Слово на преподобниот Исаија

Дваесет и деветто слово

(Плач)

  1. Тешко нам, сластољубивите и кратковремените, зашто заради привремените беззаконија на телесните страсти, нема да ја здогледаме славата Господова!
  2. Тешко нам, кои презирајќи го нераспадливото, се стремиме кон распадливото, иако распадливоста не ја наследува нераспадливоста (1. Кор. 15, 50)!
  3. Тешко нам, кои своето тело, кое ќе го јадат црвите и гнојот, го храниме со гревови, не плашејќи се од огнот кој вечно ќе нè мачи, нити од црвот кој не спие!
  4. Тешко нам, што нашето тело, кое е осквернето со нечистотија, христољубивите луѓе го почитуваат и целиваат, додека ние сме варосани гробови кои во себе го носат смртниот грев!
  5. Тешко нам, кои преку невоздржанието од храна и сласт, во себе собираме семе кое ‘рти и нè побудува на беззаконско телесно соединување!
  6. Тешко нам, што не ја споредуваме трулежноста со нетрулежност и што не се плашиме од Божествената и страшна казна!
  7. Тешко нам, бидејќи сме малодушни за доброто а ревносни и брзи за злото!
  8. Тешко нам, што телото наше, кое е способно да стане дом на вечната светлина, сме го направиле дом на вечниот мрак!
  9. Тешко нам, што Синот Човечки, Кој е едносуштен на Бог Отецот и Кој заради нас се воплоти, во нас нема каде да ја засолни Својата глава, додека злите и лукави духови, во нас, за себе си направиле гнезда!
  10. Тешко нам, што имаме осквернети души и нечисти тела, и единствено можеме само да очекуваме да нè снајде осуда на вечни маки!
  11. Тешко нам, што очекуваме почести од светиите, иако сме полни со похоти за неправда и секаква нечистотија!
  12. Тешко нам, што се движиме помеѓу светите и незлобните како чисти и слободни, иако сме осудени и виновни за многу гревови!
  13. Тешко нам, што ги вразумуваме и поучуваме оние кои се далеку подобри од нас, иако сме исполнети со согрешенија!
  14. Тешко нам, што имаме греда во окото, а како непорочни покренуваме суд и се гневиме заради најмали согрешенија на нашите браќа!
  15. Тешко нам, што на други полагаме тешки и неподносливи бремиња, а самите, како немоќни телесно, одбиваме дури и да ги допреме!
  16. Тешко нам, што бивајќи сиромашни во божественото монашко делување, без срам итаме другите да ги учиме за тие доблести!
  17. Тешко нам, што сме заборавиле на нашите поранешни гревови и што ни заради новите не се мачиме и не плачеме!
  18. Тешко нам, што сме започнале со добро со помош на Божјата благодат, додека сега сме станале телесни!
  19. Тешко нам, што толку сме паднале во нечисти помисли, наводно, не гледајќи ги сопствените гревови, се прашуваме дали воопшто сме ги правеле!
  20. Тешко нам, што јадејќи и пиејќи не помислуваме на борбата која ни се случува заради прејадување!
  21. Тешко нам, што сме подготвени да се согласиме со помислите, штом во нас демоните ги разбудат блудните сеќавања!
  22. Тешко нам, што оставајќи ги божествените молитви и читањето со размислување, своите денови ги поминуваме во пусти мечтаења и празнословија!
  23. Тешко нам, што срцата ни се скаменети до таа мера што и покрај честото напрегнато изискување на скрушеност и солзи, не наоѓаме успех заради крајната немарност и мрзеливост!
  24. Тешко нам, што нималку не се грижиме за душата, иако постојано греши, и иако Бог рекол: „која душа греши, таа ќе умре“ (Јез. 18, 4)!
  25. Тешко нам, што заради ситост и утеха, нашето тело е лесно подвижно на грев и што ние до страст ги разгоруваме нечистите и скверни помисли, преку очите примајќи ги стрелите на лукавиот во своето срце и преку допири на телото стануваме полни со страст за жени, слично на коњите, не помислувајќи за своето словесно достоинство и не плашејќи се од вечното мачење!
  26. Тешко нам, што заради страдање и болест на телото многу се вознемируваме и стенкаме, додека раните и неизлечивите болести на душата не ги чувствуваме!
  27. Тешко нам, што кај нас, владетелската сила на душата е потчинета на нејзиниот роб – телото, кое господари над подобриот, а заедно и со иста желба не му служат на Бога кој нè создал!
  28. Тешко нам, што своите гревови ги повторуваме преку злите и нечисти помисли и што не препознаваме дека од нас Бог се оддалечува кога ни приоѓаат нечистите духови!
  29. Тешко нам, иако неразумни, ги сакаме и ги присвојуваме пофалбите на светиите, но не и нивните подвизи и дела!
  30. Тешко нам, што во извршувањето на Божјите заповеди не го пројавуваме ни стравот од слугата, ни усрдноста и благоразумноста од наемникот, ни љубовта кон синовите!
  31. Тешко нам, што се плашиме од луѓето кога грешиме, додека на вечниот срам не обрнуваме никакво внимание!
  32. Тешко нам, што се трудиме да им се допаднеме на богатите и на силните кога ќе се сретнеме со нив и кога со нив разговараме, додека од сиромавите бегаме кога доаѓаат да просат од нас!
  33. Тешко нам, што кон секој човек не се однесуваме како што ни прилега, туку како што сакаме и како што нам ни е угодно!