Откако Адам згреши пред Бога и се одалечи од Него гревот стана неразделен сопатник на секој човек. Тој зол тиранин кој што ја измачува секоја човечка душа, и нанесува крвави рани од кои што страда и се мачи секој земнороден.
Но, колку и да е голем гревот, колку и да ја притиска и измачува нашата душа, секогаш во пресрет ни доаѓа Добриот Самарјанин Кој е единствен Лекар и Кој вистински може да ја излекува нашата многу напатена и многу страдална душа. Единствен услов за тоа е, ние грешниците да го побараме тоа, бидејќи нашиот Господ и Бог ни дал слободна волја. А дека тоа е навистина така, дознаваме преку параболата за блудниот син:
„Еден човек имаше два сина. Помладиот од нив му рече на татка си: ’Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!‘ И таткото им го раздели имотот.“(Лука, 15, 11-12) Таткото е бескрајно, Многумилостивиот Бог, Кој сака секој човек да се спаси од гревот, смртта и ѓаволот, а двата сина се два вида на луѓе: постариот – горделивите „исполнители“ на законот, а помалиот – грешниците. Бог ни дава слободна волја и не н# присилува на ништо, а доказ за тоа е оваа парабола. Помладиот син посакал да се раздели имотот и тој да го добие својот дел и да замине од својот дом. Така и секој човек кој прелажан од ѓаволот, преку гревот доброволно отстапува од благодатта Божја и заслепен од своите гревовни страсти заминува во гревовен живот, во далечна земја, односно се одалечува од Бога. Но, за кратко време, благодатта е потрошена, кога човекот доброволно го прима и врши гревот, благодатта Божја отстапува, се одалечува Ангелот Чувар и во срцето се зацарува ѓаволот.
Така човекот ги потрошува сите духовни и телесни сили и настапува глад во душата на грешникот. Гревот и страстите повеќе не го задоволуваат, во душата владее пустош, тој се впуштил во сите гревовни сладострастија и сега тој ја чувствува нивната горчина. Кутриот грешник, почнува предвреме да се мачи и да ги чувствува адските маки. Но, заслепен од гревовната наслада, притиснат од многуте страсти и имајќи доверба кон своите помисли, со помрачен ум, тој оди уште подлабоко во калта и решава да се погоди со ѓаволот, само и само да се насладува со гревовните страсти. Гладен и жеден, но не за телесна храна и питие, бидејќи и во најраскошните дворци душата може да гладува и жедува, да умира, не наоѓајќи повеќе утеха во гревовниот живот, умирајќи од глад, човекот наеднаш си доаѓа на себе и почнува правилно да расудува: ќе се вратам при мојот Отец, но не како син по благодат, не, туку како слуга, и преку Светата Тајна Покајание и Исповед ќе побарам прошка од мојот Многумилостив Бог. Ќе Му речам: „Господи, згрешив пред Тебе и небесните ангели, пред Пресвета Богородица и пред сите светители, и не сум достоен да се наречам христијанин, но прими ме по Твојата безгранична милост.“ И штом во душата на човекот ќе засветли зрак на надеж во Божјото милосрдие и решителност за покајание и напуштање на гревовниот живот и објавување на војна на гревот, Бог Кој сè гледа и сè знае, Кој гледа каков стремеж има во човечкото срце, Самиот Он му доаѓа во пресрет, преку благодатта ја прегрнува и целива неговата душа, не му дозволува до крај да ги изговори покајничките зборови, со љубов и милосрдност не само што го прима неговото покајание, туку и повторно го облекува во најубава облека, во Својата благодат која што човекот ја изгубил кога го извршил гревот, и му става прстен на раката кој е печат на Светиот Дух и му го враќа синовското достоинство нарекувајќи го Свој син, и обувки, како знак на господство и богатство, власт над гревот и богатство во добродетели. И не само тоа, туку и го приведува кон Угоеното Теле, Кој е Синот Божји Кој што беше заклан за спасение на човештвото, преку Светата Евхаристија.
Не само Отецот, но и светите Ангели и светителите се радуваат за покајанието на секој човек. Но, постариот син кој останал во татковиот дом, исполнет со фарисејско-модернистичка гордост и екуменистичко лицемерие, гневен на Отецот поради милосрдноста и љубовта кон помалиот син, – тој е жива слика на книжниците и фарисеите, кои биле горди поради своето знаење и „строго исполнување“ на законот, а во душата студени и немилосрдни, а при тоа фалејќи се со исполнувањето на волјата Божја (на нив можат да им парираат само денешните академски „теолози“, кои што се заразени со болеста на модернизмот, кои во Црквата внесуваат соблазни, новотарии, и се дрзнуваат да ја „поправаат“ Светата Литургија исполнети со гордоста и суетата на постариот син кој е особено горд грешник, а се мами самиот себе дека е чесен човек), тој се враќа од нивата, се приближува до куќата и кога слуша радост и веселба, не влегува внатре во домот на својот Отец, туку го прашува слугата: што е тоа?, – навреден дека има веселба без него. Слугата му објаснува дека повод за оваа веселба е враќањето и покајанието на помалиот брат, но тој наместо да се израдува, тој се разгневил и не сакал да влезе.
Каков срам! Каква „праведност“ на постариот брат! Отецот и ангелите се радуваат, а само тој е помрачен од гнев и завист. Но, Милосрдниот Отец излегува и го моли да влезе и да земе учество во рајската веселба. „Колку добар, колку кроток Отец!“, воскликнува Св. Јероним Тридонтски. Но, постариот син почнал да прави сметка со Отецот, сметка со која сакал да го обвини Отецот. „Никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре за да се провеселам со моите пријатели“(Лука 15, 29), – еве ја и другата особина на „праведниот“ син! Тој не наоѓал радост во тоа што живеел заедно со Милостивиот Отец, туку напротив, тој барал други радости, дуги пријатели, жедта за веселби од која што се измачувал во домот на својот Отец покажува дека тој барал другари за гревовна наслада, а со тоа, со што се разликува од помалиот син?! Исполнет со гордост, тој својот брат го нарекува „овој твој син“, и на тој начин го презира покајаниот грешник и забодувајќи стрела на злоба во срцето на Отецот, тој го напомнува гревот на својот брат, и ете, тој повеќе не го смета за свој брат и се одвојува од него.
Тука лесно се препознаваат фарисеите кои што настојувале да се прикажуваат како луѓе со строг живот, кои не ја гледале својата греда, но затоа со изострен вид го гледале трнот во окото на својот брат. Како е можно овој син да е глув на молбите на својот Отец? Како може да е толку студен и жесток кон својот брат? „Синко, ти си секогаш со мене и се мое е твое, но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде“(Лука 15, 31-32), „и со ова Милостивиот Отец укажува, дека, фарисеите во чии што раце е Законот, секогаш можат да имаат пристап кон Бога, но поради своето изопачено и грубо духовно расположение, не можат да ја заслужат благонаклонетоста на Отецот Небесен“, – мудро објаснува Архиепископ Аверкиј (Таушев). А тоа се однесува и на сите горделиви и суетни изопачувачи на православната вера и благочестие. И навистина, голема е радоста на Небесниот Отец, голема е радоста на небесата за секоја човечка душа, која откако долго талкала, конечно го пронашла својот Милосрден Отец.
Иеромонах Атанасиј (Трајковски),
Свјато-Илинска пустина, Кожув, Македонија
27 февруари, 2016 година