На денешен ден, 6 / 19 октомври, 1914 год. е роден еден од најпочитуваните старци на Српската Православна Црква на XX век, архимандритот Тадеј (Штрбулович), кој стекнал дарови на непрестајна молитва, смирение, љубов, прозорливост и духовно расудување.
Споделуваме некои сеќавања и поуки од животот на старецот:
Старец Тадеј сиот свој живот се трудел да го исполнува подвигот на секојдневно служење на литургија, дури и во дните на тешка болест. Тој сакал да ги повторува зборовите на светиот праведен Јован Кронштадски, како свои сопствени: „Кога не служам литургија, јас не живеам!“
Старецот велеше: „Какви ти се мислите, таков ти е животот“.
„Нашите мисли дејствуваат не само на нас, но и на животинскиот и растителниот свет кој нè опкружува. И уште повеќе, тие влијаат на вечноста, не само што ја разрушуваат земјата, но го умножуваат злото и во Вселената“.
„Подобро е да поучуваме со живот, отколку со зборови“.
„Не треба многу да мислиме на себеси, затоа што, мислејќи за своите потреби, самите си сметаме. Ние самите – сме си најголема препрека. Мислиме за злото кое е околу нас, кое нè ранува, но доколку тоа зло не беше во самите нас, тоа не би нè допирало“.
Старецот предупредуваше: „Строгоста кон ближните е опасна. Строгите растат само до одреден степен и остануваат на телесниот подвиг. Во комуникацијата со луѓето треба да бидеме благи, кротки, снисходливи“.
Советувал: „Престанете да мислите зло за своите началници или колеги на работа. Променете ги злите мисли на добри, и ќе видите, како ќе се промени односот на вашите претходни „непријатели“.
„Ако твоите родители се атеисти, а ти верник, не прекорувај ги и не дразни ги своите родители со верата, но моли се за нив и биди добар кон нив“.
„Кога ќе најдете некоја сродна душа, останете со неа, зашто голема е радоста – да се дружите со истомисленици“.
Старец Тадеј Витовнички
Извор: православие.ру