Православен фундаментализам – проф. Џорџ Е. Демакопулос

Еден од темелите на православното христијанство е длабоката почит кон великите Отци на Црквата, кои не само што биле пример за светост, туку и најголеми интелектуалци во нивното време. Делата на луѓето како Св. Василиј Велики, Св. Григориј Богослов, и Св. Максим Исповедник биле и засекогаш ќе останат светила за православно христијанско живеење и православната христијанска вера.

Алармантно е тоа што еден голем дел од православниот клир и монаштвото, во последните години во нивните излагања застапуваат т.н. фундаменталистички пристап кон Црковните Отци. Доколку православните водачи не се обединат против ваквиот развој во Црквата, постои голема опасност Црквата да биде киднапирана од екстремисти.

Како и другите фундаменталистички движења, православниот фундаментализам го сведува целото богословско учење на само еден ограничен дел на богословски начела кои во тој систем служат како мерило за вредноста на другите. Најчесто, ова се манифестира во вид на обвиненија против поединци, институции или цели ограноци на Православната Црква дека наводно тие не го исполнуваат стандардот за православно учење како што тој е поставен од страна на фундаменталистите. На пример, кога Богословската Академија во Волос одржа меѓународна конференција за разгледување на улогата на Светите Отци во современата Црква, радикалните опортунисти од Грчката Црква ја обвинија академијата и епископот за ерес.

Клучната интелектуална грешка во тој фундаментализам е во самата претпоставка дека Светите Отци биле едномислени во врска со сите теолошки и етички прашања. Превидот, без сомневање, е во тесна врска со една друга, исто така, подеднакво погрешна претпоставка дека православната теологија никогаш не се променила—иако е јасно дека тоа не е така, бидејќи во спротивно немаше да постои потребата за градење на консензус во наредните Вселенски Собори.

Иронично, како што покажуваат неодамнешните истражувања за фундаментализмот, е тоа што иако фундаменталистите наводно ја штитат православната вера од корупцијата на модерноста, нивната визија за православно христијанство, и самата е модерен феномен. Со други зборови, православието никогаш не било онака како што го замислуваат фундаменталистите.

И навистина, внимателното проучување на христијанската историја и теологија јасно покажува дека дури и некои од највлијателните светители на Црквата имале меѓусебни несогласувања—понекогаш премногу огорчувачки. Св. Василиј и Св. Григориј спореле околу тоа, кој е најдобриот начин на опишување на Божествената природа на Светиот Дух. Св. Јован Дамаскин, кој живеел во манастир во Исламскиот Калифат, ја отфрлил дотогашната химнографска традиција со цел да развие нова, која ќе одговори на потребите на неговата заедница.

Многу е важно да се има во предвид дека православните фундаменталисти, со цел зајакнување на нивниот редукционистички пристап кон Отците, често се служат со бројни невистини. Многу често е тврдењето дека монаштвото отсекогаш било упориште на православно учење. Друг пример е тврдењето дека Отците биле анти-интелектуални. И според некое трето, придржувањето кон учењата на Отците значи дека неопходно е спротиставување на сè што е од Запад. Сите овие тврдења се очигледно погрешни поради одредени причини, но сите се симптоматични на една идеолошка маскарада која ветува излез од модерниот свет.

Подмолната опасност од православните фундаменталисти е во нивното заматување на разликата помеѓу црковната традиција и фундаментализмот. Кога традицијата е употребена како политичко оружје, идеологот може да ги заведе оние кои во никој случај не се осмелуваат идентитетот на нивните религиозни лидери да го доведат во било какво прашање.

Во време кога многу млади луѓе избираат целосно да се откажат од нивната верска припадност, и навлегувањето на фундаменталистичката идеологија во парохиите води до ситуација, кога нашите деца треба да бираат помеѓу религиозен екстремизам или ништо.

Време е православните ерарси и останатите лидери смело да истапат и да објаснат дека драгоценоста на Црковните Отци не е во ропско придржување кон фосилизирана збирка на начела за себе-промовирање. Значајноста на Отците е во нивниот искрен и тежок подвиг да стигнат до Бог и Он да му го откријат на светот. Фундаменталистичкиот пристап кон Отците и Библијата никогаш не води до Бог—само до идолопоклонство.

 

Проф. Џорџ Е. Демакопулос (George E. Demacopoulos), Универзитет Фордхам

http://www.fordham.edu/info/23704/faculty/6382/george_e_demacopoulos

 

Превод: Стефан Павиќевиќ

 

На англиски: http://blogs.goarch.org/blog/-/blogs/orthodox-fundamentalism

 

//целта на овој текст е да се даде критика на една од двете крајности во Православната (екуменизмот и ревноста „не по разумот“), и да се даде апел за вистинско проучување на Светите Отци и задобивање на Духот, Кој ги вдахновувал (заб.ред.)//