме на Бога што благослови и допушти, што даваше сили и поткрепуваше да се успее! Сега, овие книги треба да ги исполнуваат нашите храмови, певниците и библиотеките и да се користат – од нив да Му се служи на Бога, да се слави Бог, да Му се молиме на Бога, а за доброто на нашиот народ и на нашата Светиклиментова Црква.
Нека е честито и вечно ова дело! На многаја лета! Амин!
[1] Слово на промоцијата на преведените минеи и други богослужбени книги, во храмот „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Битола, на 25.12.2016 г.
[2] Мт. 28, 19-20.
[3] Дела 2, 4 и 6.
[4] сп. 1. Мојс. 11, 6-9.
[5] Свети Климент Охридски, Собрани дела: Слова, Поуки, Житија, Скопје 2012, стр.471
[6] 1. Кор. 14, 19.
[7] сп. Јн. 1, 1.
[8] Свети Климент Охридски, цитирано дело, стр. 469.