Деновиве, прелета на интернет оваа многу убава и најмногу цитирана мисла од блажениот Августин. Императив, кој го дава најголемиот дар Божји кон човекот – а тоа е слободата, да прави што сака. И вродено му е на човекот да чувствува потреба да биде слободен, да прави што сака. Па затоа, веднаш ја прифаќаме оваа мисла и ја споделуваме – само што првиот дел, некако не го забележуваме.
Така, веднаш ќе се украсиме со надворешните знамиња на верата, сите одбираме некои благочестиви псевдоними, зад кои ја криеме нашата смиреност, и работиме „во слава Божја’… А во меѓувреме, ревносно плукаме по секој, кој малку поинаку размислува од нас, зашто похулил на нас (а преку нас, и на вистината), зашто ние сме непогрешливи во вистината и најдобро сме упатени за се: и во тоа како да се сака државата, нацијата, црквата, Бог. И во име на тоа, способни сме да го уништиме човек, притоа вешто миејќи ги рацете, дека сме работеле за Божјата правда.
Така, деновиве мета на напади беше човекот, кој 50 години служи во Црквата, а 35 години во архиерејски чин, митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар. Бесрамно потсмевање над 70 годишен старец, кој погрешно ги користел термините од нашето виртуелно општество (очигледно дека тие станале догма, штом толку ги допреле срцата на верните), користејќи го секој можен начин и случај да се исплука неговото име, да се покаже како немилосрден, лукав, среброљубив, изразувајќи се со секакви погрдни зборови за него, а истовремено, чувствувајќи се како работници на нивата Господова.
… Но, ќе настапи и време, кога секој што ќе ве убие, ќе мисли дека на Бога му принесува служба“ (Јн. 16, 2).
Да, дај Боже, тоа да не беше вистина, и ние (заедно со вас) да не бевме во кругот на убијците. Но, секогаш, кога безобѕирно осудуваме некого, и ги миеме рацете од својата вина, додека другите се исмеваат, сме од другата страна на крстот.
Животот е непредвидлив. Војникот кој Го убил Бога, Лонгин, станал маченик, а Пилат кој рекол невин сум јас за крвта на овој праведник [јас ништо не Му направив], никогаш не Го сретнал Бога. Млакоста е најголемиот непријател на покајанието.
Постојат само два патишта: кон човекот, и од човекот. Човекот кој се видел себеси, е поголем од оној што видел ангели, вели свети Исак Сирин. А само таков, човек може без маски (лажни профили) да застане пред Бога, и во покајание да каже: Господи помилуј, за сите.
Како може човек, кој го издигнува свештенството и старчеството како икона Христова, и ревнувајќи за неа, смело може да понижи секого од малите браќа, истовремено толку безобѕирно да осудуваат друг епископ? Каде е „порфирната наметка“ што еден „монах“ ја побара од владиката Петар, да ги покрие гревовите на другите, во последниве неколку месеци, кога тој е главна тема на озборување? Според кои критериуми човек осудува едни, а оправдува други „гревови“? Според Божјите, сигурно не, зашто власта не ни е дадена нам…
Но, ако осудуваме, да ја земеме одговорноста врз себе, и да не се криеме зад Божјата правда, зашто само тоа може да не направи убијци на Бога и на покајанието. Да го провериме својот живот и својата совест, пред да ги земеме на себе знамињата на правдата и да бараме признавање на нашата праведност. Да Го познаеме Бога, Кој умре на Крстот за сите нас, но поради нашата грешност, и тогаш може да правиме што сакаме. Зашто тоа сигурно нема да биде гревот…
А дотогаш, по зборовите на патријархот Павле: Да бидеме луѓе! – и да покажеме почит едни кон други.
Златко Дивјаковски
(личен став на авторот)