Ќе поразговараме за тоа, што им е јасно на сите: и на луѓето од пониската и повисоката класа. Ќе поразговараме за тоа, што е разбирливо, и во исто време најмногу корисно за правење добри дела. Ќе зборуваме за стравот Божји.
Во книгата Мудри Соломонови изреки е кажано: стравот од Господа го запазува секој човек од грев (Изрек. 15, 27). Ако стравот Божји го запазува човекот од секаков грев, тогаш стравот Божји – е првата препрека на патот кон гревот, не давајќи му на гревот да проникне во нашата душа.
Пророкот Давид, вие го имате тоа прочитано во Псалтирот, преку Светиот Дух ви говори: „Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат“ (Псал. 110, 10). Соломон, неговиот син, говори уште повеќе за премудроста: дека стравот Божји – е школа на премудроста (сп. Изрек. 15, 33). А Исус, синот Сирахов, во својата книга Мудрост Сирахова говори така: Стравот Господов ја надминува секоја премудрост (Сир. 25, 14).
Гледате, тројцата големи пророци го величаат стравот Божји, еден од друг повеќе мудрувајќи за него, бидејќи навистина, како што говори свети Исак Сирин, „стравот Божји – е основа на сите добродетели“. Он говори, дека премудроста има два краја: првиот – стравот Божји, а другиот е – љубовта кон Бога. А зошто е тоа така? Бидејќи секоја добродетел започнува со стравот Божји и завршува со љубовта кон Бога, која е заедница на сите совршенства и највисокото ниво на сите добродетели, бидејќи љубовта е над сè. Но човекот, за да достигне љубов кон Бога, секако треба да има страв Божји. Бидејќи од тука произлегува секоја добродетел – од тоа, човекот да има страв Божји.
Ти слушаш, како говори Светиот Дух? „Блажен е оној човек, кој се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди“ (сп. Псал. 111, 1). Ти си слушнал? Кој се плаши од Бога, тој многу сака да ги исполни Божјите заповеди, односно да прави добродетели; исто како и тој, кој не се плаши од Него, си дозволува себеси да прави секакво зло и секаков грев.
Тој што има страв Божји, е најмудар човек на целата земја. Еве што вели свети Григориј Ниски, големиот философ и брат на свети Василиј Велики: „Јас сум видел многу луѓе, кои настојуваа да ја изучат сета надворешна наука, но во богословието, односно во науката за Бога, успеале малкумина. Но доколку тие немале вистинска мудрост, која е страв Божји, тогаш тие се одделиле од Бога и заглавиле во калта на злото“.
Понекогаш слушаш, дека некој заштитил две докторски дисертации, и добил две дипломи. А потоа дознаваш дека тој бил прељубник, безбожник, неверодостоен, немилосрден кон бедните, човек кој нема љубов кон ближните и кој во кал ја фрлал вистинската вера и секоја добродетел. Каква полза има тој од надворешната ученост, кога во него нема страв Божји? Подобро би било да не се родил тој човек, кој не го познал својот Создател, не се плашел од Него, не се чувал од злото и не правел добро.
Затоа јас и ви велам вам: добро е тоа, човек да биде високообразован: и инженер, и доктор, и наставник, и професор, и војник, и генерал – како што му дал Бог секому. Но на сите тие функции да не заборава на стравот Божји. Бидејќи ако он заборавил на Бога, тогаш за него подобро би било да не би се појавел на овој свет и да не се родел, за да ги види многубројните Божји блага: како Он ни дарувал живот, ум, воздух, светлина, топлина, навремен дожд, храна, изобилство, здравје, вид, слух, мудрост, – и после толку Божји благослови за да ги затвориме очите, како ноќните птици, кои не гледаат на друг начин, освен во темница, и не го гледаат Бога, кој е вечна светлина и престојува во вечна светлина.
Затоа јас и започнав да ви зборувам вака: блажен е човекот, кој се плаши од Бога, бидејќи он е навистина мудар и ќе вкуси блаженство и во сегашниот и во идниот век.
Кој се плаши од Бога, нему не му е по волја да избере туѓо добро. Кој се плаши од Бога, тој нема да отиде кај туѓа жена. Кој се плаши од Бога, тој и со својата жена ќе живее во чистота, според правилата на Црквата. Кој се плаши од Бога, тој не прави абортуси, не пие, не пуши, не завидува на туѓо добро, не се бунтува, ги почитува државните власти, ги почитува органите, како што пишува апостолот Павле: он му дава кому чест – чест; кому данок – данок; кому страв – страв; и никому со ништо не останува должен, освен што го љуби Бога и ближниот (сп. Рим. 13, -7-8).
Кој се плаши од Бога, тој за време на Светата Литургија не спие дома, во недела. Кој се плаши од Бога, тој не ги остава своите деца да растат во беззаконие, он поставува пред нив строги забрани и ги исправа, ги учи да се поклонуваат на Бога, да постат, да одат во црква и да живеат чист семеен живот. Кој се плаши од Бога, тој не го троши времето залудно. Тој или работи, или се моли на Бога, или го чита Светото Писмо, или размислува за идниот Суд, смрт, наградата, за рајското блаженство, адот.
Кој се плаши од Бога, тој го сака секој човек и му помага секому со голема љубов, кога тој запаѓа во беда. Кој се плаши од Бога, нему не му е жал да го оддаде своето богатство на сиромасите. Кој се плаши од Бога, тој многу се плаши да не согреши пред Бога, не само со дело или со збор, но и со помисла. А зошто? Затоа што знае, дека Светиот Дух вели: „Бог и помислите наши ги гледа и ги видел“ (сп. Псалми. 138).
Вие сте слушнале за Јов? Вие сте слушнале, што направи со Јов стравот Божји? Беше во него стравот Божји, и затоа он никогаш не се гордеешe иако беше богат, не беше суров и немилостив, никогаш не кажа збор против Создателот, кога Бог му го одзеде богатството.
Еве го човекот, кој имаше страв Божји, кој принесуваше секоја вечер вол за жртва, за и неговите деца да не се покажат грешни пред промислата на Севишниот. Вие сте слушнале за човекот, кој имаше страв Божји, како го овенча него Создателот? Поради тоа, Бог го зеде во тие денови, и тој замина, за да се упокои во лоното Авраамово, чиј правнук и беше. Ете, како Бог го благослови него!
Браќа мои, човекот, кој има страв Божји, не е потребно да се чува од никого, за тој да не краде, да не блудствува, да не биде пијаница и крадец или да не прави зло. Тој што има страв Божји, и дење и ноќе внимава над себеси: „Да посакува било што лошо на луѓето, да не кажува ништо лошо, ете тоа е грев; да не прави никому лошо, зашто тоа е грев!“ Тој што има страв Божји, тој станува стражар на својата чистота, тој ја чува својата душа и ум од лоши помисли, јазикот – од лоши зборови и целото свое битие – за тоа, да не би се противело на Бога.
Мал расказ за стравот Божји
Си спомнувам за расказот за еден човек, кој отишол кај некој голем мудрец. Дојдениот кај мудрецот имаше, многу надарена жена. И почна тој да раскажува за неа:
– Господине, јас имам многу убава жена!
А мудрецот, кој седеше на маса со лист хартија и молив во раката, напиша нула на неа.
– Мојата жена е од познат род, нејзиниот татко е министер.
Тој напиша уште една нула.
– Мојата жена е здрава – таа никогаш не боледувала, не боледува и сега.
Тој напиша уште една нула.
– Мојата жена е многу учена.
Тој додаде уште една нула.
– Мојата жена е прекрасна домаќинка, таа умее да прави секакви колачи, специјалитети за ручек.
Токј допиша уште една нула.
– Мојата жена е искусен мајстор, таа изработува прекрасни модели, плете, ткае и шие. Погледај, колку таланти има мојата жена.
Тој допиша уште една нула. На крајот дојдениот додаде:
– Мојата жена има страв Божји, и таа е голем верник!
Мудрецот постави единица пред шесте нули. А кога после единицата одат шест нули, тоа означува милион. И кажа:
Еве јас ја оценив твојата жена. Кога ти кажа, дека таа е убава, и учена, и здрава, и искусна во ракотворбите, ако таа немаше страв Божји, сето тоа кај нејзе би било еднакво на нула – само една нула, и ништо друго!
Тоа се случува и со секој маж, како со таа жена, и со секој човек. Тој може да ги има сите таланти, тој може да владее со сите вештини во светот, може да ги знае сите науки во светот, но ако нема во него страв Божји, тој ја нема школата на мудроста, и тој човек не е добар за ништо.
Упатства за стравот Божји
Стравот Божји не дозволува да се прејадуваме. Стравот Божји не дозволува да јадеме месо во недозволени дни. Стравот Божји не дозволува да правиме било каков грев во пост и во големите денови или да не ја запазуваме чистотата, положбата и семејството.
Стравот Божји не дозволува сквернословие. Он не дозволува да се мешаме никому. Стравот Божји не дозволува, кога ќе видиш сиромав човек, да го фрлиш во беда, не помагајќи му. Стравот Божји нè потсетува на смртта, Судот, геената, рајот, адот, Царството Небесно и славата на праведниците. Стравот Божји не дозволува да зборуваме зло, не дозволува да клеветиме, не дозволува да говориме лага. Стравот Божји не дозволува да се гордееме, возгордејуваме.
Стравот Божји не дозволува да носиме завист. Стравот Божји не дозволува да негуваме омраза кон некого, зли помисли, зла ревност. Стравот Божји не дава да се одмаздуваме на другиот, да му правиме зло. Стравот Божји не дава да се шегуваме, да се потсмеваме на другиот или него да го осудуваме.
Стравот Божји не ти дозволува да вршиш притисок со поглед, да сакаш да им се допаднеш на луѓето, носејќи во себе суета, лицемерие и лукавство. Стравот Божји не дозволува да бидеш горделив, да живееш во бесчувствителност. Стравот Божји не ти дава да грешиш ни со поглед, ни со слух, ни со чувството за мирис, ни со вкус, ни со допир, ни со вообразување. Стравот Божји те чува од заборавеност, незнаење, мрзливост – и нема доволно време, за да ги наброиме сите полкови на темнината.
Стравот Божји – ете тоа те чува тебе, за ти да би бил светлина на телото и душата. И тоа не е само за монасите: стравот Божји дејствува подеднакво и кај мирјаните, и оние кои се посветиле себеси во монашкиот подвиг.
Стравот Божји ги прави свештениците во светиот олтар Серафими. Он служи со страв Божји, внимава на себеси, да не згреши, кога ја прави проскомидијата, кога кажува ектенија, кога се моли за претворање на лебот и виното во Свети Тајни, за да не би имал некоја помисла за време на Литургијата.
Од стравот Божји, гледајќи го страдалниот човек, ти одиш и му помагаш нему, одиш и му даваш совет. Стравот Божји е секогаш твојот најдобар раководител. И затоа сите свети отци го фалат стравот Божји.
Според тоа, најмудриот човек на светот – е оној кои се бои од Бога. Ти си слушнал како говори псалмопевецот: „Блажен е оној човек, кои се бои од Господа и кому му се мили Неговите заповеди“ (Псал. 111, 1).
Архимандрит Клеопа (Илие)
Превод: м-р Игор Ризановски
Извор: http://www.pravoslavie.ru