Одбележан 70-годишниот јубилеј, роденденот на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар

На 29.05.2016 г., во Неделата на Самарјанката, а по повод 70 годишниот јубилеј од роденденот на Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, и 35 годишниот јубилеј од неговата Епископска хиротонија, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар и Епископот Хераклејски г. Климент, отслужи Божествена Литургија во храмот Свети Димитриј во Битола.

Во Литургијата зедоа учество и протоерејот-ставрофор, професор емеритус на Православниот Богословски Факултет, о. Јован Таковски, архиерејскиот заменик, протоереј-ставрофор о. Никола Грамбозов, архиерејските намесници на градовите Битола, Прилеп и Ресен, протоереите Оливер Иваноски, Благоја Станкоски и Љупчо Атанасов, како и голем број свештеници и ѓакони од епархијата и пошироко.

На прославата беа присутни и неговата Екселенција, советник-министерот во Руската Амбасада во Македонија, г-нот Константин Берсењев, Деканот на Православниот Богословски Факултет, д-р. Ѓоко Ѓорѓевски, Продеканот на Богословскиот Факултет г-нот Петко Златески, и мноштво верен народ.

Исто така, со своето присуство ја збогатија прославата и претставници на локалната власт: Градоначалникот на градот Битола, г-н Владимир Талевски, Градоначалникот на Општина Демир Хисар, г-н Љупчо Блажевски, Градоначалникот на Општина Кривогаштани, г-н Тони Златковски, Градоначалникот на Општина Новаци, г-н Лазар Котевски.

Од страна на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ, од Архиепископот г. г. Стефан, на Митрополитот г. Петар му беше врачен напрестолен златен Крст, од Зрзеското братство и нивниот игумен, Преосветениот Епископ г. Климент, му беше врачена икона од Свети Климент Охридски, чии 1100 години од упокојувањето ги славиме оваа година. Од Битолското архиерејско намесништво му беше подарена патерица, симбол на Пастирската власт на пастирот во Црквата Христова, а од Прилепското архиерејско намесништво, на Владиката му беше врачен омофор, како симбол на Јагнето Божјо, Кое ја спасува заблудената овца.

Своите честитки ги испратија и свештенството и верниците од Австралиско-Новозеландската Епархија, кои иако не беа во можност да присуствуваат, срдечно ги изразија нивните поздрави.

Митрополитот г. Петар, за овие и многуте други дарови, изрази голема благодарност до сите оние кои ја изразија својата љубов и поддршка, воздавајќи Му слава на Бога, Кој ги продолжува нашите денови за покајание и исполнување на Неговата волја, служејќи си еден на друг во љубов и правда.

Посакувајќи Ви крепко здравје, сили духовни и телесни да продолжите и понатаму да го носите Крстот на Вашите чеда, та да засветли светлината Ваша пред луѓето, за да ги видат Вашите добри дела, и да Го прослават Вашиот Отец Небесен. (Мт. 5, 16) 

На многаја и благаја лета, Високопреосветени Владико Свети!

(Беседата на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан и Благодарественото слово на Митрополитот г. Петар следуваат во посебна вест)

 

IMG_2016 IMG_2024 IMG_2035 IMG_2123 IMG_2297

ПРЕМИНИ КОН ГАЛЕРИЈА