Предание од старец Нил Сорски (Пустиник) до своите ученици; за сите полезно да го имаат.
Со седејството на Господ Бог, Спасителот наш Исус Христос и сопомошта на Пречистата Негова Мајка, напишав душеполезно писмо за себе и за господата, браќа мои ближни, кои се еден дух со мене, зашто така ве именувам вас, а не ученици. Зашто еден имаме Учител – Господ наш Исус Христос, Синот Божји, Кој ни го дал Божественото Писмо; ги имаме и светите апостоли, и преподобните отци, кои го научиле и го учат на спасение човечкиот род, – сите тие, сами претходно ги исполниле добродетелите и така и други научиле. Јас пак не правам ништо добро, само Божествените Писма ги прераскажувам на оние кои ги примаат и сакаат да се спасат. И бидејќи Писмото вели, дека сите тука сме дојденци и туѓинци (види Евр. 11, 14), таму, после смртта, вечниот живот и непреодното житие – или во покој, или во маки, како-кому ќе даде Бог по делата негови, – тогаш, треба да се погрижиме за тој посмртен живот. И затоа, го предадов ова писмо на господата, браќа мои, заради мое спасение и на сите кои го сакаат, издигнувајќи ја совеста кон подобро и запазувајќи се од небрежност, порочен живот и гревови, од зло и од луѓе кои мудруваат според телото, од лажни и суетни преданија, кои дошле од нашиот заеднички непријател и измамник и од нашата мрзеливост.
За почеток, како што треба, решив да пишувам [слово] за верата. Верувам во единиот Бог, во Троица славен, Отец и Син и Свет Дух – Троица едносушна и неразделна. И во воплотувањето на Синот Божји верувам, како совршен Бог и совршен Човек Го исповедам и останатото исповедање на православната вера потполно го примам и исповедам со сета моја душа. Исто така и Госпоѓата моја, Светата Пречиста која е навистина Богородица со многу вера и љубов ја исповедам, величам и славам; и сите светии ги почитувам, примам, прославувам и се соединувам [со нив] по благодатта Христова. И прибегнувам со сета душа кон Светата, Соборна и Апостолска Црква и сите учења за православната вера и добродетелниот живот, кои таа ги примила од Господа и светите апостоли, од светите отци на Вселенските и помесните собори, и сите останати свети отци на Светата Црква, и примајќи ги, нам ни ги предала – сето тоа го примам и почитувам со многу вера и љубов. Еретичките пак учења на лажноименитите учители и преданија ги проколнувам, јас и оние кои се со мене, и сè еретичко за нас туѓо да биде.
Бидејќи многу благоговејни браќа доаѓаат при мене, сакајќи да живеат кај нас, а јас многукратно ги одбивам (зашто сум грешен и неразумен човек, и со душа и тело немоќен), а одбиените, не ме оставаат на мир и не престануваат да ми досадуваат, од што кај нас се појавува смут, јас расудив вака: ако е волјата Божја, тие да дојдат кај нас, треба да ги знаат преданијата на светителите и да ги пазат заповедите Божји, да ги исполнуваат преданијата на светите отци, а не да кажуваат изговори, и да измислуваат оправдувања за своите гревови (види Пс. 140, 4), и да не велат: „Денес е невозможно да се живее според Писмата и да се следат светите отци“. Но, иако сме немоќни, колку што имаме сили, треба да се уподобуваме и да ги следиме приснопамјатните и блажени отци, дури и ако неможеме во еднаква мера со нив да стигнеме. Ако некој не го сака тоа – нека престане да му досадува на моето окајанство; зашто таквите ги испраќам со ништо, како што претходно реков, – [зашто] не јас доаѓам кај нив, сакајќи да началствувам, а тие доаѓајќи кај мене, ме принудуваат [на тоа]. Ако и оние кои се кај нас не се стремат да го пазат тоа и не го послушаат нашето слово, што им го кажувам од Светото Писмо, јас не сакам да давам одговор за нив, заради нивното самочинство и непокорност. А ако сакаат така да живеат, – слободно и безрезервно таквите ги примаме, кажувајќи им го словото Божјо; иако самиот јас и не го исполнувам него, но можеби, и јас по благодатта Христова, и по молитвите на оние кои добиле полза, ќе се удостојам за кажаното во божествената „Лествица“: [Некои], потонати во нечистотија, им објаснувале на оние што минувале крај нив, на каков начин потонале таму, за нивно спасение раскажувајќи им, за да не паѓаат и тие во истите нечистотии. И за спасението на тие, и првите Господ ги избавил од нечистотијата“. И уште вели Лествичник: „Не биди жесток судија кон оние, кои го учат словото, гледајќи дека се помрзеливи за дело, зашто често скудноста на делата се дополнува од ползата од словото“. Но сепак, од друга страна, плашејќи се од гревот [светите отци од долги поучувања] одвраќаат, како што рекол свети Максим: „Многумина нè има што зборуваме, но малкумина исполнуваме“. Впрочем, словото Божјо никој не смее да го сокрива поради својата мрзеливост, но осознавајќи ја својата слабост, да не ја скриваме и Божјата вистина, за покрај престапувањето на заповедите да не бидеме виновни и во погрешното толкување [од други] на Божјите зборови.
Слова пак на светите отци и други [творби] има мноштво! И затоа, изучувајќи го Божествените Писма, ги предаваме на оние кои доаѓаат при нас и имаат потреба од нив (поточно, не ние, зашто сме недостојни, но [самите] блажени свети отци [зборуваат] од Божествените Писма), и оние кои живеат кај нас, треба да се стремат грижливо да ги чуваат – тоа е нашата желба и љубов.
Ако некој од браќата, од мрзеливост или небрежност отпадне со нешто од она што му е предадено, тоа треба да му го исповеда на игуменот, и тој, како што треба, да го исправи гревот. Така, ако во келијата се случи прегрешението или ако тоа го снајде оној кој излегол некаде [од неа] – со исповед треба да се исправи. Зашто многу внимателност треба да има оној кој излегол некаде од келијата, и особено треба предаденото да го сочува. Зашто, за многумина е мрско отсекувањето на својата волја заради Бога, но секој денес незаконски си присвојува оправдание. За таквите, во божествената „Лествица“ е речено: „Подобро [послушникот] да се избрка, отколку да се остави да ја твори својата волја, затоа што оној кој го избркал, често го прави изгонетиот најсмирен и понатаму [го принудува] да ја отсекува својата волја, а кој си мисли, дека снисходењето кон нив е човекољубие, тој ги прави истите да се проколнуваат себеси за време на [нивното] заминување“.
Од светите отци строго ни е предадено тоа, секојдневната храна и останатото потребно, што Господ и Пречистата Негова Мајка ќе ни го овозможат, [да го задобиваме] од праведните трудови на своето ракоделие и работа. Кој не работи – рекол Апостолот – нека не јаде (види 2 Сол. 3, 10), зашто нашиот живот и потребите [од нашите сопствени трудови] треба да се одржуваат. А треба да го работиме тоа, што може да се работи под кров. Ако во општежитијата по потреба, пофално е и под отворено небо, [на пример], со спрегнати волови да се ора или нешто друго тешко со свои сили да се работи, вели Божественото Писмо, тогаш за оние кои живеат осамено тоа е достојно за прекор. Ако во нашите потреби не се задоволиме од работата своја, поради нашата немоќ или поради некоја друга достојна причина, тогаш може да се прима малку милостиња од христољубци – неопходното, а не излишно. Стекнатото пак, под принуда од туѓ труд собрано, и внесено [кај себе] воопшто не ни е од полза, зашто имајќи го тоа, како ќе ги запазиме заповедите Господови: На оној кој сака да се суди со тебе и да ти ја земе кошулата твоја, дај му ја и горната облека (види. Мт. 5, 40) и другите слични, како острастени и немоќни? Но потребно е [така стекнатото], како смртоносен отров да се избегнува и отфрлува. При купувањето пак на она што ни е потребно и при продажба на ракоделијата, не смееме да го воведуваме во загуба братот, туку подобро е самите да претрпиме загуба. Исто и за оние кои работат кај нас – ако дојде некој од мирјаните – не смее да се лишува од должната плата, но над тоа да му се дава со благослов, и да се отпушта со мир. Излишно не смееме да имаме.
„А да се дава на оние што просат, и оние кои бараат на заем да не се одбиваат – тоа е наредено за лукавите“, – вели Василиј Велики. Зашто „оној кој нема ништо, освен неопходното, не треба да дава милостиња, и кога ќе каже: „Немам“ – не излажал“, – вели Варсануфиј Велики. Зашто вистински монах е оној, кој нема потреба да дава милостиња – кој со отворено лице може да каже: „Ете, ние оставивме сè и тргнавме по Тебе (Мт. 19, 27). Пишува свети Исак: „Нестекнувањето е над секое давање“. Зашто милостињата монашка – е да му помогне на братот со збор во време на потреба, и да ја утеши неговата мака со духовно расудување, но и тоа е за оние, кои можат. За почетниците пак: да претрпат маки, навреди и понижувања од братот, и тоа – е душевна милостиња, која е толку повисока од телесната, колку што е душата од телото, вели свети Доротеј. Ако дојде пак некој страник, треба да го успокоиме, според силите наши, а после, ако има потреба, да му дадеме како благослов леб и да го отпуштиме.
Излегувањата од нашата обител не треба да се случуваат без причина и како ќе дојде, но само со претходно предвиден устав, по потреба, зашто несвоевремено и неоправдано не смееме да излегуваме од келиите, како што вели Василиј Велики. Настојателот благочино нека ги распределува работите меѓу браќата, и секому нека заповеда и за излегувањето, умесно и како што треба; и испратениот од послушние кон Господ да не се откажува, но и да не ја смета службата како причина за небрежност, туку со страв Божји и голема трезвост да се утврдува, за и тој, и оние кои се со него да имаат полза. Сакам, и додека сум жив, и по смртта моја, сè што напишав во ова писмо, така и да се извршува.
Во нашите келии треба да разговараме со такви браќа и туѓинувачи, за кои е познато, дека водат разговори за надградување и исправување на душите, имајќи способност со расудување да слушаме и да го зборуваме полезното.
Сè што напишав јас, ако служи за Божјо благоугодување и полза на душата, така да се прави; а ако не – да биде подобро, што е угодно на Бога и полезно за душата.
За црковното украсување, светиот Јован Златоуст пишува: „Ако некој се советува [со тебе], сакајќи да придонесе во црквата свештени садови или некаков друг украс, нареди му да го раздаде на сиромаси. Зашто никој, – рекол тој, – никогаш не бил осуден за неукрасување на црквата“. И други светители го велат тоа. Преподобната маченичка Евгенија и свештените сребрени садови што ѝ ги принеле не ги примила, велејќи: „Монасите не треба да имаат сребро“. Затоа и ние, златни и сребрени садови, дури и свештени, не треба да имаме; исто и останати украси излишни, но само неопходното за црквата може да се принесува. Пахомиј Велики не сакал ни самата црковна зграда да биде украсена. Во обителта Мохоска, тој создал црква и во неа направил убави стубови од цигли; но после тоа помислил, дека лошо е да се восхитуваме на делата на човечки раце и со убавината на своите градби да се гордееме; земајќи јаже, ги врзал столбовите и им наредил на браќата да влечат со сета сила, додека [столбовите] не се навалиле и не станале неубави. И рекол: „За да не стане умот, од искушувачки пофалби соблазнет, плен на ѓаволот, зашто големо е неговото лукавство“. И ако тој голем светител така рекол и направил, колку повеќе ние треба да се чуваме од таквите работи, зашто сме немоќни и острастени, и со умот паднати.
За храна и пиење: според силите на своето тело и душа да се задоволува секој, избегнувајќи прејадување и сластољубие; до опивање пак никако не смееме да пиеме никаков пијалок. Здравите и младите нека го истоштуваат телото со пост, жед и труд, колку што е можно, а старите и немоќни нека си даваат малку покој.
При себе, во келиите наши, не смееме да имаме садови и останати скапоцени и украсени работи. Исто и со градењето на келиите, и останатиот имот од нашите живеалишта – сè што е нескапоцено и неукрасено треба да стекнуваме, како што вели Василиј Велики, она, што лесно може да се најде и да се купи.
Жени не смее да влегуваат во скитот; и никаккви бесловесни животни од женски пол за служење или за каква било потреба не смееме да имаме, зашто ни е забрането. Исто и младичи за служење не треба да чуваме, и млади и нежни лица на секој начин да избегнуваме.
Преподобен Василиј Полјаномерулски