Oд Писмата на отец Серафим Роуз – 3-то Писмо

28 август/10 септември 1963 г.

Драга Нина [Секо – ред.]!

Помина околу една година од [твојата] последна посета, и веќе сме како туѓинци еден за друг. Секако, тоа пред сѐ е моја вина, зашто јас сум безнадежно неодговорен коресподент. Сепак, ќе се обидам да пишувам одвреме навреме, со надеж, дека и ти ќе го правиш истото.

Многу ме интересира твојата англо-јазична православна црква и би сакал да дознаам нешто повеќе за неа и за [вашиот] свештеникот. Иакo сум задоволен и со црковнословенскиот [јазик], и навистина се чувствувам повеќе како Русин, отколку Американец, разбирам дека не може истото да се очекува од многумина новообратени.  Навистина, една од најголемите потешкотии, со кои се сретнав во моите скромни мисионерски обиди, е јазичната и културната бариера. Луѓето се целосно фасцинирани од службите на словенски јазик, но било каков поблизок контакт со Црквата за нив останува незамислив. Какви успеси имала твојата црква? Дали имате некаква организирана мисионерска дејност? Знам дека Владиката Јован и отец Леонид (од Свето-Тихоновскиот институт) сакаат да започнат нешто од тој вид тука (т.е., мисионерска дејност), и Глеб има некакви свои идеи по тоа прашање. Но, досега ништо не е почнато.

Се сеќавам, минатата година ти реков дека оваа година за Божик ќе одам во Џорданвил. Но, бидејќи не успеав да поработам повеќе од пет месеци, собрав пари да се издружвам само до овој момен, и сега се вратив на работа (повторно како помошник келнер, но во едно попријатно место). Книгата што ја пишував е во многу понапредна фаза, иако сеуште далеку од готова. Излезе, дека таа станува истражување на последиците од атеизмот во споредба со последиците од верата (историски, психолошки, духовни, философски, богословски). Некогаш очајувам од тоа, што мојата работа станува премногу апстрактна и философска и никој нема да биде заинтересиран да ја прочита. Моментално работам на еден есеј (кој слично како книгата, исто така станува), за личноста и влијанието на папата Јован XXIII низ призмата на “Великиот Инквизитор“ на Достоевски, со што се надевам ќе го заинтересирам о. Константин.

 

Владиката Јован, како што [веројатно] имаш слушнато, беше востоличен како архиепископ Сан-Франциски, и иако треба уште многу да се направи за да се востанови вистински мир во епархијата, [сега] барем има некаков ред. Верувам дека работата над новиот соборен храм, конечно повторно започна. Меѓу нашите епископи, најмногу го сакам владиката Јован, иако речиси ми е невозможно да го разберам. Тој постојано е исполнет со некаков длабок мир и радост, што е благотворно за душата само да се биде во негово присусто. Во изминатите месеци бев присутен на неколку клучни моменти во изминатите месеци, кога Владиката беше опкружен од возбудена, расплакана, речиси хистерична толпа (знаеш какви може да бидат Русите!), но тој беше истиот како и секогаш, сеуште спокоен, па дури и радосен, одрекувајќи ги сите гневни обвинувања против други епископи и повикувајќи ги сите на духовен мир и послушание.

Владиката Сава беше тука неколку месеци, и направи многу во одбрана на владиката Јован. Тој сеуште има голема надеж за основање на манастир (иако Глеб, како и обично е песимистичен за тоа), но изгледа нема да направи ништо, додека не си замине од Едмонтон и додека не се смести за постојано на некое друго место. Тој бараше потенцијални монаси додека беше овде, но засега, само Џон е единствениот сигурен. Што се однесува на мене, треба да ја завршам книгата и да го видам Џорданвил пред да го направам мојот избор. Дали случајно познаваш некои потенцијални монаси? И какви се твоите планови, дали се поблиску до нивното остварување? Има многу малку луѓе кои размислуваат за монашкиот живот или го сфаќаат сериозно, дури и меѓу русите: на пример, мајка му на Глеб ми даде неколку многу “практични“ совети, зошто не треба да станам монах.

Неодамна, една девојка што ја познавав во колеџ, ми напиша, откако ја немаше неколку години. Веќе престанав да се надевам дека некогаш повторно ќе добијам од неа писмо, и околностите ме наведуваат да мислам, дека во ова обновување на контактот има духовна смисла – накратко, мислам дека нашиот Господ сака да ја привлече кон Светото Православие. Последниот пат кога ја видов, таа беше ревносна англиканка [припадник на англиканската црква], со висока духовна свест и голема љубов кон нашиот Господ. Истовремено, таа има некаква Достоевска импулсивност, која повремено ја води во чудни авантури. Додека постојано размислуваше да се замонаши, таа имаше неколку неуспешни бракови, за што вината не беше првично нејзина (нејзиниот сопруг едноставно ја напушти со нероденото дете); или пак, ако вината била нејзина, тоа би била нејзината прекумерно доверлива природа, која прерано се основа на првите впечатоци за луѓето. Моментално, таа живее на фарма со човек, со кого се омажила од очај и детето од претходниот брак. Изгледа дека е задоволна со оглед на можностите (разумно задоволна), и знам дека е способна многу да страда внатрешно, ако тоа е потребно, но иако нема инетелектуални сомнежи во Христијанската вистина, таа смета дека нејзината вера е речиси мртва. Ќе ѝ испратам книги и икони, веднаш штом ќе имам пари (таа им се радува), но она од кое има најголема потреба е контактот со вистински верници и едномисленици. Прости ми што те оптоварувам со сето ова, но ако чувствуваш во твоето срце дека можеш да го направиш тоа, те молам напиши ѝ нешто (те спомнав, но ништо не ѝ раскажав за тебе); само за да ѝ посведочиш дека сеуште постојат христијани (таа чувствува дека “нешто недостасува“ во Англиканската и Католичката црква, и беше воодушевена од вистинитоста на двете руски православни служби, на кои присуствувала). Сигурен сум, дека и двајцата ќе бидете наградени. Нејзината адреса е: Mrs. Charles Bradbury, Route 1, Ursa, Illinois. (Нејзиното име е Алисон).

Те молам, моли се за неа и за мене, недостојниот грешник, но собрат. Џон вети дека ќе пише во најскоро време. Ги чекаме и твоите писма.

Твој брат во Христа,

Евгениј