Востановувањето на Петровденскиот пост – порано го нарекувале пост на Педесетницата – се протега до првите времиња на Православната Црква. Особено се утврдил, кога во Константинопол и Рим, од светиот рамноапостолен Константин Велики (+ 337 г., се празнува на 21 мај / 3 јуни), биле подигнати храмови во чест на св. Првоврховни апостоли Петар и Павле. Осветувањето на константинополскиот храм било извршено на денот на споменот на апостолите (29 јуни / 12 јули н.ст), и од тогаш, тој ден почнал особено торжествено да се празнува и на Исток и на Запад. Тоа е денот на завршувањето на постот. Границата на неговиот почеток е подвижна: таа зависи од денот на празнувањето на Велигден; затоа и времетраењето на постот е варира од 6 недели до 8 дена.
Зошто токму Петровденски? Зошто Апостолски е јасно: апостолите постојано се подготвувале за службата со пост и молитва (се сеќавате, како на прашањето на учениците, зошто не можат да изгонуваат бесови, Господ им објаснил дека овој род се изгонува само со пост и молитва (Види Марко 9, 29)), затоа и Црквата нè повикува кон овој летен пост по примерот на оние, кои примајќи Го Светиот Дух на денот на Света Троица (Педесетница), „во труд и подвизи, често во бденија, во глад и жед, често во пост“ се проповед на Евангелието по целиот свет. Да се именува постот „петропавловски“ – е премногу долго; а бидејќи, спомнувајќи ги апостолите, Петар го спомнуваме прв, и името на постот станало „Петровденски“.
Светите апостоли биле толку различни: Петар, постариот брат на Андреј Првоповикан, бил прост, необразован, сиромав рибар; Павле – син на богати и познати родители, римски граѓанин, ученик на познатиот јудејски учител по Законот Гамалиил, „книжник и фарисеј“. Петар – верен ученик Христов уште од самиот почеток, сведок на сите настани на неговиот живот од моментот на излегувањето на проповед. Павле – најголем непријател Христов, кој ја распалувал во себе омразата кон христијаните и испросил од синедрионот дозвола да ги гони христијаните насекаде и да ги приведува во Ерусалим врзани. Петар, маловерен, кој трипати се одрекол од Христа, но скрушено се покајал и станал начало на Православието, основа на Црквата. И Павле, јаросен противник на правдата Божја, а потоа, исто толку пламенит верник.
Вдахновен прост човек и ненадминлив оратор, Петар и Павле ги олицетворуваат духовната цврстина и разумот – двата најнеопходни мисионерски квалитети. Зашто што, ако не призив кон мисионерство треба да стане доаѓањето на Петровскиот, т. е. Апостолскиот пост за нас? Господ ги испратил апостолите во светот за да ги научат сите народи: „И така, одете и научете ги сите народи… учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал“ (Мт. 28, 19-20). „Ако не сакаш да учиш и да се вразумуваш себеси во христијанството, ти не си ученик и следбеник на Христа – не беа за тебе испратени апостолите – ти не си она, што биле сите христијани во почетокот на христијанството…“ (Митр. Московский Филарет. Слова и речи: в 5 тт. Т. 4. – М., 1882. Сс. 151-152).
Кога бил востановен Петровденскиот Пост?
Востановувањето на Петровденскиот пост се однесува до првите времиња на Православната црква. За Црковното востановување на овој пост се спомнува во Апостолските правила: „После Педесетница, празнувајте една седмица, а потоа постете; зашто справедливоста бара и да се радуваме по примањето на даровите од Бога, и да постиме после раслабувањето на телото“.
Од IV век, сведоштвата на отците на Црквата за апостолскиот пост стануваат сè почести, за него спомнуваат св. Атанасиј Велики, Амвросиј Медиолански, а во V век, Лев Велики и Теодорит Кирски.
Свети Атанасиј Велики, опишувајќи ги во својата одбранбена беседа пред императорот Констанциј, бедите кои им ги нанеле аријаните на православните христијани, вели: „Народот, кој постеше во неделата, која доаѓа по неделата по Педесетница, замина на молитва на гробиштата“.
Зошто Петровденскиот пост следува после Педесетница?
Денот на Педесетницата, кога во педесеттиот ден после воскреснувањето од гробот во десеттиот ден по Своето вознесување, Господ, седнувајќи оддесно на Отецот и им го испратил Пресветиот Дух на сите Свои ученици и апостоли, – е еден од најголемите празници. Тоа е исполнување на новиот вечен завет со луѓето, за кои претскажал пророкот Јеремија: „Еве настапуваат дни, вели Господ, и ќе склучам со домот Израилев и со домот на Јуда нов завет. Не онаков завет, каков што склучив со татковците нивни во денот, кога ги фатив за раце, за да ги изведам од Египетската земја; тој Мој завет тие го нарушија, иако останав во сојуз со нив, вели Господ. Но еве го заветот, што ќе го склучам со домот Израилев по оние дни, вели Господ: ќе го вложам Мојот закон во утробата нивна и ќе го напишам во срцата нивни, па Јас ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ. И нема повеќе да учат еден друг, брат брата и да зборуваат: „познајте Го Господа”, оти сите тие, од мал до голем, сами ќе Ме знаат, вели Господ, бидејќи ќе им ги простам беззаконијата нивни, и за гревовите нивни нема веќе да се сеќавам.“ (Јер. 31, 31-34).
Светиот Дух, Кој слегол на апостолите, Дух на вистината, Дух на премудрост и откровенија, нацртал наместо Синајскиот, нов Сионски закон, не на камени плочи, но на телесните плочи на срцето (2 Кор. 3, 3). Местото на Синајскиот закон го исполнила благодатта на Светиот Дух, Кој законополага, дава сили за негово исполнување, и изрекува оправдување не по делата, туку по благодатта.
Не постиме во дните на Педесетницата, затоа што во тие дни Господ беше со нас. Не постиме, затоа што Самиот Он рекол: можете ли да ги натерате сватовите да постат, додека е со нив младоженецот? (Лк. 5, 34). Општењето со Господа е како храна за христијанинот. И така, за време на Педесетницата се храниме со Господа, Кој ни се обратил.
„После празнувањето на Педесетницата, постот е посебно неопходен, за преку подвиг да се очистиме од мислите и да станеме достојни за даровите на Св. Дух, – пишува св. Лев Велики. После ова празненство, кое Духот Свет го освети со Своето слегување, обично следува сенароден пост, благодетелно устроен за лекување на душата и телото, и затоа бара, да се придржуваме до него со должно благоговение. Зашто, ние не се сомневаме, дека откако апостолите се исполниле со ветената сила одозгора, и Духот на вистината се вселил во нивните срца, меѓу другите тајни на небесното учење, по внушување на Утешителот, им било предадено и учењето за духовното воздржание, за срцата, очистувајќи се со постот, да станата способни за примање на благодатните дарови,… не можеме да се бориме со претстојните напади на гонителите и јаросните закани на нечестивите во раслабено тело и префинета плот, зашто тоа, што го насладува нашиот надворешен човек, го разрушува внатрешниот, и напротив, колку повеќе се очистува разумната душа, толку повеќе се умртвува плотта.
Затоа учителите, кои ги просветиле со пример и поука сите чеда на Црквата, почетокот на борбата за Христа го означиле со свет пост, за, излегувајќи во борбата против духовниот разврат, да имаме за тоа оружје во воздржанието, со кое би можеле да ги умртвиме грешните желби, зашто нашите невидливи противници и бестелесни непријатели нема да не победат, ако не се предаваме на плотските похоти. Иако, желбата на нашиот искушувач да ни штети е постојана и неизменлива, таа останува немоќна бездејствена, кога не ќе најде во нас простор за да нè нападне…
Од таа причина, востановен е неизменливиот и спасителен обичај – после светите и радосни денови, кои ги празнуваме во чест на Господа, воскреснатиот и вознесениот на небесата, и после примањето на даровите на Светиот Дух, доаѓа поприштето на постот.
Тој обичај треба усрдно да го пазиме, и за да останат во нас оние дарови, кои сега и се дадени на Црквата од Бога. Станувајќи храмови на Светиот Дух, и повеќе од било кога, напоени со Божествените води, не треба да се покоруваме на никакви желби, не треба да служиме на никакви пороци, за живеалиштето на добродетелите да не се оскверни со ништо нечестиво.
При помошта и содејството Божјо, сите можеме да го достигнеме тоа, само доколку очистувајќи се со пост и милостиња, се трудиме да се ослободиме од гревовната нечистотија и принесуваме обилни плодови на љубовта“. Понатаму, св. Лев Римски пишува: „Од Апостолските правила, кои ни ги внуши Самиот Бог, првостојателите црковни, по внушение на Светиот Дух, прво го поставиле тоа, сите подвизи на добродетелите да започнуваат со пост.
Тоа го направиле, затоа што заповедите Божји може да се исполнат добро само тогаш, кога воинството Христово е оградено од сите соблазни на гревот со светото воздржание.
И така, возљубени, должни сме да се вежбаме во постот пред сè во ова време, во кое ни е заповедано, после завршувањето на педесетте дена од Воскресението Христово до слегувањето на Светиот Дух, поминати од нас во посебно торжество.
Овој пост ни е заповедан, за да се запазиме од безгрижност, во која многу лесно може да се падне поради долговременото разрешување на храната, кое го практикувавме. Ако нивата на нашето тело не ја обработуваме постојано, на неа лесно ќе пораснат трња и какол, и ќе принесе плод, кој не го собираат во житница, туку го фрлаат во оган.
Затоа, должни сме со голема ревност да ги чуваме оние семиња, кои сме го примиле во нашите срца од небесниот Сејач, и да се пазиме, невидливиот непријател да не ни го расипе некако даруваното од Бога, и во рајот на добродетелите да не израснат трњата на пороците. А тоа зло може да се одврати само со пост и милостиња“.
Бл. Симеон Солунски пишува, дека постот е востановен во чест на апостолите „затоа што преку нив се удостоивме за многу добра и тие ни беа наши исполнители и учители на постот, послушанието… и воздржанието. Истото, и против своја волја го сведочат и латинјаните, почитувајќи го апостолскиот пост во нивни спомен. Но ние, согласно апостолските заповеди, составени од Климента, после слегувањето на Светиот Дух една недела празнуваме, а потоа, следната по неа, ги почитуваме апостолите кои ни предале да постиме“.
Како правилно да постиме во Петровденскиот пост?
Подвигот на Петровденскиот пост не е толку строг, како Четириесетницата (Велигденскиот пост) за време на Петровиот пост уставот на Црквата претпишува – во среда и петок – да се воздржуваме од елеј. Во саботите и неделите од постот, а исто и во деновите кога се празнува споменот на некој светител или храмов празник, се разрешува на риба и вино.
…како да постиме? Сетилниот пост од храна не можеме да го запазиме, како што го пазеле нашите отци и учители, но дури и да го запазевме, каква полза ќе имаме без духовниот пост, за кого Црквата ни вели: „да постиме со пост духовен, благопријатен на Господа“ и т.н. (стихири од Триодот). И така, треба да се трудиме, спомнувајќи си за нашите гревови: најпрвин, да имаме „срце скрушено и смирено“ (Пс. 50, 19), да не обрнуваме внимание на туѓите недостатоци и да не ги судиме другите, туку повеќе да внимаваме на своите страсти и да не допуштаме истите да преминат во дело (Преподобен Макариј Оптински)
Извор: http://www.pravmir.ru/petrov-post-istoriya-ustav-propovedi/