Прими Го Христос во домот на твоето срце – архимандрит Амфилохиј Макрис

Кога ќе сретнеш човек, духонжвно изморен, не наметнувај му и друго бреме, затоа што колената негови нема да издржат. Ние треба да бидеме благодатни луѓе, за оние, кои ќе ни се приближуваат, да одморат со душата.

* * *

                На човекот, кој живее без Христос, сè му изгледа тешко и нејасно.

* * *

                Ако ја творите молитвата, нема да ве исплашат ветровите на искушенијата. Нивната сила слабее, и тие не можат ништо да ви направат.

* * *

                Често, Христос доаѓа и тропа кај тебе. Ти го покануваш да влезе во твојата гостинска соба, но обземена од своите грижи, забораваш за великиот гостин. Тој чека да се појавиш, чека, но кога ти веќе многу ќе задоцниш, станува и си оди. Следниот пат, ти повторно си толку зафатена, што Му одговараш преку прозорот. Немаш време, дури ни врата да му отвориш.

Засакај го, чедо мое, гостопримството, затоа што тоа ги отвара вратите на рајот. Ако си гостопримлива, можеш да се удостоиш ангели да примиш. Гостопримството, е најголема од добродетелите. Тоа ја привлекува благодатта на Светиот Дух. Во лицето на секој гостин, чедо мое, јас Го гледам Самиот Христос.

***

                Колку посилно човек го љуби Бога, толку посилно ги љуби и луѓето. Тој го сака во нив образот Божји, се однесува со почит, внимателност и осветување.

Човек, кој љуби духовно, преку молитвата чувствува, дека се наоѓа во Бога и во браќата. Тој тагува, кога братот негов не живее добро, и се моли за неговиот успех. Никогаш нема да се промени (во својот добар однос. – А. Н.) оној, кој има христијанска љубов.

* * *

                Ако човек нема внатрешна топлина, надвор дури и да е лето, нему му студи и се смрзнува.

Ако вашето срце го нема Христос, Неговото место тоа го исполнува со пари, имот или луѓе.

* * *

                Ќе ги сметаме сите луѓе, за подобри од нас самите, колку и да имаат недостатоци. Нема да се ожесточуваме, туку секогаш ќе помниме дека и другиот се стреми таму, каде и ние (во Царството Небесно. – А. Н.). Јас, по благодатта Божја секогаш ги гледав луѓето како свети и ги ставав повисоко од мене.

* * *

                Две крила, кои можат да го подигнат човекот над земјата – се чистотата и простотата на срцето. Треба да си прост во делата и чист во чувствата и помислите. Со чистото срце ќе почнеш да Го бараш Бога, а во простотата ќе Го најдеш и ќе се радуваш. Чистото срце лесно влегува во вратите на Небото.

Архимандрит Амфилохиј Макрис

Извор:http://www.pravoslavie.ru