Денешното Евангелие говори за љубовта, и нам од искуството на нашите земни односи многу често ни се чини, дека меѓу справедливоста и љубовта постои речиси непремостлива бездна. Ние затоа и паѓаме во замка: се обидуваме да бидеме милостиви – а биваме несправедливи, се обидуваме да бидеме справедливи, и се покажуваме жестоки.
Не е ни чудно, што еден од големите писатели на минатиот век кажал, дека судијата истовремено е поголем од нивото на човекот, и помал од него. Поголем – затоа што ја надминува власта на човекот да суди и осудува; помал – затоа што нему не му е дозволено да пројавува милосрдие.
Но сепак, Светото Писмо ни говори, дека во Бога милоста и правдата се сретнале. Но правдата, справедливоста, која ние ја наоѓаме во Бога, толку многу се разликува од таа справедливост, која ние се обидуваме да ја пројавиме! Да се пројави справедливост за нас значи, дека ние донесуваме справедлив суд и потоа или го повлекуваме него, или даваме простување, но при тоа сме неспособни внатре во самите себе да пројавиме сострадание и строгост. Често, кога ние сакаме да бидеме справедливо-сурови и со тоа, да му помогнеме на човекот, мораме да му наредиме на срцето да замолчи.
Бог така не постапува. Христос во Евангелието вели, дека нашата праведност треба да ја надмине праведноста на книжниците и фарисеите, на оние луѓе, кои се стремат да бидат праведни пред Бога, да бидат во Неговите очи непорочни.
Но во што се состои Божјата правда? Од Стариот и Новиот Завет може да се види, дека правдата Божја на прво место се состои во тоа – и мерката на таа правда понекогаш ужасно нè плаши – да го признаеме другиот, неговото право да биде сам со себеси, дури и ако тој не е во право, дури и ако тој оди по лош пат. Се разбира, тоа не значи дека ние треба да се помириме со злото, да ги прифатиме лошите патишта. Но ние сме должни да научиме – како тоа го прави Бог – меѓу злите постапки и човекот, извршени од него, меѓу смртната болест на човекот, ранет од гревот, опфатен од злото, и самиот човек, кој Бог го засакал и возљубил во животот, за кој Он бил готов да се воплоти и да го даде својот живот.
Бог умее да ја прави таа разлика. Еден од најстрашните, највпечатливи примери за тоа, го наоѓаме во самиот почеток на историјата на човештвото, кога Каин го убива Авел и после тоа чувствува, дека него ќе го следи не само Божјата отфрленост, но и човечката омраза. И Господ му говори нему: Јас ќе ти ставам знак, и никој нема да те убие… А со тоа Бог како да признава, дека Он на човекот му дал слобода, страшна слобода, и дека Он дејствува како заштитник на таа слобода, дури и ако човекот неа ја злоупотребува, – но не само тоа. Ако на тоа сè би завршило, тогаш Бог би бил одговорен за сето зло во светот, и ние би можеле да го осудиме Него за сето наше страдање, и за сиот ужас во историјата на човекот.
Но Бог прави уште нешто. Он ги прима врз Себе сите последици на изборите, кои човекот ги прави по својата слободна волја или според своето безумство. Он ги прима на Себе сите тие последици и ги носи на Своите плеќи. Воплотувањето Христово, Синот Божји, животот, страдањето, смртта, богооставеноста на Крстот, слегувањето во адот на Христа, Синот на Живиот Бог, Кој стана Син човечки – сето тоа изразува, сведочи, дека Бог ги покрива, ги зема на Себе последиците од човечкото зло и целото зло во светот. Неговата правда се состои во тоа, да го прифати другиот таков, каков што е, по неговите услови, и Самиот да плати за човечкото безумство и човечкото зло.
И имено тука се сретнува милосрдието, жртвената љубов – и правда, се сретнува на таков начин, на каков што ние не сме способни да ја разбереме, ни да ја оствариме, се сретнува така, што е страшно да се изврши. Да го прифатиш другиот човек, дури и тогаш, кога он претставува опасност за нашите вредности, нашиот живот, човекот, за кој ние сме повикани да го земеме на себеси, и да го понесеме, и спасиме – на тоа малкумина се способни.
Јас веќе им раскажував на некои од вас за жената, наша парохијанка, која сега постепено се приближува кон смртта. Во младоста таа живееше во Русија и за време на револуцијата беше одведена во затвор. Испрашувањата се одвиваа едни по други; и ноќта после многучасовно испрашување таа почувствувала, дека нејзините сили се исцрпени, дека треба да го раскине синџирот, дури и ако плати за тоа, да биде казнета. Таа се завртила кон обвинителот, готова да го предизвика, да го навреди, само да стави крај на таа бескрајна мака. И наеднаш, таа на другата страна видела човек со сиво лице од измореност, бледо од исцрпеност. И тука таа ненадејно во него видела човек, не непријател, а тој, кој бил со сурова волја во околностите на историјата се нашол на другата страна од нејзината маса. И гледајќи во него човек, таа му се насмевнала.
Испрашувањата не завршиле на тоа. И тој ѝ се насмевнал, но продолжил со своите прашања. Но таа била веќе недостапна за разрушувачките сили на омразата. Таа видела човек; таа можела трпеливо да му одговара на човекот и постепено да го прифаќа своето умирање без омраза, без горчина, да го прифати делото. Тоа е прекрасен пример; тој не е земен од Писмата, примери кои нам често ни се чинат како далечни, и не е од житијата на светиите, кои демек ја надминуваат нашата мера, а од животот на жена која е од нашата средина. Зарем нема да разбереме, дека прва пројава на правдата, која може да го приведе кон спасение оној, кој, твори зло, е признавањето на неговото право да постои, омраза кон злото, кое го поседува, омраза кон разрушувачкото начело во човекот и подготвеност да му се служи на човекот, однесувајќи се кон него со почит. Како што би му служеле на нашиот Бог, да му послужиме нему во спасението.
Растојанието меѓу правдата и милоста во нашиот живот ни изгледа бескрајно голема. Ние сме должни да се научиме да разбереме што значи – да го сакаме спасението и да пројавуваме правда според образот на распнатата љубов на Живиот Бог, која Он ни ја оставил нам како најдрагоцен и свет дар – Својата Црква. Амин.
(Проповед на митрополитот Антониј Сурожски во деветнаесеттата недела по Педесетница)
Превод: м-р Игор Ризановски
Извор: http://www.pravmir.ru