Преподобен Јован (Јаков) Њамски, Нов Хозевит

(23 јули / 5 август, 1960 г)

Во светот Илија Јаков, се родил на 23 јули, 1913 г., во селото Крајничењ (денес Ботошани), во семејството на работниците Максим и Екатерина Јаков. Скоро после породувањето, Екатерина се разболела и умрела. Момчето го зела да го воспитува неговата баба, Марија Јаков. Во 1914 г., татко му бил повикан во војска. Кога се вратил, тој повторно се оженил. После две години, во август, 1916 г., Максим Јаков повторно бил повикан и испратен на фронт, каде што и загинал, борејќи се за ослободување на сонародниците-романци, кои се наоѓале под туѓо ропство. Наскоро, неговата жена ѝ го оставила посинокот на свекрва ѝ, и се вратила кај своите родители. Илија повторно останал на грижа на баба си, стара, која немала поддршка од никого. Како родена мајка таа го воспитувала, учејќи го од рано детство искрено да се моли, да ги пази постите и да оди во црква.

Во септември, 1920 г., Илија почнал да оди во училиште, во родното село, каде што пројавил одлични способности и примерно поведение.

Во 1924 г., Марија Јаков починала. Сирачето го зел во својот дом чичкото, постариот брат на татко му, кој се грижел за него до неговото заминување во манастир. Чичко му го запишал најпрвин во гимназијата „Михаил Когелничану“ во местото Липскањ, а потоа – во воената академија „Димитриј Кантемир“ во Козмен; Во 1932 г., Илија го поминал зрелосниот испит во Черновци.

Созерцателниот склад на карактерот на младичот и првичните знаења за верата, кои ги добил од неговата баба и во домот на чичко му, влијаеле врз неговото решение да замине во Њамскиот манастир.

Во август, 1933 г., тој бил примен во монашкото братство, и бил назначен на послушание во манастирската аптека.

Стремејќи се да си најде осамено место за молитва, во јуни, 1934 г., тој посетил неколку манастири во Оптенија, некое време живеел во Турна, манастир во долината на реката Олт; него го привлекла, не само убавината на местата, но и одвека постоечките традиции на монашки живот на тоа место. После неколку месеци, тој бил повикан во војска, во 29-от пешадиски полк, распределен во Дорохое. Нему му било доверено да се грижи за болните во медицинската болница.

По завршувањето на воената служба, тој се вратил во Њамскиот манастир. Таму бил библиотекар, што му давало можност многу и постојано да чита; во неговата обврска влегувало исто така составување на описи на книгите и ракописите во манастирската библиотека. Тој исто така држел и часови по романски јазик за браќата во школата на манастирот.

На 8 април, 1936 г., примил монашки постриг со име Јован од новиот настојател, архимандритот Валериј. Негов духовник станал јеромонахот Јоаким (Спетар), игумен на Покровскиот скит, познат по својот праведен живот, молдавски монах. Во ноември, 1936 г., Јован заедно со други двајца монаси заминал во Светата Земја. Тој, околу две години поминал во пештера во Јорданската пустина, а потоа се оддалечил во древниот манастир на Св. Сава Освештен. Заедно со Јован, во манастирот се подвизувале пет романски монаси. Монахот Јован исполнувал различни послушанија: се грижел за болните, бил водич, помошник економ, библиотекар… Од монасите грци, кои биле мноштво од манастирските браќа, го изучил грчкиот јазик и започнал дури да преведува одделни поуки од великите отци на Црквата на романски. Тој исто така зборувал арапски и англиски јазик. Јован го почитувале сите жители на манастирот за неговите молитвени бденија и за спремноста да се носи со било кое послушание.

После осумгодишниот престој во манастирот, тој бил ракоположен за свештеник на Литургија, отслужена во ротондата на Гробот Господов.

Во текот на пет години, сè до 1952 г., јеросхимонахот Јован бил настојател на скитот во Јордан.

Со помош на романските монаси, тој изградил неколку келии околу скитот, како за самите нив, така и за поклониците. Јован постојано служел литургии, исповедал, причестувал, се обраќал кон поклониците со слова на духовна утеха и поддршка. Често се трудел во малечката градина. Ноќе, тој излегувал на Јорданскиот брег и таму се молел до изгрејсонцето. Некогаш, на неколку дена се оддалечувал во пустината, пребивајќи во пост, молитва и многубројни поклони. Составувал стихови, во кои се зборува за убавината на тие места каде што протекувале неговите подвижнички трудови.
Во 1952 година, после лекувањето во болница во Ерусалим, тој решава да го напушти игуменствувањето и се оддалекува во манастирот на преп. Георгиј Хозевит.

Во манастирот, тој се подвизувал во една од пештерите со малечка црквичка на Св. Ана. Пештерата се наоѓала во пустинската месност Рува, на левиот брег на потокот, на три километри од манастирот. Влезот во пештерата се наоѓал на висина од 7 метри над површината на водата, каде се влегувало само преку скала. Во пештерата имало три соби. Првата, со површина од 12 метри квадратни, имала маса, изрезана од ѕидот, која служела како престол; тука постојано се молел светиот Јован. На истото место, тој одмарал на рогозина, послана на даска, размислувал и пишувал стихови. Низ мал премин, се влегувало во втората соба од 6 метри квадратни, каде што пустиникот го вкусувал тоа малку што го јадел (леб, сухарики, маслинки и чај), што му го носел ученикот од манастирот, Јоаникиј Пиријала. Третата соба претставувала „пештера на починатите“ каде што се наоѓале останките на оние кои претходно се подвизувале.

jovan jakov pestera

Поголемиот дел од денот и ноќта, тој го поминувал во молитвени бденија, стекнувајќи дар на совршена молитва. Вкусувал храна еднаш дневно, навечер; за сон оставал 3—4 часа дневно. Читал од Светото Писмо и од делата на Светите Отци, или преведувал од нив полезни поуки за душата. Одмарајќи, пеел духовни химни, имајќи убав и пријатен глас, и составувал стихови. Во пештерната црква го извршувал полното монашко правило. Некогаш, на големите црковни празници, служел во храмот на преп. Георгиј Хозевит. Тогаш, тој се спуштал од пештерата по скалата, и одел во манастирот за сеноќното бдение, каде сослужувал на литургијата и се причестувал со Светите Тајни. Потоа учествувал во заедничката монашка трпеза и повторно се враќал во својата пештера.

Починал на 5 август, 1960 г. Тогаш имал само 47 години, од кои 24 поминал во Светата Земја. Неговото тело, истоштено од пост и постојани бденија, било положено во третата соба од пештерата, каде што почивале схимонасите, кои претходно живееле тука.

Ученикот на старецот, Јоаникиј Пиријала, во 1968 и 1970 г., во Ерусалим издаде два тома од неговите стихови, преводи и поуки, под наслов „Храна духовна“ со предговор на архиепископот Аристовул од Ерусалимската Патријаршија.

На почетокот на август, 1980 г., според месните традиции, советот на старци на манастирот на Преп. Георгиј Хозевит, ја отворил „пештерата на починатите“, за да ги положи остатоците во заедничката гробница. На тој настан присуствувале мноштво грчки и романски монаси и архимандрити, а исто така и поклоници од Романија. Присутните биле поразени од тоа што го виделе. Сите ја посведочиле нетленоста на телото, кое воопшто не се изменило низ времето. Архимандритот Амфилохиј, игумен на манастирот на преп. Георгиј Хозевит, подоцна се сеќавал: „Ние очекувавме да видиме само свети коски, а почувствувавме чудесно благоухание. Кога го симнавме капакот од ковчегот, го видовме отец Јован како да е заспан; распаѓањето не го чепнало неговото тело, тоа било исто како и во моментот на смртта. Како да сме го положиле пред само неколку часа, па дури и тукушто; неговиот облик немаше ни најмали промени. Распаѓањето не ги допре ни неговите раце, ни брадата, ни косата, ни расото и обувките“.

jovan jakov hozevit mosti

За тоа, веднаш му соопштиле на Ерусалимскиот патријарх Бенедикт, и тој наредил моштите на старецот да се пренесат во храмот на манастирот Преп. Георгиј Хозевит. На 7 август, 1980 г., моштите на свети Јован биле земени од пештерата и положени во манастирот.

За сите да поверуваат, дека било Божја волја, телото да остане нетлено, Патријархот Ерусалимски наредил да се отслужат 40 литургии; ковчегот со телото на починатиот бил поставен во светиот олтар, и над него се вознесувале заупокоени молитви. Се отслужиле сите литургии, а телото на подвижникот и натаму останало нетлено. Него со благоговение го преместиле во кивот од црно дрво, и одозгора го покриле со проѕирно стакло. Кивотот бил поставен во храмот, веднаш крај моштите на преподобниот Григориј Хозевит.

Подвижникот почнале да го почитуваат под името „Нов Хозевит“, за да се разликува од соименитиот древен светител Јован Хозевит. Кратко пред канонизацијата на јеросхимонахот Јован му била нацртана икона; една од неговите икони се наоѓа во соборниот храм на Св. Георгиј во градот Хама, во Сирија. Монах-химнограф од Вселенската Патријаршија ја напишал службата на светителот.

Светиот Синод на Романската Православна Црква, имајќи ги во предвид сите собрани сведоштва за новиот подвижник, на својата седница, на 20 јуни, 1992 г., одлучил Јован Нов Хозевит да се вброи во хорот на светителите и како ден на неговиот спомен да се почитува 5-ти август.

22 декември, 2015 г., и Ерусалимската Патријаршија го вброила јеросхимонахот Јован Нов Хозевит во хорот на светителите, со востановување на негов спомен на 28 јули, на денот на пронаоѓањето на неговите чесни мошти.

 

Павел Белобрицкиј

 

Извор: drevo-info.ru