Од Писмата на отец Серафим (Роуз) / Писмо 33

31 март/ 13 април, 1970

Света Марија Египетска

Драг отец Пантелејмон, отци и браќа во Христа!

Благослови нè, оче! Се молам писмово да ве најде во добро здравје и во милоста на нашиот Спасител, како и завршување на постот во добра состојба. Му благодарам на Бог што и ние двајцата сме добро и само што го завршивме новото издание на „Православно Слово“ – се надеваме дека ќе го пратиме по пошта до среда или четврток. Зафаќа 56 страници, вклучувајќи ја и корицата, но нас пак ни се чини малку. Ни требаа цели четири недели за да го испечатиме, и како што се приближуваме кон староста, сè потешко ни е да печатиме со нашиот Гутенберг – стил на печатење. За време нашата посета за Пасха [Велигден] во Сан Франциско, ќе разгледаме линотип, особено кај еден свештеник – наш пријател, кој може да ни го продаде евтино. Се разбира, тогаш ќе треба да најдеме простор за него и да добиеме нов генератор, што ќе ни требаат два месеци, пред да можеме да го користиме; но ќе видиме.

Веќе еден месец сме во средината на пролетта, ладничко, но сончево, и чудо е да се види како животот повторно се појавува. Прекрасни се лисјата на дабот со розово-малинеста боја на цветот и жолти кластери. Исто така, откривме дека насекаде има рибизли, и се надеваме дека ќе имаме мармалад за кусо време. Двете верверички се преселија околу нашата кабина и се однесуваат како ликови од Волт Дизни. Тие доаѓаат и гребат на нашите прозорци, барајќи ореви, јадат од нашите раце, и притоа се обидуваат да си земат по еден прст со нив; се обидуваат со секаков трик да влезат во куќата каде што мислат дека мора да има купишта од ореви (една од нив успеа да влезе внатре криејќи се во тремот, а потоа избега кога еден од нас излезе); Морав да ги спасам од олуците на тремот, дури и се обидоа да се искачат до оџакот. Но, тие се добро друштво.

Утрово падна 6 инчи снег (15,24 см), а јас се плашам за нашиот кутар мал грашок, кој  само што почна да ѕирка низ почвата. Веќе втор пат како ја земам поштата надвор на снегот со лизгалки – навистина се брзи. Со снегов, се чувствуваме доста отсечени, исто и кога ветрот дува силно, како што дува скоро месец дена. Во близина нè опколи мала колонија на адвентисти, Адвентисти на седмиот ден, и тие ќе ни продаваат свеж зеленчук кога ќе немаме повеќе; тие, исто така, печателе весници во минатото, а ние ги разменувавме нашите со нивните. Тие не припаѓаат на самата секта, ги сметаат за отпадници, и со голем интерес имаат прочитано некои од нашите статии. Изгледаат како приземјени луѓе.

Каква е состојбата околу автокефалноста? Ништо не се дознава, освен нејасни гласини. Дали сте го виделе нападот на Маендорф за Синодот во последното издание на „Православна Црква“? Треба да се даде одговор, барем за доброто на тројцата архиереи кои бедно се клеветат. Дали  планирате одговор на тоа? Ако никој друг не одговори, ние ќе му напишеме отворено писмо. Целосниот текст, патем, на Шаховски за супер-политичката химна за пофалба на германската армија во 1941 година, неодамна беше отпечатен во „Православна Русија“ (додаток за март) – и таков човек се осмелува да зборува за “политиката во Црквата”?!

Ја имаме само иконата од отец Алипиј за Свети Серафим; Ве молиме да ни ги испратите другите две. Исто така, можете ли да ни испратите неколку свеќи? Како и неколку “партали”, на сметка на Пајсиј Величковски?

Ние напишавме молба до епископот Теодосиј во Алјаска за да се врати во Синодот, и сега се допишуваат со отец Дејвид Блек – добри луѓе, но недостасува одредена свест за нештата. Јас, сепак мислам, дека не сме го виделе последното дело од отец Герман за оваа година.

Молете се за нас.

Со љубов во Христа, нашиот Спасител,

Евгениј

p.s. Планираме издание за сè – Синодот подоцна во текот на годината, со долга статија од Владиката Јоан (16 страници). Исто така сакаме да објавиме нешто од грчка и / или мисионерска гледна точка, мислам на Каломирос –можеби едноставна статија за старокалендарците и нивните врски со Синодот. Нешто да предложите?

 

превод: Елена Богдановска