Евангелието на апостолот Јован започнува со зборовите, кои секогаш ги слушаме на Велигден: „Во почетокот беше Словото“, – Логосот Божји. Имено за тој возвишен почеток, тој и го добил неговото второ име Богослов. Обрнете внимание, дека Светото Писмо започнува со повеста за создавањето на светот од Словото Божјо. Очигледно, тоа е многу важен текст, штом со него започнува Библијата. Зошто тој може да биде значаен? Станува збор за тоа, дека таа не е само расказ за тоа, како бил направен светот. Главната вест, која ни ја носи Библијата – е веста за спасението. Денес, често го сфаќаме спасението само како избегнување на некаква казна. И често мислиме, дека Господ – е еден страшен судија, кој ги брои сите наши гревови и жестоко нè казнува. Но всушност, зборот „спасение“ во библиската традиција секогаш се разбирал како „обожение“ – соединување со Бога. Затоа, во делото на спасението, многу е важно како е устроено созданието. Зашто, самата онтологија на битието може да биде преобразена, соединета со Бога.
Денес, ние мислиме, дека овој свет е материјален и материјата се разбира како нешто спротивно на Бога. Но Откровението ни зборува за тоа, дека сета природа, направена од словото Божјо, направена е словесно, логосно, и токму затоа, таа може да биде преобразена и соединета со Бога. Митрополитот Антониј Сурожски – прекрасен пастир, и можеби еден од најголемите богослови од XX век – во своите беседи, често потенцирал, дека всушност, единствениот вистински материјалиам – е христијанството. Зошто? Затоа што за христијаните, воплотувањето Божјо – укажува на каква височина е повикана материјата на овој свет. Владиката Антониј зборувал за тоа, дека ние често го гледаме светот кој нè опкружува како мртов. Но, всушност, Бог, Кој е Живот, не може да прави ништо мртво. И чудата, кои често се случуваат во овој свет, не се насилство над природата, не е искажување на законите на природата. Тоа е откровение на она, што е сокриено во светот, искажено и придушено со гревот. Ние тоа не го гледаме, но во чудата се пројавува. И ете, најголемо чудо – велел владиката Антониј – е чудото на Евхаристијата, кои се прави денес во храмот. Ако ние сериозно веруваме, дека токму оваа материја, која ја сметаме мртва и инертна, спротивна на духот, всушност е таква, што може да биде соединета со Бога. Тоа преобразување се случува во храмовите секојдневно.
Денес сите добиваме образование. Барем средно. И тие знаења, кои ги добиваме во школо, нè тераат да мислиме, дека светот што нè опкружува е толку инертен и груб, и дека тоа е таа, единствена материјална реалност што постои. Но, всушност не е така. Се сеќавам, колку голем впечаток беше за мене тоа, што една сестра ми раскажа за тоа, какво откровение било за неа, новото видување на светот. Таа поверувала во Бога во доста зрела возраст. Нејзината младост поминала во советското материјалистичко време. Таа се навикнала да размислува дека материјата е мртва и инертна. Завршила факултет и го слушала курсот за научен атеизам. И кога се обратила кон верата, во неа цело време имало внатрешна провалија меѓу тој поглед на светот, кого го имала примено во детството и нејзината нова вера. Таа многу се молела и просела, Господ да ѝ помогне да го надмине тој внатрешен раздор. Така, таа ми раскажа, како, речиси цел месец, се разбудувала и почнувала да го гледа светот сосема поинаку. Таа го гледала светот не само како да се состои од тела. Таа гледала, дека сите мисли, грижи на луѓето, емоции, сите тие се исто толку реални, како и сè останато, тие се исто така словесни, како и Логосот, и тие исто така имаат влијание врз сета ткаенина на битието. Секако, може да се каже, дека тоа е индивидуален образ, субјективни доживувања. Но всушност, дури и она што ни изгеда физички тврдо, тврдо е само поради ограниченоста на нашето поимање.
Главно, ние го гледаме светот преку светлината, која паѓа во нашите очи. Но замислете си, да ги гледаме, не само светлината, туку и радиобрановите. Тогаш, ѕидовите за нас би станале проѕирни, луѓето би станале проѕирни, па дури би можеле да гледаме и низ земјата. Би виделе, дека светот не е толку мртов, туку сè е една жива ткаенина, создадена од Бога. И тоа доживување на светот како жива ткаенина, која ја сплел Творецот, во почетокот присуствувала во христијанската традиција. Преподобен Ефрем Сирин зборува за тоа, дека светот – е книга Божја. Истото го велат и свети Григориј Ниски и свети Василиј Велики. Свети Григориј Палама, чие православно богословие го достигнува самиот врв, го нарекол овој свет „писмо на самоипостасното Слово“.
Апостол Јован Богослов ни зборува за љубовта, за тоа, дека љубовта преобразува, но ни изгледа дека љубовта – е нешто случајно. Постојат реални работи, за кои единственото мерило им се парите. И често изгледа, дека парите – се речиси сè во нашиот свет. Но, дури и тие – што се всушност тие? Хартијата, сама по себе, нема вредност. Таа е мерило на вредноста, само затоа што постои договор. Ние едноставно сме се согласиле дека тоа чини толку, а тоа – толку. Пак се враќаме на словото. И денес доаѓаме до поимањето, дека светот не е толку инертен, како што ни изгледаше претходно. Интересно е тоа, што современата наука доаѓа до поимањето на она, што во христијанската традиција се појавило од словесната претстава за тоа, дека Бог дава откровение од два вида. Првото – е Библијата, а второто – самиот свет. И меѓу тие две книги, нема противречности, затоа што тие се создадени од еден ист автор. И така, денес науката постепено разбира, дека и најмалите стихии се како букви, од кои е напишан тој книжен свет. Тие се такви, што кога сакаме да дознаеме нешто за нив, тие дури и го менуваат своето поведение, зависно од тоа како гледаме на нив. То ест, дури науката, која уште пред сто години се гледаше како нешто спротивно на Црквата и противречно на верата, денес доаѓа до знаење дека сета природа е логосна.
Ние некогаш велиме: „Да, овој свет во зло лежи, тука сè се продава, сè се купува“. Но човекот, од гледна точка на библиската традиција, бил создаден како посредник меѓу Бога и сето создание. И тоа, каков е тој свет, зависи од нас. Да, секој од нас не може да го измени сиот свет, но менувајќи се себеси, менувајќи го своето внатрешно пространство, кое му е потчинето, ние го менуваме животот околу нас. Ако секој од нас се стреми кон тоа, животот навистина ќе се промени. Ќе се промени онтолошки. Не само затоа што ние ќе станеме подобри кон другите. Ќе се измени самата природа на овој свет. Преподобен Максим Исповедник еднаш рекол, дека на човекот лежи најголемата задача – собирајќи го сето создание во себе, тој преку созданието се соединува со Бога. Секој од нас е повикан на тоа.
Сме ги слушнале прекрасните зборови на апостолот и евангелист Јован Богослов: „Кој пребива во љубовта во Бога пребива, и Бог во него“. Јас мислам, дека ние денес треба да помниме, дека тоа не е само метафора, дека тоа не се само убави и прекрасни зборови, кои се кријат зад грубата реалност. Не, тоа се зборови, кои навистина говорат за онтологијата на созданието, за тоа како е устроен овој свет. И тоа е принципиелно важно за секој од нас. Ако ние со вас – сегашните и идните пастири – не се стремиме кон тоа, тогаш она што го проповедаме, нема да ја има вистинската смисла. Дај Боже, секој од нас да се стреми кон тоа, да пребива во Бога, Бог да пребива во нас, и преку тоа, да се менува и преобразува светот во кој живееме.