На 06.03.2016 г, неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на неговото Високопреосвештенство, надлежниот Митрополиот Преспанско-Пелагониски г. Петар, и неговото преосвештенство, свештено-игумен на манастирот, епископот Хераклејски г. Климент, и го освети реконструираниот манастирски комплекс Св. Преображение – Зрзе.
На осветувањето присуствуваа Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска, пратениците во Собранието на РМ, градоначалниците Марјан Ристески и Боше Милошески, Претседателот на Совет Никола Димески и голем број на граѓани, претставници од приватниот и бизнис сектор со чија помош и несебично залагање се реализираше обновата на оваа обител.
„Реконструкцијата на овој духовен центар несомнено ја демонстрира посветеноста и нашите заложби да го сочуваме богатото културно наследство кое го поседуваме како држава, да обезбедиме негова соодветна заштита, промоција и достапност до нашите граѓани. Од денеска сите добронамерници од нашата земја но, и од целиот свет ќе можат непречено да го посетуваат ова светилиште, кое има огромно значење за македонската култура и наследство“ посочи министерката за култура во својата изјава.
За сите овие археолошки и реконструктивни зафати и за партерното уредување на комплексот Министерството за култура има издвоено 92 милиони денари.
„ Токму до ова свето место е изграден и новиот локален пат кој ќе овозможи сите посетители непречено да го посетуваат манастирскиот комплекс и да се запознаат со вековна духовна традиција“, посочи градоначалникот Марјан Ристески.
Манастирот „Св. Преображение“, е место во кое сите ние ќе уживаме во убавините на македонската земја, во мирот и спокојството на овој манастир кој ја дарува најубавата глетка на пелагониската котлина.
[nggallery id=109]
„Како елен што се стреми кон водниот извор, така се стреми кон Тебе душата моја…“ (Пс.41, 1).
Во прилог, ви препорачуваме една докуметарна емисија за манастирската обител, која подробно ќе ве запознае со манастирот.
Извор: prilep.gov.mk