Од писмата на отец Серафим (Роуз). 9-то Писмо

14/27 јануари, 1964 г. Спомен на свети Сава Српски.

 

Драг во Христа, брате Глеб!

Денес наутро, му го препуштивме решението за нашето прашање на свети Сава и на нашиот Господ. Евангелското четиво за свети Сава (Јн. 10, 9-16) завршува вака: „И други овци имам, кои не се од ова стадо, и тие треба да ги приберам: и ќе го чујат гласот Мој, и ќе бидат едно стадо и еден Пастир“.

Во моето лично евангелско четиво (секој ден по една глава), денеска читав од св. Лука, 10 – тоа, ако се сеќаваш, беше истиот дел, што ми се отвори на среќа, и двајцата го читавме, кога се враќавме со воз од Кармел, речиси точно пред една година. „Потоа, им се јави Господ и на останатите седумдесет, и ги испрати по двајца пред лицето Своје во секој град и место, каде што сакаше Сам да отиде, и им рече: жетвата е голема, а работници малку; молете се на Господарот на жетвата, да изведе работници на Својата жетва. (…) Не носете ни ќесе, ни торби, ниту обувки, и никого патем не поздравувајте“.

А Џон, отвори случајно Псалтир, и прочита (36, 16, 19, 23):

„Подобро малку од праведникот, отколку големото богатство на грешните. (…) Во лошо време нема да се посрамат, и во дни на глад ќе се наситат. (…) Господ ги зацврстува стапките на човекот и мили Му се неговите патишта“.

Мислам, дека местото веднаш покрај новиот храм е прекрасно. Ако таму не можеме да постигнеме успех, никаде нема да можеме. Самата негова местоположба, веројатно, чини педесет долари месечно, кои се укажани во огласот. Разговарав со сопственикот и се договорив, да почнеме да плаќаме од 15-ти февруари, така што, три недели ќе го имаме бесплатно. Утре ќе ја платам киријата за првиот месец. Вечерва ќе разговарам со Заварин, но сигурен сум, дека нешто ќе можат да ни спуштат. Тие сакаат да го постават тоа прашање на собранието во недела, и можеби, и други ќе ни помогнат. Тие знаат неколку места во Париз, каде што може да се набават руски книги, при што еден од сопствениците би можел да ни ги дава книгите под истите услови, како и во Џорданвил. Нема причини да не успее нашиот потфат. Сега (теоретски) имаме 250 долари, и ни требаат (според моите пресметки) уште околу 250 долари, за да започнеме. Моли се! Ќе се видиме со тебе во петок.

Во Христа,

Евгениј.

 

p.s. Ќе треба да извршиш притисок на Џорданвил. Убеди ги, дека сум многу итар бизнисмен (!). Повторно поврзи се со Шура и Владимир, ако мора, тие нека ги паковаат книгите!

Џон вели, дека тоа е многу благопријатен ден за почеток на нашата работа. Со нас е Бог!

 

Поврзано: Од Писмата на отец Серафим (Роуз) – 8-мо Писмо